УНРВА: Најмалку 176 наши работници се убиени од почетокот на војната во Газа

Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека најмалку 176 нејзини работници се убиени од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа, јавува Анадолија.

„Хуманитарните работници не се мети и мора да бидат заштитени во секое време. Израел продолжува да ѝ забранува на УНРВА пристап до испорака на помош на северот од Појасот Газа“, соопшти раководството на УНРВА на социјалната мрежа Икс.

Портпаролот на Обединетите нации Стефан Дужарик вчера изјави дека од 7 октомври досега во Појасот Газа се убиени најмалку 196 хуманитарни работници.

Дужарик ја опиша палестинската територија како „едно од најопасните места во светот за работа“ за хуманитарните работници.

УНРВА е најголемата хуманитарна организација во Газа и се смета за столб на операциите за хуманитарна помош во Газа.

По обвинувањето на Израел дека некои членови на агенцијата на ОН биле вмешани во нападите на Хамас врз Израел, најмалку 17 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Австралија и многу земји од Европската Унија, ја прекинаа поддршката за УНРВА. Сепак, неколку земји, вклучувајќи ги Франција, Шведска, Канада и Јапонија, најавија континуирана поддршка за УНРВА минатиот месец. /МИА

Шефот на иранската дипломатија од Дамаск повика на прекин на огнот во Либан и Газа

Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска повика на прекин на огнот во Либан и Газа, неколку дена откако Техеран истрела над 280 балистички ракети кон Израел, јави ДПА.

При посетата на сирискиот главен град Дамаск, Арагчи го опиша прекинот на огнот како „најитното прашање“, пренесе ИРНА.

Шефот на дипломатијата рече дека Израел е главната пречка за мирот и ја повика меѓународната заедница да се спротивстави на израелските „воени злосторства“ за да се постигне мирот во регионот.

Израел се закани дека ќе возврати по ракетните напади на Техеран, а една од можните цели се нападите врз иранските нуклеарни постројки, пренесува ДПА./МИА

Директорот на Наполи: Разговараме со Кварацхелија за нов договор

Спортскиот директор на Наполи Џовани Мана информира дека клубот е во преговори со напаѓачот Квича Кварацхелија за продолжување на неговиот договор.

- Комуницираме за нов договор. Не брзаме и не сме под притисок. Фудбалерот има уште три години од актуелниот договор. Смирени сме и преговараме, го цитира Мана на социјалната мрежа Икс инсајдер Фабрицио Романо.

На 1 октомври беше објавено дека клубот му нуди на 23-годишниот Грузиец плата од шест милиони евра годишно за продолжување на договорот.

Кварацхелија игра за Наполи од јули 2022 година. Во тековната сезона постигна три гола и две асистенции на девет натпревари за тимот од Неапол.

Актуелниот договор на Грузиецот со италијанскиот клуб е со важност до крајот на јуни 2027 година. Сегашната плата на Кварацхелија изнесува 4,6 милиони евра годишно./МИА

Катами: Хезболах е подготвен за израелско копнено напредување

 Заменик-лидерот на политичкиот совет на либанската милитантна група Хезболах, Махмуд Катами, изјави дека групата е подготвена за израелско копнено напредување.

-Хезболах ги спречи израелските сили да се инфилтрираат на либанска територија, изјави Катами за Ал Џезира.

Според него, ракетите на Хезболах достигнале дострел од 150 километри со задржување на брзината на лансирање.

-Секоја територија што Израел ќе се обиде да ја преземе ќе се претвори во гробишта за неговите војници и тенкови, посочи тој.

Катами додаде дека шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, вчера се сретнал со раководството на Хезболах и изјавил дека Техеран стои со Либан.

-Хезболах делува на бојното поле и нема да влегува во преговори додека е под оган, нагласи тој.

Катами рече дека Израел е тој што го отфрла прекинот на огнот и дека Израел и изралскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не сакаат да ја прекинат војната.

По неколкудневни тешки воздушни напади врз Бејрут и низ јужен Либан, Израел на 1 октомври објави дека неговата војска започнала „ограничени, локализирани и насочени копнени напади“ против Хезболах.

Целта на израелската Влада е обезбедување услови за безбедно враќање на жителите од пограничните области, што беа раселени по нападите на Хезболах./МИА

притисни ентер