Уште еден автобус на гас ќе се вклучи во јавниот сообраќај

ЈСП-Скопје денеска потпиша договор со компанијата МАН Импортер Македонија, ексклузивен увозник на МАН за македонскиот пазар, за пробно користење автобус од типот Lion`s City A21 кој користи природен компримиран гас т.н. CNG.

Договорот го потпишаа директорите на ЈСП Скопје и на МАН Импортер Македонија Кристијан Чушков и Ивица Вилјац.

Новиот автобус во сообраќај ќе биде пуштен од утре и ќе сообраќа на линијата со број 5. Има капацитет за превоз на 85 патници.

- Новиот автобус е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија, ги задоволува стандардите за емисија на Euro 6. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество на гас. Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ и е прогласен за еко автобус за 2016 година во Европа. Град Скопје веќе се вброи во редот европски метрополи кои користат еко автобуси, изјави Чушков по потпишувањето на договорот.

Чушков објасни дека пробниот период во кој сообраќаат автобусите ќе се искористи Град Скопје и ЈСП Скопје да ги увидат предностите на еко автобусите, а добиеното искуство понатаму ќе се искористи во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз.

Директорот Вилјац информира дека овој автобус е осма генерација CNG МАН автобус кој е произведен благодарение на 75 години искуство на компанијата во производство на автобуси на природен компримиран гас.

- Автобусот кој ви го отстапуваме на користење може да се пофали со незначително испуштање на CO2, NOx плинови и ПM честички. Користењето ваков автобус во јавниот превоз гарантира почист град, рече Вилјац, кој посочи дека МАН е првата фабрика која произвела автобус на гас во 1943 година.

Град Скопје во буџетот за годинава предвиде субвенции за набавка на еко-автобуси во висина од 100 милиони денари, а за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. Во Скопје веќе возат два еко автобуси на гас, на линијата број 5 и линија број 2. На почетокот на овој месец, пак, во јавниот превоз се вклучи и електричен автобус кој вози на линијата со број 15. /МИА

Протест на британските плажи поради загадување на водата

Илјадници луѓе ширум Велика Британија се собраа вчера на плажите, реките и езерата за да побараат промени на нивоата на загаденост на водата во земјата.

Демонстрантите се собраа во областите за капење од Западниот Пјер во Брајтон до плажата Гилингвасе во Фалмут по извештаите дека милиони литри вода од канализација биле испумпани во Виндермер во областа Лејк за повеќе од 10 часа во февруари.

Ситуацијата од опозициските политичари беше окарактеризирана како „скандалозна“, додека Лондон рече дека ситуацијата е „целосно неприфатлива“ и дека Агенцијата за животна средина има овластување да покрене кривично гонење.

Испумпувањето се случило во пумпната станица на компанијата во Бонс-он-Виндермер, Камбрија, ноќта на 28 февруари, пишува „Индипендент“.

Пумпите за итни случаи испуштија повеќе од 10 милиони литри вода од канализација во местото на светското наследство на УНЕСКО, откако главните пумпи беа нагло прекинати поради дефект на телекомуникациите. /МИА

Брајтон објави за заминување на тренерот Де Зерби

 Прес-службата на премиерлигашот Брајтон објави дека Роберто Де Зерби ќе ја напушти функцијата главен тренер на клубот на крајот од сезоната 2023/24.

Раководството на Брајтон се договорило со 44-годишниот фудбалски стручњак за предвремен раскин на договорот кој е со важност до летото 2026 година.

Претходно беше објавено дека Баерн Минхен е заинтересиран да го покани италијанскиот тренер.

Де Зерби дојде во Брајтон во септември 2022 година. Под негово водство тимот освои 38 победи, 20 пати ремизираше и претрпе 30 порази.

Оваа сезона Брајтон е на 10. место во поредокот во Премиер лигата, со 48 бодови од 37 натпревари. /МИА

Традиционалната манифестација „Денови на Кирил Пејчиновиќ“ се одржа во Тетово

Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од тетовско Теарце вчера ја одржи традиционалната манифестација „Денови на Кирил Пејчиновиќ.

Годинава, сите учесници учествуваа на дефилето низ Теарце, а потоа концертот се одржа во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

Покрај домаќините, со своите настапи учествуваа гости-играорци КУД „Чигра“ од Инџија и КУД „Симонида“ од Ранилуг, двете од Србија, потоа македонските КУД „Брвеница“ од Брвеница, Група Сербез при фолклорен ансамбл „Гоце Делчев“ од Битола.

-Овие млади играорци покажаа и докажаа дека се вистински амбасадори на македонскиот фолклор и култура. Благодарноста до нашите гости кои го збогатија вечерашниот коцнерт, истакна на концертот Гоце Симјановски, претседател на КУД „Кирил Пејчиновиќ“.

Домаќините од КУД „Кирил Пејчиновиќ“ наспатапија со повеќе возрасни групи кои ги изведоа кореографиите „Драчевка“, Елено моме“,и „Малешевка“ и други ора и песни. /МИА

притисни ентер