ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во остра вербална „војна“ по изјавата на бугарската министерка за „северномакедонски“ партнери - Канал 5

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во остра вербална „војна“ по изјавата на бугарската министерка за „северномакедонски“ партнери

Продолжува жестоката реторика мегу власта и опозицијата околу ЕУ и Бугарија..  

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во остра вербална „војна“ по  изјавата на бугарската министерка за „северномакедонски“ партнери

Реториката мегу Вмро Дпмне и сдсм дополнително ја вжешти изјавата на шефицата на бугарската дипломатија Петрова-Чамова во Брисел која го искористи терминот „северномакедонски“ партнери, ПО што македонското МНР вчера го повика и му упати усмен демарш на бугарскиот амбасадор во земјава Жељазко Радуков. Од владејачката партија упатија критики кон лидерот на СДСМ, Филипче, обвинувајќи го дека има исти позиции со официјална Софија за уставните измени, за што според партијата е уценет, како што велат, да ги поддржува бугарските барања.

-Пиунот на Радев, Венко Филипче, нема ништо против да бидеме нарекувани северномакедонци. Филипче е поголем негатор на Македонија и македонскиот народ, дури и поголем од Заев и од Бугарија и тамошните власти кои не нарекуваат „северномакедонци’’. И кога мислевме дека не може подолу, Филипче повторно вели, зошто да не ги внесеме Бугарите во уставот, кога тоа не е никаков ризик, ниту пак го загрозува нашиот идентитет. Сето ова, додека бугарската министерка Петрова Чамова вели дека сме „северномакедонци’’, изјави Валентин Манасиевски.

Ние од СДСМ не работиме за туѓи интереси туку за македонските интереси, возвратија од опозициската партија. „Кога организираната криминална група ВМРО-ЗНАМ почнува да зборува „бугарофили“ за СДСМ, тоа е класичен случај на проекција, бидејќи половина од оваа коалиција имаат бугарски пасоши, ОБВИНУВААТ ОД СДСМ од каде додаваат дека власта намерно ја изолира земјата од ЕУ, спротивно на, како што велат, идеалите на Гоце Делчев.

-Гоце Делчев би се гадел од ВМРО-ОКГ и Мицкоски. Гоце Делчев денес би бил борец за Европска Унија, а не за политика која нè враќа во 90-тите години, политика на поделби и деструкција. Денес ВМРО-ОКГ води политика на вештачки конфликти со соседите, на поделби во општеството и на блокирање на европскиот пат. Тие го користат името на Гоце Делчев за своја пропаганда, а истовремено ја држат Македонија како заложник на својата криминална организација, велат од СДСМ.

Различните толкувања и изјавите по првиот контакт меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Муцунски и Петрова-Чамова на Советот за надворешни работи во Брисел пред два дена не влеаја некоја поголема надеж за односите меѓу двете земји, а нејзината изјава со употреба на придавката „северномакедонски“ дополнително ја вжешти атмосферата на домашната сцена.. Чамова Петрова го повтори ставот на Софија – дека исполнувањето на договореното од 2022 година за нив веќе не е билатернално прашање туку прашање на дискусија меѓу ЕУ и Македонија.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: ВМРО-ОКГ го објави својот пад-сега нека ги објави вистинските бројки за СДСМ

Во нивната анкета стои 19,3 проценти. Од околу 32 на изборите, пад на 19. 

СДСМ: ВМРО-ОКГ го објави својот пад-сега нека ги објави вистинските бројки за СДСМ

Зборуваат за убедливо водство, а бројките покажуваат пад на поддршката.

41 процент нема да излезат, не знаат или не сакаат да одговорат. Тоа не е водство.

Невозможно е повеќе да се скријат секојдневните лаги.

Економијата е во колапс. Втор ребаланс за четири месеци, трет најавен. За пензиите фалат околу милијарда, а вториот пензиски столб нема пари.

Во буџетот фалат 1,3 милијарди. За две години долг од околу 4 милијарди, повеќе од половина од независноста. Нема зголемување на минималната плата. Левица, нивниот сателит, не влезе ни во салата.

Ова е дипломатија на намерни конфликти. Целосна изолација. Нема поле каде што се успешни. Народот ги виде лагите со кои дојдоа на власт.

Нема веќе предавање на национален интерес. Единствен предавач е организираната криминална група ВМРО и арамијата Мицкоски.

Тимчо Муцунски потврди - Билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка. Преспа, вели Мицкоски е ремек-дело. Сиљановска: идентитет, јазик и култура се заштитени. Европа го потврди тоа. Последна во низата, претседателката на Комисијата, рече не се преговара со Бугарија, се преговара со ЕУ.

Намерни провокации: прво фашисти, па коњопој, пред средба на Муцунски со бугарската министерка.

Условот за кандидатите за ЕУ е соработка со независното обвинителство и соработката со Лаура Ковеши. А потоа, некој мора да понесе одговорност.

Затоа е паниката. Затоа платеници- ЗНАМ, кои што ја предаде партијата па гласачите и Платформата, ЗНАМ 2.0, за 1,6 милиони тендер. Руската Левица, која е анти-ЕУ, анти-НАТО, против стратешкиот партнер Америка, кои што не гласаа за платата на работниците.

Целта е да ја запрат единствената опозиција.

СДСМ ја враќа довербата токму сега, кога граѓаните знаат дека сè било лага.

Секој ден гледаат задолжување, провизија, рудник за трговец со оружје, дата центри за туѓа дигитализација, провизија за арамијата.

За народот вели талог, глодари, медиокритети, а за себе елита и институција.

Најпосле ВМРО го призна падот. Вистинскиот е поголем. Повеќе не можеше да се штелува, затоа што и за ова веќе никој не им верува.

Се сеќавате на анкетите во Унгарија. И на изјавите на ВМРО за победа на менторот на Мицкоски и заштитникот на бегалец Грујевски - Виктор Орбан. Што се случи?

Народот победи.

Наскоро народот ќе победи и тука. Власта ќе биде во рацете на граѓаните.

Нема анкета што ќе ги спаси од правдата. Од неа не се посилни.

Скопје, 10.10.2026

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Поезија од Мозамбик во срцето на Прилеп

„Да живее Македонија, да живее Мозамбик“, слемираа Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре, гостинките слемерки од Мозамбик, на фестивалот „Поетски слем Македонија“, кој четири дена се одржува во Прилеп.

Поезија од Мозамбик во срцето на Прилеп

Во полната сала на киното „Мис Стон“, публиката имаше можност одблизу да го почувствува пулсот на Африка, со поезија во која беа испреплетени традицијата и современите социјални горливи расни, политички и родови прашања.

Елијане Лусија Леонардо Бутелане е писателка, слемерка и активистка од Мапуто, Мозамбик, добитничка на повеќе национални книжевни награди и признанија, како и национална претставничка на својата земја на Светското привенство во слем -поезија во 2025 година, кое се одржа во Париз, Франција.

Наташа Сокре е писателка, активистка, слемерка од Мапуто, Мозамбик, голем борец за човекови права, чиј збор поттикнува поголема општествена свесност за правата на жените, децата, родовата еднаквост и социјалната неправда. Повеќе пати ги освојува првите три места на поголем дел од слем-натпреварите во Мозамбик.

Покрај настапот на гостинките-слемерки, втората фестивалска вечер се одржа и полуфиналето за слем-поезија, на која најмногу поени добија Стефанија Граовац, Тони Павлески и Лилјана Сливоска. Тие вечерва во финалето ќе се натпреваруваат со Валерија Дамчевска, Матеј Петров и Јован Лешев, кои добија најмногу бодови на настанот по повод Светскиот ден на слемот, кој се одржа на 26 септември во Скопје.

Третиот фестивалски ден ќе се одржат и неколку поетски промоции на книги, како и главното слем-натпреварување.

Промоција на збирка поезија од Марија Грубор, чија промоторка ќе биде Елена Пренџова, ќе се одржи во клуб „Дипломатик“ со почеток во 18 часот.

Фестивалот свечено ќе се отвори со слем-караванот, кој ќе почне на прилепскиот плоштад (кај Саатот) и ќе се движи до НУЦК „Марко Цепенков“.

Ќе се одржи и промоција на книгата „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески, а промотор ќе биде Ѓоко Здравески.

Главното слем-финале ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 21 часот, по што следи концертна промоција на збирката „Пружини“ од Пијан Славеј (Бранислав Николов), заедно со „Хот џез оркестра“.

„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.

Годинешниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и на Светското, а како подарок ќе добие часовник од брендот „11и11“.

Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп.

Дизајнотот на плакатот е на уметникот Владимир Лукаш.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Димитриеска-Кочоска: Задолжувањата согласно планираното, јавниот долг останува во рамки на проектираното

Задолжувањата согласно планираното, јавниот долг останува во рамки на проектираното, Еврообврзницата во наредната година може да се реализира во 2 дела .

Димитриеска-Кочоска: Задолжувањата согласно планираното, јавниот долг останува во рамки на проектираното

Нивото на јавниот долг останува во рамки на проектираното и Фискалната стратегија. До крајот на годината ќе се реализираат задолжувања само што се планирани во Буџетот и Ребалансот. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во телевизиско гостување.

„Министерството за финансии не може да се задолжува дополнително ако тоа не е предвидено со Буџетот и Ребалансот“, рече министерката и појасни дека заради промена на состојбата на пазарите е направено задолжување на меѓународниот пазар и дека генерално со домашно задолжување ќе се заокружи дефицитот за годинава.

Наведе дека се следат состојбите, се прават калкулации и се избираат опции за пониски камати. При тоа посочи дека до крајот на годината нема да има издавање на еврообврзница.

„Ги разгледуваме состојбите. Издавањето на Еврообврзницата ќе зависи од состојбите на пазарот. Неизвесноста е голема и затоа ја разгледуваме и можноста за следната година да издадеме 2 еврообврзници или да имаме два различни типови на задолжување. Не сме одлучиле дека ќе биде во јануари, може и февруари. Но како и да е секако еден дел обврзница треба да имаме за да може да ја сервисираме Еврообврзницата издадена во 2023 година, а која доспева во 2027 година која беше со каматна стапка повисока од 6%. Значи дека каматната стапка тогаш била поприлично висока“, посочи министерката.

Во интервјуто се осврна на Ребалансот на Буџетот којшто беше усвоен од страна на Владата. При тоа се посочи дека капиталните расходи кај кратењето е по основ на КАПЕФ механизмот, односно дека има одложување на проекти кај кои нема реализација согласно планот, а дека нема кратење на проекти кои што имаат редовна динамика на реализација.

За инфлацијата изрази очекувања дека ќе се стабилизира, додека во врска со подготовката на Буџетот за наредната година посочи дека се работи и дека ќе се движи во рамки на Фискалната стратегија, а од проритети ќе бидат здравството.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер