Вкупно 57 случаи на голема кашлица во Скопје, засега нема мали сипаници

Добрата вест е дека е зголемен интересот за вакцинација, а тоа го покажуваат и бројките. 

Во Скопје се евидентирани вкупно 57 случаи на голема кашлица сезонава, нема регистрирано мали сипаници, овие податоци се заклучно со 22 февруари, потврди за МИА, доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.

Дека е зголемен интересот за вакцинација против пертусис, народски позната како голема или магарешка кашлица, потврди вчера заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева, по посетата на поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.

- Добрата вест е дека е зголемен интересот за вакцинација, а тоа го покажуваат и бројките. За период од 01.01-08.02.2024 година имало 669 вакцинирани деца од предучилишна возраст, во следниот период, односно од 09.02 - 21.02.2024 година се вкупно вакцинирани 872 деца. Исто така, комплетно вакцинирани со пертусис на училишна возраст во периодот од 01.01-08.02.2024 година биле 127 деца, а во следниот период - 264 деца, информираше Манолева.

Заменик министерката уште еднаш ги повика родителите да ги вакцинираат нивните деца, зашто, како што подвлече, тоа е единствената безбедна превенција и најдобра заштита од ова заболување.

На вакцинација на 15 февруари повика и новиот министер за здравство во техничката Влада, Илир Демири, кој беше прашан за неговиот став за состојбата со пертусисот.

Според Демири, не би требало да се вратат во градинка, децата кои се невакцинирани.

- Прво треба да се вакцинираат, па после да се вратат. Мислам дека тоа беше еден од критериумите и препорака од Комисијата за заразни болести. Сите деца кои се вакцинирани треба да одат во градинка. Тие кои не се вакцинирани, треба да ги прашате нивните родители како ќе го организираат чувањето на детето, одговори Демири на новинарско прашање.

Кара-Мурза останува во затвор 25 години, одбиена е жалбата на најголемиот непријател на Путин

Рускиот Врховен суд ја отфрли жалбата на пресудата за 25-годишна затворска казна за предавство поднесена од критичарот на Кремљ, Владимир Кара-Мурза, објавија денеска странските агенции.

Кара-Мурза е со двојно државјанство, руско и британско, и постојано ја критикуваше војната во Украина, рускиот претседател Владимир Путин и лобираше за санкции од Западот против Русија.

Опозицискиот политичар беше уапсен два месеца пред почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022 година и беше обвинет за ширење лажни информации за руските вооружени сили и прогласен за „странски агент“.

Руската полиција го приведе неколку часа откако Си-Ен-Ен емитуваше интервју со него во кое тој тврдеше дека Русија ја води „режим на убијци“. Тој подоцна беше обвинет за предавство за говорите што ги одржа, вклучително и еден во Претставничкиот дом на Аризона, кога рече дека Русија бомбардирала украински домови, болници и училишта, што Москва го негира.

Државното обвинителство го обвини дека „свесно шири лажни информации“ за акциите на руските сили во Украина, а неговата сопруга Евгенија изјави дека се плаши за неговиот живот по смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални во февруари.

Кара-Мурза во жалбата наведува дека не сторил никакво кривично дело и дека е осуден исклучиво затоа што го искористил правото на слобода на говор и јавно се спротивставил на Путин и војната во Украина.

Тој овој месец ја доби Пулицеровата награда за есеј на Вашингтон пост.

Во Турција уапсени 544 лица поради врски со Фетула Ѓулен

Турските власти уапсија 544 лица осомничени за врски со  свештеникот Фетула Ѓулен, кого претседателот Реџеп Таип Ердоган го обвинува дека е организатор на обидот за пуч во 2016 година.

-Во операцијата спроведена во 62 од 81 турски провинции се уапсени 544 лица, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на мрежата Х.

Осомничените се обвинети дека аплицирале за испит за државна служба по налог на движењето Фетула Ѓулен и користеле шифриран комуникациски систем Бајлок. /МИА

Отворен првиот центар за поддршка и советување на момчиња и мажи

Прв центар за поддршка и советување на момчиња и мажи беше отворен денеска во рамки на просториите на Младинскиот центар „Сакам да знам“.

Весна Матевска, програмска координаторка во ХЕРА, на прес-конференцијата на отворањето изјави дека центарот од денеска нуди бесплатни советувања и поддршка со психотерапевти и психолози за момчиња и мажи.

- Советувањата ќе се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали. Центарот ќе биде отворен за услуги вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот. Термините треба да се закажат на телефонскиот број 070/299- 026, на електронската пошта [email protected] или на Instagram @man.mind skopje, појасни Матевска.

Според ХЕРА, центарот за советување и поддршка на момчиња и мажи е потребен затоа што родовата еднаквост се однесува поедеднакво на сите полови.

- Овој центар ќе овозможи безбедна и пријатна средина во која момчињата и мажите отворено ќе зборуваат за своите потреби и ќе побараат поддршка без некој притоа да ги етикетира. Тие сега ќе имаат свое место во кое отворено ќе може да побараат решение за предизвици и во кое ќе може момчињата да добијат поддршка за емоционален раст и развој, дополни таа.

Матевска посочи неколку истражувања кои покажуваат дека младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје, мажите се најголем дел од жртвите на насилни злосторства и дека мажите имаат поголеми изгледи за самоубиство.

Терапевтите ќе работат по моделот на Австриското Здружение за машки и родови прашања Стирија од Грац, Австрија, а со финансиска поддршка од австриското Сојузно министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.

На отварањето се обрати Кирил Тројачанец кој е психолог и експерт за стрес, и укажа дека општествените очекувања ги притискаат момчињата од најмала возраст да не ги покажуваат своите емоции, што е причина за постојан стрес и ранливо ментално здравје. Тројачанец упати директна порака до момчињата дека молкот не е одговор кога се соочуваат со врсничко насилство.

Ленче Алексовска Величковска – спортски психолог, истакна дека очекувањата што тренерите, соиграчите и навивачите ги поставуваат врз спортистите од една страна може да послужат како мотивирачка сила, поттикнувајќи ги да го постигнат најдоброто од себе, меѓутоа, кога очекувањата се преголеми, тие доведуваат до зголемен стрес и анксиозност и насилно однесување. /МИА

притисни ентер