Владата овозможи откуп на државното земјоделско земјиште со оранжерии

 Владата на последната седница донесе Одлука за склучување договор за продажба на државно земјоделско земјиште врз кое има изградено оранжерии и помошни објекти.

Оваа Одлука, како што соопшти денеска на прес-конференција портапролот на МЗШВ, Соња Јанковска, е согласно Јавниот повик објавен во ноември лани на кој конкурира 14 компании, а осум ги исполнија условите.

-Откако оваа Одлука ќе биде објавена во Служен весник, Министерството за земјоделство ќе пристапи кон потпишување на договорите со сопствениците на оранжериите. На Повикот, осум компании ги исполнија условите. Процената на купопродажната цена на земјиштето ја врши Бирото за судски вештачења според Методологијата за пазарна вредност на земјоделското земјиште, донесена минатата година, истакна Јанковска.

Сопствениците на оранжерии ќе можат да си го купат земјиштето на кое се наоѓа оранжеријата, а кое во моментов е во државна сопственост. Со тоа ќе добијат имотни листови и ќе можат да инвестираат во проширување на објектите. Ќе можат да подигнат и кредити за нивно реновирање и модернизација.

-Со стекнувањето имотен лист на сопствениците ќе им се овозможи да конкурираат и за ИПАРД средствата, а крајниот ефект ќе се почувствува врз целото земјоделство, подвлече портпаролката.

Лазарини: Од Рафа избегаа 800.000 луѓе, нема безбедно место во Газа

Од почетокот на израелската копнена операција во Рафа на 6 мај, од овој град избегнале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини.

Тој посочи дека луѓето се кријат во урнати згради, во области каде што е прекинато водоснабдувањето, а санитарни јазли не постојат.

„Кога луѓето бегаат, тие се без безбеден премин или заштита. Секој пат се принудени да ги остават зад себе неколкуте работи што ги имаат: душеци, шатори, прибор за готвење и основни потреби што не можат да ги понесат со себе или да платат транспорт“, истакна Лазарини на платформата Икс.

Тој нагласи дека Ал-Маваси, наводната безбедна зона во близина на Рафа, всушност е песочна област со големина од само 14 квадратни километри, во која се наоѓале 400.000 луѓе пред последната израелска ескалација. /МИА

Северозападна Индија ја зафати топлотен бран, температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен

Топлотен бран зафати делови од северозападна Индија, а главниот град Њу Делхи е ставен во состојба на готовност поради опасно топло време.

Температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен Целзиусов, а блиските држави Пенџаб, Харајана и Раџастан исто така забележаа пораст на температурата што се очекува да се задржи во следните неколку дена.

Индискиот метеоролошки оддел ги предупреди луѓето да не излегуваат на Сонце во попладневните часови, да пијат многу вода и да носат соодветна облека. На ранливите лица, особено на постарите, им е препорачано да не излегуваат надвор.

Во април, мај и јуни секогаш има високи температури во поголемиот дел од Индија, но жештините станаа поинтензивни во текот на изминатата деценија./МИА

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

притисни ентер