Вархеји: Наспроти сите очекувања, пандемијата ги зацементира односите меѓу ЕУ и Западен Балкан

Влеговме во оваа криза заедно и треба да излеземе од неа заедно. 

Ние ќе го поддржиме економското закрепнување на регионот што истовремено ќе ги приближи партнерите поблизу до ЕУ. Наспроти сите очекувања, пандемијата ги зацементира односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, вели еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за „Јуроп Вестерн Балканс".

– Во мај, хрватската престолнина Загреб требаше да биде домаќин на самитот на ЕУ-ЗБ, каде лидерите, меѓу другото, требаше да го одобрат економскиот и инвестициски план за регионот. Овој план е една од трите низи на новиот пристап што ЕК го разви за регионот, за да ги надополни првите два: ревидираната методологија за проширување на ЕУ, што Комисијата ја изнесе во февруари за да го врати кредибилитетот на една од најважните политики на ЕУ и одлуката за отворање пристапни преговори со Албанија и Македонија, одобрена од лидерите на ЕУ во март, заедно со ревидираната методологија, пишува Вархеји.

Тој наведува дека пандемијата со Ковид-19 не го отфрлила овој план и не ја променила целта, амбицијата и решеноста на ЕУ.

– Пандемијата силно ја погоди ЕУ и целиот и предизвика незамислива загуба на животи. Комисијата презеде вонредни мерки за поддршка и помош на земјите-членки во решавањето на кризата, да се зачуваат животи, заштита на здравствените системи и ублажување на социо-економското влијание. Но, во исто време Комисијата беше јасна дека пандемијата може да се победи само со глобално дејствување и со работа со партнерите. Никаде не беше ова очигледно отколку во Западен Балкан, регион во срцето на Европа и во целост опкружен со земјите-членки на ЕУ, наведува Вархеји.

Натаму додава дека Комисијата во втората половина на март презеде конкретни мерки за да обезбеди поддршка на сите партнери во регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија и оти мерките опфаќаа поддршка за итни потреби, како и закрепнување на економијата, а финансиски сега тие се неспоредливи со 3,3 милијарди евра грантови и заеми.

– Оваа солидарност не заврши тука: со оглед на нејзината европска перспектива, ЕУ го третира Западен Балкан како привилегиран партнер со тоа што им овозможува пристап до многу иницијативи и инструменти за земјите-членки. Ги поканивме владите да се приклучат на договорот за набавка на ЕУ за медицинска опрема, го ослободивме регионот од одобрението за извоз, додека зелените ленти за олеснување на транспортот на стоки беа проширени до границите со регионот. Регионот е поврзан со релевантни здравствени тела на ЕУ и земјите кои се во преговори ќе можат да го користат фондот за солидарност на ЕУ. Во исто време, ЕУ ја ценеше поддршката што ја доби од партнерите од Западен Балкан со медицински персонал и опрема, вели Вархеји.

Потсетува дека Самитот во Загреб ќе се одржи преку видео-конференција и оти ЕУ и регионот во оваа криза влегоа заедно и треба заедно да излезат од неа.

– Ние ќе го поддржиме економското закрепнување на регионот што истовремено ќе ги приближи партнерите до ЕУ. Нашите економии се тесно интегрирани, а економскиот и инвестицискиот план што сега се очекува во вториот дел од оваа година ќе бидат уште поважни. Целта е да се поттикне долгорочното закрепнување, да се модернизираат економиите, да се зајакне растот, да се поддржат реформите потребни на патот на ЕУ и со тоа да се започне со затворање на развојниот јаз со цел луѓето побрзо да ги почувствуваат придобивките.

Натаму наведува дека планот ќе се фокусира на поврзаноста, особено во транспортот и енергијата, и на економијата што работи за луѓето, исто така преку дигитална и зелена трансформација.

– Во наредните недели и месеци, регионот може да дава конкретни идеи и прредлози во врска со овој план и тесно да соработува. Регионалната соработка и добрососедските односи навистина ќе бидат клучни за економското закрепнување, заедно со продолжувањето на реформите, не значи само усвојување закони туку и нивна имплементација. Фокусот на владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација треба да продолжи, пишува Вархеји во колумната.

– Заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе излеземе од неа посилни: пандемијата со Ковид-19 јасно потврди дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Направивме важни чекори оваа година и покрај пандемијата и треба да продолжиме да градиме врз нив за вистински обединет европски континент, заклучува еврокомесарот за проширување.

Премиерлигашите ќе гласаат за воведување ограничување на платите

Премиер лигата може да воведе ограничување на платата. Се очекува денес клубовите од Англиското фудбалско првенство да гласаат за промената, пренесува „Sky Sports“.

Границата нема да биде колку клубовите можат да платат кој било играч, туку колку клубот може да потроши вкупно на тимот во однос на платите, трансферите и агенциските такси.

Една опција за лимит би била 4,5 пати поголема од приходите на клубот кој е на последното место во лигата. Доколку таа граница би се одредила според сегашниот пласман, ќе изнесува 466 милиони фунти. /МИА

Гасперини: Сега Лигата на Европа е приоритетна цел за Аталанта

Тренерот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини не се откажува од обезбедување место во Серија А кое носи учество во Лигата на шампионите следната сезона, но како приоритетна цел во моментов го посочи дуелот со Марсеј во Лигата на Европа.

Аталанта вчера во натпревар од 34. коло на Италијанското фудбалско првенство го совлада Емполи со 2:0.

- Ако успееме да освоиме што повеќе бодови во домашното првенство нашата позиција на табелата може значително да се промени. Но сега за нас Лига Европа ни е приоритет и мораме да бидеме внимателни, бидејќи Марсеј е силен тим. Во четврток е првиот натпревар од полуфиналната пресметка. Двата меча се важни, но првиот може да малку побитен, изјави Гасперини за „Football Italia“.

Аталанта е шеста во Серија А со 57 бодови.

Во полуфиналето на Лига Европа на 2 мај тимот од Бергамо ќе гостува на Марсеј. /МИА

Белгиски суд го закажа првото сослушување за случајот „Фајзергејт“

Случајот го обелодени „Њујорк Тајмс“ во април 2021 година објавувајќи дека набавката на 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за ЕУ, Фон дер Лајен ја договарала лично во разговор по мобилен телефон со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

Основниот суд во белгискиот град Лиеж за 17 мај закажа рочиште во чии рамки ќе се одржи сослушување по кое ќе треба да одлучи дали истрагата за сомнежите за неправилности околу набавката на вакцини против Ковид-19 од американската компанија „Фајзер“ од страна на ЕУ е во надлежност на Јавното обвинителството на Белгија или на Канцеларијата на Европско јавно обвинителство (ЕППО).

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за случај, кој во медиумите беше наречен „Фајзергејт“, со кој се поврзува актуелната претседателка на Европската комисија и главна фаворитка за реизбор на функцијата Урсула фон дер Лајен.

Случајот го обелодени „Њујорк Тајмс“ во април 2021 година објавувајќи дека набавката на 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19 за ЕУ, Фон дер Лајен ја договарала лично во разговор по мобилен телефон со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

Врз основа на овие наводи, белгискиот активист и лобист специјализиран за трговски односи Фредерик Балдан лани во април поднесе тужба против Фон дер Лајен пред Судот во Лиеж обвинувајќи ја за „злоупотреба на функцијата и звањето“, „уништување на јавни документи“ и „незаконско богатење и корупција“. Дополнително кон тужбата се приклучија и десетина организации и поединци, но и две земји членки на ЕУ - Унгарија и Полска, кои во тоа време беа во спор со Фон дер Лајен, поради одлуката на Европската комисија да ја замрзне исплатата на средства од еврофондовите за нив.

Истрагата веднаш ја презеде Европското јавно обвинителство со образложение дека во негова надлежност се „нанесувањето штета на буџетот на ЕУ, случаи од наднационална природа, како и процеси кои веројатно ќе влијаат на угледот на институциите на ЕУ и довербата на граѓаните“.

Но, од друга страна се појави и спротивно мислење на белгиски истражен судија кој смета дека случајот треба да остане во надлежност на Јавното обвинителство на Белгија и иницираше паралелна истрага по наводите на национално ниво.

Согласно правилата на ЕУ, во случај на судски спор на институција на Унијата со земја членка „за одредување на јурисдикцијата треба да одлучат надлежните национални органи“.

Тоа во конкретниот случај значи дека Судот во Лиеж ќе треба да одлучи во чија надлежност ќе биде истрагата во понатамошната постапка на ЕППО или белгиското Јавно обвинителство. Се очекува на сослушувањето двете страни да изнесат аргументира која од нив треба да биде надлежна за истрагата. По ова, Судот ќе треба да оцени која од двете истраги е законска и треба да продолжи, а која треба да биде прекината.

Инаку ова не е прва правна постапка поврзана со т.н. скандал „Фајзергеј“. Истрага спроведе и Омбудсманот на ЕУ, кој во јуни 2022 година оцени дека станува збор за случај на „лошо администрирање“, додека „Њујорк Тајмс“ во февруари годинава покрена процес пред Судот на правдата на ЕУ.

Сослушувањето во Судот во Лиеж доаѓа на 20-тина дена пред изборите за членови на Европскиот парламент, на кои Фон дер Лајен е т.н. „шпиценкандидат“ на Европската народна партија (ЕПП), односно кандидат за втор мандат на чело на Еврокомисијата. /МИА

притисни ентер