Влада на Шпанија: Каталонските лидери го отфрлаат обидот за дијалог

Шпанската Влада ги обвини каталонските лидери, кои се залагаат за независност на покраината, дека ги отфрлаат нејзините обиди да започнат дијалог со цел решавање на сепаратистичката криза меѓу Мадрид и тој богат регион.

Заменичката на шпанскиот премиер Кармен Калво рече дека групите кои се залагаат за независност на Каталонија ја отфрлија рамката за преговори, што ја предложи Владата, бидејќи сакаат на дневен ред да се најде референдумот за независност, што Мадрид не го прифати.

„Со години бараа дијалог. Го направивме тоа. Ако тоа не е доволно, мора да прекинеме“, изјави Калво.

Отфрлувањето на преговарачката рамка доаѓа во пресрет на гласањето за буџетот за 2019 година, што ќе се одржи следната недела, а кое, како што оценуваат медиумите, најверојатно ќе пропадне без поддршка од каталонските партии.

Доколку предлогот на буџетот не биде одобрен, Шпанија треба да одржи вонредни парламентарни избори оваа година, што опозицијата и претходно бараше, критикувајќи го планот за почнување преговори со каталонските сепаратисти.

Јавниот превоз во Скопје денеска по неделен возен ред

Поради празникот 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, денеска  јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред.

Од ЈСП Скопје информираат дека жичницата ќе работи со вообичаено работо време, а дежурни ќе бидат две билетарници. Од 7 до 14 часот ќе работат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

Од јавното претпријатие додаваат дека жичницата ќе работи два часа повеќе од досега, односно од 10 до 20 часот.

-Во период од 19-19.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 19.45 часот е последно возење од врвот надолу, велат од ЈСП Скопје.

Работното време е согласно со Одлуката за работно време на Жичарницата во период мај – септември.

ЦУК апелира до граѓаните на внимателност при палење оган на отворено

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните на внимателност при палење оган на отворено за Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај.

-За првомајскиот празник традиционално граѓаните излегуваат во природа и на излетнички места. Апелираме за внимателност при палење оган на отворено за првомајскиот празник, како и секогаш кога се престојува во природа. Ако се пали оган на отворено при одењето на излет, таму каде што нема посебно направени огништа за правење скара, тоа да се прави внимателно и пред заминување од местото, обврзно да се изгасне жарта од огнот, велат од ЦУК.

На првиот ден од мај променливо облачно и топло, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Во Скопје променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.

Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во четврток и петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.

Дневната температура од четврток до сабота ќе биде во постепено опаѓање.

притисни ентер