Владата не стравува од содржината на францускиот „нон-пејпер“

Францускиот нон-пејпер за пристапните преговори, утре ќе го има првиот тест пред Советот за општи работи во Брисел.

Француската нацрт-методологија за членство во ЕУ, ден пред да биде разгледана во Брисел, стигна и во Секретаријатот за европски прашања. Вицепремиерот Османи вели дека во предлогот кој го добил од амбасадорот Тимоние, гледа само позитивни услови за членство во Унијата. Според него, позитивно е тоа што Франција за брзо време ја разработила методологијата со која смета дека земјава може само да зајакне на патот кон членство. Со слични пораки и францускиот амбасадор во земјава Тимоние, кој додаде дека неговата земја во ниту еден момент не била против интеграцијата на земјите од Западен Балкан и дека целта била создавање на нов пристап кој би ја зацврстил Унијата и земјите кандидатки.

Шведската шефица на дипломатијата која денеска е во посета на земјава вели дека нивната анализа на нацрт-методологијата се уште не е готова. Со слична порака и македонскиот министер Димитров, кажа дека првите коментари ќе дојдат по севкупната анализа на францускиот предлог.

Францускиот предлог предвидено е утре во Брисел да се најде на седница на советот за општи работи, каде меѓудругото се очекува да стане збор и за земјава. Сепак, од седницата на советот не се очекува да бидат донесени заклучоци. Според документот, од Европската Комисија се бара до Јануари идната година да објави нова методологија за пристапниот процес, која би се применувала во отворањето на преговори со земјите – кандидатки.

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

Ханија: Хамас го проучува примирјето „во позитивен дух“

Хамас во „позитивен дух“ го проучува предлогот за примирје, до кој се дојде со посредство на Египет, изјави денеска лидерот на палестинското движење, Исмаил Ханија.

Ханија во телефонски разговор со шефот на египетското разузнавање Абас Камел кажа дека преговарачите на Хамас ќе се вратат „што е можно поскоро“ во Египет за да ги завршат актуелните разговори за прекин на огнот.

Во моментов се чека одговорот на ова палестинско движење на предлогот за прекин на огнот, што предвидува примирје во израелските воени операции, проследено со размена на заложниците киднапирани за време на нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Израелската влада, од своја страна, денеска го обвини Хамас дека го попречува договорот со тоа што одбива да направи отстапки.

-Единственото нешто што го спречува договорот е Хамас. Хамас само ги заострува своите услови и се крие зад неразумните барања, изјави портпаролката на израелската Влада, Ракела Карамсон.

Таа повтори дека Израел продолжува да се подготвува за голема офанзива на Рафа, град што се наоѓа на крајниот југ од Појасот Газа, и покрај противењето на меѓународната заедница. /МИА

притисни ентер