Туск: Можна е само една одлука – почеток на преговрите, прашањето не е „дали" туку „кога"

Како претседател на Европскиот совет не сакам да прејудицирам.

Лично верувам дека е можна само една одлука – почнување на преговорите со С. Македонија и со Албанија за членство во ЕУ според препораката на Европската комисија, истакна претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски во Брисел.

– Како претседател на Европскиот совет не сакам да прејудицирам. Направивте се што се очекуваше од вас, но да бидам искрен – не сите земји членки на ЕУ се подготвени да се донесе одлука за отворање на преговорите за членство во наредните денови. Прашањето е не „дали", туку „кога" ќе почнат. Внимателен сум за ова прашање бидејќи знам дека некогаш постигнувањето консензус меѓу 28-те земји членки трае подолго отколку што јас би сакал. Но, нема сомнеж дека местото на вашата земја и на регионот е во ЕУ, нагласи Туск.

Изборот на Пендаровски и неговата прва посета на Брисел, Туск ја оцени како високо симболични и извор на надеж за земјата и за целиот регион.

– Прво, Вашата неспорна изборна победа покажа нова верба на граѓаните и политичките сили во демократските процеси и создаде добра база за институционална стабилизација. Второ, изборите ја потврдија евроатланската ориентација на земјата. Изборите беа и референдум за меѓуетничкото помирување и добри односи со соседите и вие тој тест го поминавме успешно. Договорите со Бугарија и Грција се историски, и пример што треба да го следат и другите во регионот и пошироко.

Претседателот Пендаровски на прес-конференцијата кажа дека по исполнетите задачи, Северна македонија не бара незасужена награда, туку заслужена шанса да изградиме европска држава со праведно, хумано и напредно општество. Посочи дека членството во ЕУ и НАТО е стратешка определба на државата и на огромното мнозинство граѓани.

– Пред две недели го добивме најдобриот и најпозитивниот извештај на ЕК за нашата земја. Не само што добивме чиста препорака за почеток на прероговите туку бевме посочени како светол пример во Западен Балкан. Тоа го направивме со решавање на децениски прашања. Донесовме храбри одлуки за многу чувствутелни прашања за нашите граѓани со цел да ја отстраниме најголемата пречка во процесот на зачленување и во ЕУ и во НАТО. Со договорот за добросоедство со Бугарија и со Спогодбата од Преспа се ослободивме од товарот во минатото. Македонија е единствената земја во регионот која веќе нема отворени прашања со соседите. Покрај тоа испорачување реформи во многу клучни области и се усогласуваме со политиката на ЕУ. Свесни сме дека се потребни уште реформи и оти имаме слабости, ни претстои многу работа. Но морам да истакнам една реалност – ние сме најефикасни кога пред нас имаме задачи, а преговорите за членство се најдобрата реформска алатка, истакна Пендаровски.

Потсети на улогата на земјата во справувањето со мигрантската криза во 2016, а со тоа и во зачувувањето на европската безбедност.

– Со тоа покажавме дека сме цврсти европски партнери. Овој јуни ЕУ има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на целиот наш регион – со тоа што ќе и додели датум за преговори на Македонија, порача Пендаровски на заедничката прес-конференција со Туск.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер