ВМРО-ДПМНЕ почнува со теренски активности по општините

Партиите полека го подготвуваат теренот за локалните избори наесен.

ВМРО-ДПМНЕ почнува со теренски активности по општините

ВМРО-ДПМНЕ почнува со теренски активности по општините каде се градат капитални проекти согласно владината програма, соопшти денеска премиерот Мицкоски. На брифинг со новинарите во реновираниот Клуб на пратеници најави динамичен период полн со проекти низ целата држава.

Почнати се подготовките и внатрепартиски средби со членството на различни нивоа во пресрет на локалните избори, информираше Мицкоски на брифинго, а во следниов период очекува да почнат разговори и за заеднички настап со партнерите ЗНАМ и „Вреди“. Кога имате коалиција природно е да има заеднички настап на локалните избори, во одредена форма, истакна премиерот.

Претходно, и вицепремиерот Изет Меџити од „Вреди“ во „Само интервју“ изјави дека ВМРО-ДПМНЕ и Вреди имаат план за заеднички настап –меѓусебна поддршка за градоначалници во првиот или вториот круг, додека пак советничките листи да им бидат засебни.

Од друга страна, од опозициската ДУИ се уште не ги откриваат своите адути и планови за локалните избори. Поранешниот технички премиер и екс собраниски спикер од ДУИ, Талат Џафери, по денешната прес-конференција не сакаше да открие дали ќе останат здружени во Европскиот фронт или ќе настапат самостојно.

-Не сум јас тој што треба да ги дава овие одговори, ќе се обратите до партијата, таму си има органи што водат сметка за се ова. Кога ќе има информации ќе бидете повикани, како што бевте и денеска, ќе бидете повикани на следните партиски средби таму каде што се носат одлуките, изјави Џафери.

Од СДСМ најдоцна до крајот на април планираат да ги објават кандидатите за градоначалници. Лидерот на партијата Филипче пред неколку денови изјави дека подготовките се во тек, а се разгледува и коалицискиот капацитет, но не со поранешните партнери ДУИ. Според него искуството покажало дека е потребно да се дистанцираат од нив.

Патник пали запалка за време на лет- авионот принудно слетал во Денвер (ВИДЕО)

Авион на „Фронтиер ерлајнс“ на домашна линија меѓу Канзас Сити и Феникс бил пренасочен кон Денвер поради необичен инцидент во кабината.

Патник пали запалка за време на лет- авионот принудно слетал во Денвер (ВИДЕО)

Имено, еден од патниците упорно палел запалка за време на летот и покрај постојаното предупредување од кабинскиот екипаж да престане и да ја предаде запалката, објави Aviation24.

На видеото кое брзо се појави на социјалните мрежи, може да се види како патникот ги игнорира барањата на екипажот, што предизвика загриженост за безбедноста на другите патници и персоналот. Капетанот, по последното предупредување кое исто така не вродило со плод, донел одлука да го пренасочи авионот до најблискиот аеродром - во овој случај, Денвер.

При слетувањето, патникот бил приведен од органите на редот, по што, според пишувањата на медиумите, бил префрлен во блиската болница на медицинска евалуација.

Членовите на кабинскиот екипаж секојдневно се соочуваат со предизвици во одржувањето на редот и безбедноста во авионот, особено кога станува збор за непредвидливи испади на патници. Авионот подоцна продолжил до првобитната дестинација.

Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 135 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствуваше и се обрати на настанот посветен на 135 годишнината од раѓањето на д-р Анастас Коцарев, познат онколог во светот, роден во Македонија.

Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 135 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев

Годишнината од неговото раѓање паралелно се одбележува во Скопје и во Париз, кадешто пред неколку години беше откриен неговиот гроб.

Настанот започна со едноминутен молк во чест на загинатите во катастрофалниот пожар во Кочани.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Деновиве недостигаат зборови и едно знам - додека сум жива ќе ги носам овој товар и оваа болка. Никогаш нема да ги заборавам.

Анастас Коцарев е доказ дека големите научници ја бришат разликата меѓу малите и големите држави и малото го прават големо.

Од една страна јас се чувствувам големо, голема и големо кога зборувам за Македонец од светски глас, а од друга страна ја сфаќам амбивалентноста на националната припадност кога зборувам за научник преселник, светски профил, чиј гениј е цивилизациско обележје и му припаѓа на светот, оти поседува ум, како што вели Тихон, побрз од светлината, знаењето и мислата што пропатувале низ вековите и денеска се со нас. Јас верувам дека и денес патува низ универзумот формирајќи го Коцаревото македонско-француско-швајцарско созвездие.

Отсекогаш сум верувала дека има нешто посебно во Охрид, не затоа што сум родена во Охрид. Анастас е посебен охриѓанец, израснат во старо, угледно семејство. Образовниот пат го почнал во родниот град, го продолжил во Солун, а дипломата по медицина и двата докторати ги стекнал едниот во Женева, другиот во Париз каде што станал асистент и доцент на универзитетската клиника. Кариерата го води во Париз, каде - ако не, кај професорката и директорката на Лабораторијата за радиум на Универзитетот „Сорбона“, нобеловката Марија Склодовска-Кири. За жак, починал млад во 1931 година, веројатно од смрт поврзана за неговата работа.

Оваа област во која тој е врвен, не ми е блиска и затоа сум восхитена. Знам дека неговата научна преокупација била дијагнозата и третманот на ракот со помош на радиумот, што јас го обвинувам за неговата прерана смрт.

Знам дека е првиот научник кој изработил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Но, не ми е многу јасно што значи тоа. Но едно е јасно. За нас Македонците, д-р Коцарев е познат како вистински, инспиративен zoon politikon, храбар, луциден македонски политички активист во Швајцарија и во Франција. Тој е иницијаторот, предводникот на обединувањето на македонските друштва во Цирих и во Лозана, во Заедничкото друштво на Македонците за независна Македонија, чијшто претседател станал. Веќе беше спомената Версајската конференција - да, тој е човекот којшто поднел барање за тричлена комисија којашто би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но и тој кој поднесувал бројни петиции за праведно решавање на македонското прашање.

Многупати сте ме чуле како се повикувам на Вилсоновото начело и на правото на самоопределување и не само историчарите, туку и ние политиколозите и правниците добро знаеме што подразбира правото на самоопределување. Впрочем врз основа на правото на самоопределување македонскиот народ влегува во југословенската федерација и врз основа на правото на самоопределување, повикувајќи се на него, си замина од неа. Колку за размислување. Сите знаеме дека самоопределувањето значи право на свој Устав, на име, на знаме, на химна, на политички систем. И тоа е нешто на што се повикуваме и се повикувавме и во случајот на Украинскиот народ и на Украина.

На неговиот прекрасен ум, Нобеловата награда за медицина, меѓу двете светски војни, му била на дофат.

Анастас Коцарев, сè уште, е цитиран пионир во радиографијата и онкологијата - тоа за мене го прави безвременски научник, личност на којашто човештвото, заради доброто што му го дал, многу ѝ должи.

За мене тој е олицетворение на моќта на науката, којашто не познава граници, а воден од максимата „ubi bene, ibi patria“, ама никогаш не ја заборавил својата patria, Анастас ги поврза Македонија, Франција и Швајцарија.

Мене ми е многу мило што и денеска овде се присутни францускиот амбасадор и швајцарската амбасадорка.

Она што сакам да го кажам е дека заедничкото македонско-француско-швајцарско чествување на великиот научник, во нивно присуство, токму ја манифестира и ја докажува огромната обединувачка моќ на науката. Затоа јас честопати велам дека инвестициите во науката се најдобрите инвестиции.

Анастас е охридскиот вруток на научната инспирација.

На париските откривачи на „Заборавените Македонци“ и на домаќините од Музејот на македонската борба за независноста во Скопје им посакувам успешно пишување на романот-река, како што велат Французите, на одисејата на многуте знајни и незнајни умови коишто порано или подоцна блеснуваат и се вгнездуваат во македонската историја.

Силно го поздравувам македонско-француското партнерство меѓу општината Бонди и Охрид, посакувам да видам улици и плоштади со негово име, сакам да застанам и да се поклонам пред спомен посветен на Коцарев, сакам да видам обележја со името на овој научен горостас.

Се разбира, копнеам раскошниот и бунтовен дух на Анастас Коцарев да се врати дома во Охрид!

На крајот една поука. Не знам дали е клетва, ама доцна дознаваме за најдобрите Македонци. Затоа, јас благодарение на Институтот за хемија имав можност да ја чујам видео пораката на Светлана Мојсов од Њујоршкиот Универзитет. И да откријам, да дознам дека и таа била дел од два тима што се одликувани со Нобелова награда за медицина и велам, да не треба ние навреме, бидејќи слушам дека повторно Светлана со нејзините истражувања во поглед на липидите и на дијабетесот има шанса да блесне како кандидат за Нобеловата награда, навреме да си ги заштитиме и да си ги почитуваме и да си ги славиме најдобрите", се наведува во соопштението.

Се огласи Макрон по средбата со Зеленски: Агресивноста на Русија има директно влијание

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз на прес-конференција со неговиот украински колега Володимир Зеленски изјави дека Европа стои зад Украина.

Се огласи Макрон по средбата со Зеленски: Агресивноста на Русија има директно влијание

„Руската агресивност има многу директно влијание врз нашата безбедност во Европа. Ние сме во одлучувачка фаза да ставиме крај на агресијата. Го поздравувам претседателот Трамп и неговите напори за прекин на огнот“, рече Макрон, според парискиот весник „Фигаро“.

Макрон рече дека 30-дневниот прекин на штрајковите врз енергетската инфраструктура во Украина е „прв чекор“.

„Русија ја покажа својата подготвеност да води војна и да продолжи со својата агресија. Ја чекаме посветеноста и согласноста на Москва за 30-дневен прекин на огнот без предуслови“, рече Макрон.

Тој најави дополнителни две милијарди евра помош за Киев и испорака на ракети земја-воздух Мистрал, тенкови АМКС-10 РЦ и муниција.

За време на заедничката прес-конференција во Париз, Зеленски ја пофали „непоколебливата поддршка на Париз за Украина“ и го нарече Макрон пријател.

„Нашата соработка станува сè поконкретна. Сакам да ги истакнам напорите на Франција да ја обезбеди нашата одбрана од руските напади. Ги видовме вашите борбени авиони Мираж во акција и тие станаа дел од нашиот воздушен штит против руските беспилотни летала“, рече Зеленски.

Тој изрази благодарност до Европа за поддршката на одбраната на Украина, нагласувајќи дека е важно секоја земја да може да ја развие својата одбранбена индустрија.

„Колку повеќе се произведува оружје, толку повеќе загуби од нашите животи ќе бидат спасени“, рече Зеленски, коментирајќи го создавањето на европска сила способна да ја одврати секоја идна руска агресија.

Во договорот постигнат во Саудиска Арабија со посредство на САД, Русија и Украина се обврзаа да ја осигураат безбедноста на пловидбата во Црното Море, да ја елиминираат употребата на сила и да спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели.

притисни ентер