Претресот ќе се одвива паралелно и во двете собраниски комисии, каде расправата може да трае најмногу по три дена за секој од четирите амандмани.
За први декември е закажана и пленарната седница, а од опозицијата најавуваат жестока дебата за предложените уставни амандмани.
Сепак како ќе постапат народните избраници од опозицијата во процесот на уставни измени, ќе се знае по попладневната координација на лидерот Мицкоски со пратеничката група.
Од партијата и денеска го повторија ставот дека се против уставни измени.
Додека власта и опозицијата се подготвуваат за амандманска расправа, 84 организации граѓански иницијативи, невладини и помали политички партии, меѓу кои и партиите на Грчева и Бачев се подготвуваат за протести против промена на Уставот и со барање за распишување на предвремени парламентарни избори. Освен пред собранието најавуваат протести и пред домовите на пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, блокада на патиштата и граничните премини и голем сенароден протест на 18-ти ноември.
Преку отворено писмо до пратениците од партијата на Грчева повикуваат на совест и свесност пред пристапување кон амандманската расправа за уставните промени. Велат целиот процес е нелегален и нелегитимен по јасно изразената граѓанска волја на референдумот.
Очекувањата на премиерот Заев се дека пратеничката поддршка ќе расте во текот на собранискиот процес, кој според него, би требало да биде заокружен кон средината на јануари догодина.