УНРВА го обвинува Израел дека мачел нејзини вработени за да ги признаат своите врски со Хамас

Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) денеска го обвини Израел за приведување и тортура на некои нејзини вработени со цел лажно да признаат дека имале врски со Хамас.

Тие им се довериле на тимовите на УНРВА дека биле испрашувани за односите меѓу агенцијата и Хамас и нивната вмешаност во нападите врз Израел на 7 октомври и дека биле мачени и малтретирани за да признаат, изјави портпаролката Џулиет Тума.

Израел обвини најмалку 12 вработени во УНРВА за вмешаност во терористичките напади на 7 октомври и тврди дека 12 отсто од околу 13.000 вработени во агенцијата се членови на Хамас или други палестински екстремистички организации.

Израелските власти соопштија дека собрале некои информации за 12-те вработени вклучени во нападите од телефонски повици и други извори.

УНРВА отпушти десет од 12-те обвинети, а двајца веќе не се живи, јави Си-Ен-Ен, кој не може да ги потврди наводите.

Портпаролката рече дека лажните признанија дадени за време на тортурата биле користени за дополнително ширење на дезинформации за агенцијата како дел од обидот да се уништи.

Таа не ги поврза тие признанија со обвиненијата против 12 вработени осомничени за вмешаност во нападите во Израел на првиот ден од војната.

Наводите се дел од извештајот на УНРВА, кој допрва треба да биде објавен, во кој се тврди дека има широко распространето физичко и психичко малтретирање на Палестинците приведени за време на војната, вклучително и 21 член на персоналот од кои некои биле тепани, а на други им се заканувале.

Необјавениот извештај во кој Си-Ен-Ен имал увид, главно се заснова на сведочења на жители на Газа, приведени во израелските затвори и воени бази, а потоа ослободени преку граничниот премин Керем Шалом меѓу средината на декември и средината на февруари.

Во моментот кога беа обелоденети информациите од извештајот, агенцијата сè уште не одлучила дали ќе го објави.

Уапсените цитирани во извештајот велат дека биле тепани, спречени да спијат, сексуално злоставувани и им се заканувале со сексуално насилство и врз жените и врз мажите.

Некои затвореници починале од такво злоставување, велат поранешни затвореници.

Израелската армија не одговори веднаш на наводите за тортура и приведување на вработени во агенцијата, но рече дека малтретирањето за време на притворот или истрагата ги нарушува вредностите на ИДФ (Израелските одбранбени сили) и е спротивно на наредбите и затоа е апсолутно забрането.

Исто така, се вели дека воената полиција истражува смрт на затвореникот.

Војската категорично ги негираше наводите за сексуална злоупотреба на затворениците и ги нарече „циничен“ обид да се изедначат со „систематското силување што го користел Хамас како оружје за време на нападите на 7 октомври“. /МИА

Со пиштол на дијаболи повредено девојче во скопско училиште

 Со пиштол на дијаболи во текот на вчерашниот ден било повредено девојче во училиште на подрачјето на општина Чаир, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Во 13:43 часот од основно училиште на подрачјето на Чаир било пријавено дека во училиштето, со пиштол на дијаболи, што го носел нивен ученик, повредена била малолетна ученичка.

Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека во периодот од девет до 9:30 часот во училница, еден ученик го извадил пиштолот, што му бил одземен од друг ученик, кој пак испукал една дијабола и повредил ученичка. Таа била пренесена во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ за укажување помош.

Пиштолот бил одземен од вработените, а увид извршила екипа од ЕВР - Чаир. По целосно документирање на случајот, како што наведуваат од МВР, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Со „паметни часовници“ до автоматски повик на 112 во ЦУК-надоградувањето на системот продолжува

Со „паметни часовници“ до автоматски повик на 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) - оттаму нагласуваат дека надоградувањето на системот продолжува со напредокот на технологијата.

Од ЦУК потсетуваат дека единствениот повикувачки број за итни случаи е достапен на целата територија на државава.

- Пуштен е во употреба на 11 февруари 2022 година и постојано се надоградува и е отворен за надоградување согласно искуствата на европските држави, а и напредокот на технологијата. На пример, последно такво надоградување е остварување, односно примање повик од „паметен часовник“, кога има детекција на губење на пулс и алармирање - конкретно автоматско јавување на 112 во ЦУК, појаснуваат оттаму.

Како што додаваат, воведувањето единствен повикувачки број за итни случаи - 112 донело повеќе предности за граѓаните на кои им е потребна помош, а и на службите и институциите од системот за управување со кризи.

- Имаме единствен, универзален број за сите итни случаи, бесплатен е, интегрира различни служби за итни случаи, како што се полиција, противпожарна заштита и итната медицинска помош во еден обединет систем, лесен е за паметење и бирање, што го прави лесно достапен за населението, може да се бира од телефони без „сим“ (SIM) картичка или со заклучена тастатура, бирањето 112 од мобилен телефон, автоматски обезбедува точни информации за локацијата („ГПС“ - GPS координати) на јавувачот, овозможувајќи побрзо време за одговор, реагирање на терен, интеграцијата на службите за итни случаи - полиција, Итна медицинска помош и противпожарна заштита, овозможува поефикасно користење на ресурсите, затоа што повеќе институции, односно служби се координирани за и во согласност нивните активности од еден центар - ЦУК. Секако, покрај овие три институции, служби, кога е потребно за помош да се ангажираат и дополнителни други институции и служби од системот за управување со кризи, тоа се остварувфа повторно од истиот центар - ЦУК, истакнуваат од Центарот.

Се осврнуваат и на можностите на системот. Говорни повици - системот при директни телефонски говорни повици веднаш се има или го обработува повикот со координати (GPS) за локацијата на повикувачот, како што појаснуваат, овозможувајќи брза комуникација со повикувачите и ефикасно споделување информации со службите за брз одговор.

Системот, додаваат, поддржува примање и праќање на текстуални пораки со координати (GPS) за локација и е канал за комуникација со граѓаните „кои од какви било причини не можат да зборуваат и граѓани со потребни потреби - на пример, глувонеми лица“.

- Системот прима повици преку „и - кол“ директна врска со возила опремени со „и - кол“ модул. Тоа овозможува автоматско примање на гласовни повици на 112 во ЦУК со координати (GPS) за локацијата на повикувачот, во случајот возилото, кога модулот ќе детектира сериозен судар. Системот автоматски обработува текстуални пораки што содржат координати (GPS) за локација од „андроид“ апарати што имаат инсталирано СОС апликации што испраќаат порака до 112 во ЦУК, во случај на детектиран сериозен судар или пад. При сериозен потрес или судар, „ајфон“ уредите автоматски испраќаат снимена порака со координати (GPS) за локација, овозможувајќи итна реакција дури и ако корисникот не е во состојба самиот да се јави на 112 и да побара помош, појаснуваат од ЦУК.

Системот прима повици од „паметен часовник“ (Google pixel watch 3), истакнуваат од ЦУК, преку „андроид“ телефон со што е поврзан и има напредни сензори за следење на здравјето на корисникот меѓу кои и детекција на губење на пулсот („loss of pulse detection“).

- Кога истиот ќе регистрира продолжен период без пулс на корисникот, часовникот автоматски иницира повик до 112 со снимена порака со информации за итноста и точната локација (GPS координати) на корисникот. Системот за итни повици 112 во ЦУК овозможува и е отворен за интегрирање на други напредни технологии преку што граѓаните ќе можат да добијат итни услуги ако за тоа имаат потреба, потенцираат од Центарот.

Животи се загрозени, СДСМ бара оставки од директорите на Онкологија, Таравари и Клековски

Хуманитарна катастрофа се случува на Клиниката за Онкологија со недостиг на неопходни лекови кои им се животно потребни на пациентите.

Колку само човечки животи се загрозени поради недостатокот на лекови овие неколку денови? Животи кои зависат од терапија што актуелната власт не успеала да ја обезбеди.

Изговорите и оправдувањата се неприфатливи.

Овој хаос на Онкологија е доказ за системската неодговорност и неспособност на раководните лица во здравствениот систем и мора да има одговорност!

Бараме итна оставка од:

• Директорите на Клиниката за онкологија,

• Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски,

• Министерот за здравство, Арбен Таравари.

Недостигот на соодветен план, ненавремената набавка на лекови, изостанокот на функционален систем и регистар на пациенти укажува дека не е преземено ништо да се заштитат пациентите

кои денес страдаат.

И наместо сериозно и итно да се решава проблемот, властите најавуваат донациии за да се ублажи недостатокот.

Додека животите на нашите граѓани зависат од донации власта планира да купува авион за себе. Срамно, неодговорно и тажно!

Почитувани,

Хуманитарната катастрофа на Онкологија е директен резултат на неорганизираноста и неодговорноста на актуелната власт и за ова мора да има одговорност!

Симона Цветановска, членка на Извршен одбор на СДСМ

притисни ентер