Усвоена предлог одлука за прераспределба на буџетски средства за субвенции за инвертери

Поддржана предлогодлуката за финансирање субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима.

Собраниската Комисија за финасирање и буџет денеска поддржа предлог одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници на централната власт и помеѓу фондовите за финансирање субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима во износ од 620 милиони денари.

Парите се обезбедени од „ЕСМ" , но преку централниот буџет ќе бидат префрлени на општините, а потоа на крајните корисници, објаснија од Министерството за финансии по дилемите и сомнежите од пратениците од опозицијата на седницата на Комисијата, зошто парите се обезбедуваат од буџетски корисници.

Мерката што ја најави Владата како дел од активностите за справување со проблемот со загадувањето треба да ја искористат 10.000 граѓани, од кои 5.200 во Скопје, по 2.500 во Битола и Тетово и 800 во Кичево.

Со Предлог одлуката ќе се обезбедат и дополнителни средства во износ од 90 милиони денари за откуп на акции за целосна државна сопственост на АД ГА-МА.

Во текот на расправата пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија побара да се преформулира одлуката затоа што смета дека е дискриминаторска за граѓаните од другите градови во државата за кои не се предвидени субвенции. Неговиот сопартиец Драган Цуклев ја окарактеризира мерката на Владата како лицемерие со оглед дека наспроти заложбите за купување инвертери се дозволува увоз на нафтен кокс без акцизи.

– Првично најавувавте дека субвенциите ќе бидат реализрани преку ЕЛЕМ, сега гледаме дека ќе бидат субвенционирани од буџетот. Друг момент е пренамената на средствата од 1,5 милиони евра за АД Гама. Се уште немаме одлука на Владата и договор на Владата со Макпетрол за целосно купување во државна сосптевност на ГАМА па да издвојуваме средства, рече Цуклев.

Пратеникот од СДСМ Диме Велковски се согласува дека одлуката, како што рече, малку дискриминирачка во делот на плановите за инверторите. – Избраните четири градови се со највисоко загадување, иако овој проблем го имаат и другите. Ова е мерка која се надевам дека малку од малку ќе ја намали емисијата на штетни гасови. Направени се цели планови и анализи. Ако застанеме само на оваа мерка не сме направиле нишно. Јас сметам дека оваа мерка треба да ја добијат овие градови, да почне во прва фаза, апотоа и да продлжи, рече Велковски.

Во Предлог-одлуката стои дека за 90 милиони денари ќе се зголеми ставката од владината потпрограма Администрација, а за 620 милиони денари ставката Капитални дотации до единиците на локалната самоуправа од Програмата за намалување на аерозагадувањето.

Наведено е дека 140 милиони денари ќе се прераспределат односно ќе се намалат од потпограмата Информатичка поддршка на Владата. Министерството за одбрана ќе скрати од потпрограмите функционирање, логистика и мировни и хуманитарни мисии по разни основи. Седумнаесет милиони денари од ставката основни плати, 10 милиони денари од придонеси за социјално осигурување, 59 милиони денари од материјали и ситен инвентар, 12 милиони денари од поправки и тековно одржување, 20 милиони денари од други тековни расходи, а од ставката купување опрема и машини 170 милиони денари. Ставката разни трансфери од потпрограмата поддршка на инвестициски вложувања на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот се намалува за 128 милиони денари, а за 154 милиони денари стаквата за купување опрема и машини од Програмата за попис на Државниот завод за статистика. /МИА

Поради поставување водоводен приклучок без вода неколку улици во Козле

 Поради водоводен приклучок од ф 80мм на ул. „Милан Марковиќ бр. 7 без вода денеска ќе бидат корисниците од оваа и од улиците „Милан Марковиќ“, „Копачка“, „Пијанец“, „Крчин“, како и дел од улиците „Козле“ и „Леринска“.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје водоснабдувањето ќе биде прекинато од 9:00 часот до завршување на интервенцијата.

Кој беше Ебрахим Раиси

Раиси (63), секогаш со црн турбан на главата и верска облека, важи за ултраконзервативец и отворен поддржувач на јавниот ред.

Политика

Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа во северозападниот дел на Иран. Раиси беше претседател на Иран од 2021 година и ја водеше земјата во позадина на несогласувањата на меѓународно ниво и со внатрешни предизвици, оцени синоќа агенцијата Франс прес.

Во Иран во текот на ноќта траеше потрагата по исчезнатото летало, во кое, покрај Раиси, беа и шефот на дипломатијата Хосеин Амир Абдолахиан и уште двајца функционери.

Раиси (63), секогаш со црн турбан на главата и верска облека, важи за ултраконзервативец и отворен поддржувач на јавниот ред.

Раиси беше избран на 18 јуни 2021 година во првиот круг на гласање обележан со рекордно воздржување за претседателските избори и отсуство на силни конкуренти.

Тој го наследи умерениот Хасан Рохани, кој го порази на претседателските избори во 2017 година и не можеше повторно да се кандидира по два последователни мандата.

Раиси се појави зајакнат по парламентарните избори одржани во март и средината на мај. Тоа беа првите национални избори по протестното движење што го потресе Иран кон крајот на 2022 година по смртта на Махса Амини, млада жена уапсена поради непочитување на строгиот кодекс на облекување.

По тие избори, иранскиот претседател го поздрави „новиот историски неуспех на иранските непријатели по немирите“ во 2022 година.

Парламентот, кој ќе ја преземе функцијата на 27 мај, во голема мера ќе биде контролиран од конзервативните и ултраконзервативните табори, кои ја поддржуваат неговата влада.

Во последниве месеци, Раиси се претстави како жесток противник на Израел, заколнатиот непријател на Исламската Република, кој го поддржува палестинското исламистичко движење Хамас од 7 октомври, почетокот на војната во Газа.

Со тоа Раиси го оправда нападот без преседан на Иран на 13 април против Израел, со 350 беспилотни летала и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и уште неколку земји сојузници на САД.

Тој е ставен на црната листа во САД заедно со ирански официјални лица кои се санкционирани за „соучесништво во сериозно кршење на човековите права“, обвинение што го негираа официјалните лица на Техеран.

Роден во ноември 1960 година во светиот шиитски град Машхад на североисток, Раиси се искачи низ ранговите на судскиот систем во текот на три децении.

Тој имаше 20 години кога беше назначен за главен обвинител на Караџа, во близина на Техеран, за време на Исламската револуција во 1979 година. Потоа беше генерален обвинител на Техеран од 1989 до 1994 година, потоа заменик шеф на судството од 2004 до 2014 година, годината кога беше назначен за државен обвинител.

Во 2016 година, врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи го назначи за раководител на добротворната фондација Астан-е Кудс Разави, која управува со мавзолејот на Имам Реза во Машхад, како и со огромното наследство од индустриски и недвижен имот. Три години подоцна, тој стана шеф на главното тело на правосудните органи.

Раиси е оженет со Џамила Аламолход, професорка на Универзитетот во Техеран, со која има две ќерки кои завршиле факултети.

Видео: Минесота го победи Денвер и се пласираше во полуфиналето на НБА плејофот

Минесота тимбервулвс синоќа го победи Денвер нагетс со 98:90 во седмиот натпревар од четвртфиналната серија на НБА плејофот.

Најефикасен играч на паркетот беше Џамал ​​Мареј од Денвер кој постигна 35 поени. Неговиот соиграч Никола Јокиќ оствари дабл-дабл 34 поени и 19 скока.

Минесота ја доби серијата со 4-3 и се пласираше во полуфиналето на плејофот каде ќе се соочи со Далас маверикс.

Пласман во полуфиналето синоќа избори и Индијана по победата над Њујорк со 130:109 во седмиот натпревар од четвртфиналната пресметка.

притисни ентер