Украинска Амбасада: Украинскиот отпор на руската агресија

Во 2014 година, Руската Федерација (РФ) започна официјално необјавена војна против Украина.

Откако изврши нелегална окупација и обид за анексија на полуостровот Крим, Кремљ премина во следната фаза од својата вооружена агресија во украинскиот Донбас.

Военото присуство на Русија во окупираниот дел на Донбас продолжува до ден денес. Редовното илегално преминување на делот на украинско-руската граница, кој е неконтролиран од Владата на Украина, со транспортни ешалони и воена опрема за зајакнување и ротирање на вооружените сили на Руската Федерација денес стана постојана практика. Информациите за редовни прекршувања на државната граница на Украина се забележани во бројни извештаи на ОБСЕ.

Украина останува посветена на мирно, политичко-дипломатско решавање на руско-украинскиот вооружен конфликт врз основа на принципите содржани во Договорите од Минск, вклучувајќи ги Протоколот од Минск од 5 септември 2014 година, Меморандумот од Минск од 19 септември 2014 година и Пакетот мерки од Минск од 12 февруари 2015 година. Нашата земја е подготвена и понатаму да продолжи да работи на нивна имплементација – како во Тристраната контакт група, така и во „Нормандискиот формат“.

Неоспорен факт е тоа дека имено Русија е страна во меѓународниот вооружен конфликт, кој го започна со нелегалната окупација на Крим, а сега го продолжува во Доњецката и Луганската област во Украина. Во источна Украина, како и на територијата на украинскиот Крим, Русија изврши злосторство против меѓународното право и ред, што со себе повлекува меѓународна правна одговорност. И Русија, без сомнение, ќе одговара за своите дејства.

Во моментов, Руската Федерација ги зголемува своите воени единици во близина на границата со Украина Денес, руското воено присуство достигнува 175 илјади лица од вооружените сили на РФ.

Американските партнери ги предупредуваат своите европски сојузници за планирањето на воена операција за инвазија на Украина од страна на Русија, поради зголемувањето на руските војници во близина на украинската граница. Загриженоста се заснова на собраните докази и трендовите кои се суштински слични на подготовките на Русија за окупацијата на Крим во 2014 година.

Треба да се напомене дека на 25 ноември Русија повторно ги игнорираше повеќекратните предупредувања на Украина и без нејзина официјална согласност, во спротивност со законите на Украина, условите и начините на испорака на хуманитарна помош, незаконски го испрати на привремено окупираните територии во Доњецката и Луганската област 104-тиот т.н. „хуманитарен конвој“ на Руската Федерација.

Испораката се случи преку делот на државната граница на Украина која не е контролирана од Владата на Украина, преку руските гранични пунктови „Доњецк“ и „Матвеев Курган“.

Недостигот на законски основи го оневозможи задолжителното постапување од страна на претставниците на граничните и царинските органи на Украина кое е предвидено со украинските закони.

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба учествуваше на седницата на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО заедно со грузискиот колега.

Шефот на украинското Министерство за надворешни работи детално ги информираше сојузниците од НАТО за влошувањето на безбедносната ситуација во Донбас од страна на Русија, за зголемувањето на руските сили долж границата со Украина, опасноста од нова руска инвазија и зголемување на руските дезинформации.

Дмитро Кулеба ги отфрли руските фалсификати за наводните подготовки на Украина за офанзивна операција во Донбас и ја потврди посветеноста на нашата земја за исклучиво политичко- дипломатско решавање на руско-украинскиот вооружен конфликт, подготвеноста за продолжување на работата во рамките на Тристраната контакт група и Нормандискиот формат.

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба: „Ние веруваме дека резултатите од Самитот на НАТО во Мадрид не само што треба да го опишат одговорот на сојузниците на новите предизвици и закани, туку и да постават насоки кои можат да им помогнат да ги донесат одлуките на Самитот во Букурешт за нашето евентуално членство. Русија не може да ја спречи Украина да се зближи со НАТО и нема право да учествува во релевантните дискусии. Сите руски предлози да се разговара со НАТО или со САД за какви било таканаречени гаранции дека Алијансата нема да се прошири на исток се нелегитимни.

Најдобрата безбедносна гаранција за Русија би била да ги повлече своите сили од територијата на Украина, да ја прекине агресијата врз нашата земја и со тоа да ги нормализира нејзините односи со Западот наместо да ја влече Европа назад во времето на Студената војна и сферите на влијание. Овие времиња одамна поминаа и нема враќање назад“.

Сојузниците изразија силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

На 2 декември во Стокхолм, Шведска започна дводневниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ - главниот годишен настан на Организацијата.

Оваа година, Советот на министри се одржува со физичко присуство на 57 делегации на земји-членки на ОБСЕ.

Дмитро Кулеба се обрати на пленарната седница, при што пред министрите на земјите-членки и партнерите на ОБСЕ ги истакна ставовите на Украина за клучните настани од 2021 година во Организацијата и нивното влијание врз европската безбедност.

Шефот на украинската дипломатија нагласи дека водечкото место на листата на безбедносни предизвици продолжува да го зазема вооружената агресија на Русија против Украина, што, меѓу другото, е грубо кршење на принципите и обврските на Русија во рамките на Организацијата.

Министерот го привлече вниманието на земјите-членки на ОБСЕ на зголемувањето на руските сили долж границата со Украина, опасноста од нова руска инвазија и повика на мобилизирање на напори за поддршка на Украина и спроведување на сеопфатен пакет за одвраќање на Русија од нов бран на агресија против нашата држава.

Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина, која ги евидентира илегалните воени активности на Русија во привремено окупираните делови на Донбас, продолжува да игра посебна улога во напорите за решавање на руско-украинскиот вооружен конфликт.

Исто така, на 2 декември, Советот на Европската Унија донесе конечна одлука за започнување на практична соработка со Украина во рамките на новоформираниот Европски мировен фонд (European Peace Facility, EPF).

Според Дмитро Кулеба, соработката ќе биде долгорочна и е наменета за периодот 2021-2027 година.

„Денешната одлука е единствена. Нејзиното усвојување беше овозможено благодарение на долгата и плодна дискусија на украинските дипломати со институциите на Европската Унија и нејзините земји-членки. Пакетот помош за Украина во износ од 31 милион евра, доделен од Советот на ЕУ, ќе опфати обезбедување на материјално-техничка помош за развој и зајакнување на капацитетите на Вооружените Сили на Украина“, - нагласи министерот.

Да потсетиме дека вооружената агресија на Русија против Украина трае повеќе од 7 години, предизвикувајќи воена експанзија на јужното крило на Европа и создавајќи растечка безбедносна и хибридна закана за Источна и Југоисточна Европа, Азовско-Црноморскиот регион, Медитеранот, Блискиот Исток. Руската агресија веќе донесе и продолжува да носи бројни жртви, како меѓу цивилите, така и меѓу воените лица.

Руската агресија против Украина продолжува да го дестабилизира Европскиот континент. Русија користи широк арсенал на хибридни инструменти за да создаде нестабилност на териториите на соседните земји и поткопување на нивната државност и суверенитет.

Демократскиот свет е должен остро да одговори на постојаното кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право од страна на Русија. Привремените руски окупациски власти ги претворија окупираните територии во гето на беззаконие среде Европскиот континент. Украинскиот Крим и одредени области на Донбас окупирани од Русија станаа места на терор и самоволие.

Руската окупација, исто така, претставува далекусежна еколошка закана за Европа и за регионот на Црното Море.

Заедно, Украина и меѓународната заедница мора непоколебливо да се спротивстават на агресивната војна на Руската Федерација и да го поддржат на меѓународниот дневен ред обновувањето на територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Меѓународните санкции помагаат да се ограничи руската агресивна политика, но потребни се поефикасни мерки за да се врати ситуацијата на правно поле и да се обнови безбедноста во регионот.

Извор: Амбасада на Украина во Македонија

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер