Влада: Спроведуваме серија мерки и најголема инвестиција до сега во заштита на животната средина

Владата на Република Македонија целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и граѓанските организации предизвикана од загадувањето на воздухот, и ја споделува загриженоста.

На крајот на минатата година го донесовме Планот за чист воздух и борбата против аерозагадувањето влезе во стратешките приоритети на Владата. Освен што ја изразува јасната политичка волја да се справи со овој проблем кој е таложен со децении и за кој ништо не беше преземано во минатото, планот предвидува сеопфатен и координиран пристап за спроведувањето на мерките, во партнерски однос на владините институции, граѓанските организации, деловните компании и меѓународните организации.

За прв пат се издвојуваат посебни буџетски средства исклучиво за намалување на аерозагадувањето кои во годината што изминува, вклучително со различните активности на сите одделни министерства поврзани со заштита на животната средина, достигна 20 милиони евра. Во рамките на тој буџет, во тек е спроведувањето на најголемата поединечна инвестиција во историјата на земјата за грижа за животна средина со издвојување на 10 милиони евра за инвертер клими кои ќе ги заменат печките на дрва и нафта во 10.000 домаќинства во Скопје, Битола, Тетово и Кичево.

Воспоставен е протокол за спроведување на краткорочните мерки при надминување на прагот на алармирање, со ревидирани прагови на алармирање за стартување на мерките од 5, односно 10 дена, на драстично намалени 2 дена со зголемени вредноста на прагот на аерозагадувањето.

За стимулирање за користење на топловодната мрежа и поврзување на нови објекти го намаливме данокот на додадена вредност од 18% на 5% за испорака на топлинска, а Регулаторната комисија донесе одлука дека корисниците што беа исклучени од парното да не плаќаат за повторно приклучување.

Во рамки за Програмата за намалување на аерозагадувањето 2019 (Планот за чист воздух), во 45 градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти се реализираат постапки за замена на загадувачките системи за затоплување. Во 28 објекти се инсталирани системи за енергетската ефикасност во најзагадените градови. Во 11 објекти е спроведена програмата „Зелен лист – воздух чист" за уредување на урбани зелени површини во градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти во општините. За 38 јавни институции се набавени пречистувачи за воздух во внатрешни простории. На 108 објекти во општините се инсталирани фотоволтаични системи.

Оваа година, и на почетокот на идната ќе заврши примарната гасоводно структура и ќе започне реализацијата на секундарната за гас до домаќинствата и компаниите.

Со измените на Законот за возила се предвидени субвенции за електрични и хибридни возила, за вградување гас за одреден тип на возила, субвенции за замена на стари возила и е зголемена контролата на издувни гасови од возила при регистрација на возилата во техничките станици.

Градот Скопје доделува субвенции на домаќинствата и други субјекти за чистење на оџаци и за промена на скоро сите стари фасади на административни објекти со нови и енергетски ефикасни фасади; Обезбедена е набавка и поставување на 562 пречистувачи на воздух во училиштата и субвенции за набавка на велосипеди и електрични тротинети. Обезбедени се бесплатни паркинг места за електрични автомобили и изградени се 14,6 километри велосипедски патеки. Се исчистија 300.000 тони отпад од диви депонии и се обновија 50% од зеленилото во градот или 116.000 м2 зелена површина. Се спроведоа инспекции на сите инсталации кои поседуваат Б дозволи за работа пред почетокот на грејната сезона.

Владата на Македонија внимателно ќе ги слушне и ќе ги прифати сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во „Марш за чист воздух" и во таа насока е отворената покана за средба во Владата во понеделник на 2 декември, за што претставниците на еко иницијативите ќе бидат директно комуницирани.

Сектор за односи со јавноста на Владата на Македонија

Младите и пчеларството во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на пчелата

Светскиот ден на пчелата - 20 Мај годинава ќе биде одбележан под темата „Младите ангажирани во заштита на пчелите“. 

Одбележувањето на Светскиот ден на пчелата ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ во населба Автокоманда и на платото пред Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во чиј круг се наоѓа и „Паркот на пчелата“, кој е во фаза на изградба.

Организатори се хуманитарната и развојна организација АДРА Македонија, со финансиска подршка од Амбасадата на Република Словенија и со поддршка од општината Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, заедно со децата од градинките на територија на општината и студентите од факултетот.

- „Младите ангажирани во заштита на пчелите“ ја истакнува важноста од вклучување на младите во активности за промовирање на пчелите и пчеларството, и воопшто, во зачувување на опрашувачите, препознавајќи ги како идни чувари на нашата животна средина. Истовремено, ја нагласува глобалната потреба од соработка за ангажирање на младите во заштитата на овие инсекти од витално значење. Со тоа ја штитиме безбедноста на храната и овозможуваме стабилен земјоделскиот сектор и се бориме за зачувување на биолошката разновидност, се вели во соопштението од АДРА Македонија.

Предвидена е богата програма во која акцент е ставен на учеството на младите, ќе биде проверено нивното знаење за пчелите и пчелните производи, ќе биде одржана ликовна колонија на теми посветени на пчелите, ќе бидат засадени медоносни растенија во „Паркот на пчелата“. Ќе бидат поставени богати штандови со пчелни производи, сѐ со цел пошироката јавност да се запознае со огромната улога што ја имаат медоносните пчели во опрашувањето на растенијата, како и во производството на пчелните производи.

Меѓународниот ден на пчелата се слави на 20 мај, роденденот на Словенецот Антон Јанша, основоположникот на модерното пчеларство (1734-1773). Предлогот на Словенија за воведување на Меѓународен ден на пчелата бил едногласно прифатен на Генералното собрание на ООН на 20 декември 2017 година.

Со одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, АДРА Македонија со своите партнери се приклучуваат кон кампањата за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која здружението Македонска пчела (MacBee) ја започна пред неколку години под слоганот „Одгледувам македоника, одгледувам наше“. /МИА

САД: Можни се терористички напади врз претставници на ЛГБТ заедницата ширум светот

 Владата на САД ги предупреди американските државјани да бидат внимателни поради евентуални терористички напади врз претставниците на ЛГБТ заедницата ширум светот.

- Поради потенцијалниот ризик од терористички напади, демонстрации или акти на насилство против американските граѓани и интереси, Стејт департментот ги предупредува своите граѓани во странство да покажат зголемена будност, се наведува во соопштението.

Исто така се наведува дека постои потенцијален ризик од насилство врз ЛГБТ заедницата инспирирано од странски терористички организации.

- Американските граѓани треба да бидат внимателни за време на маршевите на ЛГБТ заедницата, наведува Стејт департманот./МИА

Баку: Франција да престане со неоснованите тврдења против Азербејџан

Министерството за надворешни работи на Азербејџан вчера ги отфрли „навредливите обвиненија“ и повтори дека Баку не е поврзан со протестите во Нова Каледонија.

- Наместо да го обвинува Азербејџан дека наводно ги поддржува протестите за независност во Нова Каледонија, Франција треба да се фокусира на неуспешната политика на прекуокеанските територии што доведе до такви протести. Уште еднаш ја повикуваме Франција да престане со неоснованите тврдења против нашата земја, истакна портпаролот на азербејџанското МНР, Ајхан Хаџиев.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на 15 мај го обвини Азербејџан за мешање во политиката на пацифичката територија Нова Каледонија.

- Ова не е фантазија … Жалам што некои од сепаратистите се договорија со Азербејџан … дури и ако има обиди за мешање … Франција е суверена на својот сопствена територија, истакна Дарман.

Но, Дарманин не презентираше докази за вмешаноста на Азербејџан во немирите на Нова Каледонија.

Француската единица за откривање дезинформации преку интернет, „Вигинум“, формирана како одговор на руските активности во Африка, објави извештај во кој се идентификувани најмалку 86 азербејџански профили кои на платформата Икс шират антифранцуска пропаганда.

Немирите на Нова Каледонија почнаа на 13 мај поради уставната реформа, која предвидува промени на изборниот закон на француската територија. Националното собрание во Париз усвои реформа со која на илјадници француски граѓани, кои пред најмалку 10 години се преселиле на јужниот пацифички архипелаг, им се дава право на глас на локалните избори, а со тоа и поголемо политичко влијание. /МИА

притисни ентер