Турција уапси 48 осомничени поврзани со ИСИС и напад во црква

Турција уапси 48 осомничени поврзани со Исламската држава, која ја презеде одговорноста за нападот на католичката црква Санта Марија на 28 јануари во Истанбул, изјави денеска турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја.

Јерликаја на платформата „Х“ напиша дека се уапсени 48 осомничени, главно поврзани со сторителите на нападот во црквата Санта Марија на 28 јануари, во кој загина едно лице, како и оние кои биле во контакт со конфликтните зони.

Јерликаја изјави дека акцијата за апсење ја извршиле полициските одделенија на Истанбул и Анкара во координација со Генералниот директорат за разузнавање и Одделот за антитероризам.

За време на операциите, 30 осомничени за кои се верува дека се вмешани во нападот на црквата Санта Марија беа уапсени од антитерористичкиот тим на полицијата во Истанбул, додека 18 други поврзани со ИСИС беа уапсени од полицискиот оддел во Анкара, јавуваат турските медиуми.

Терористичката група ИСИС ја презеде одговорноста за вооружениот напад на црквата Санта Марија во истанбулскиот кварт Сариер на 28 јануари.

Во тој напад загина 52-годишен маж. /MИА

Ердоган: Споровите околу изворите на вода предизвикуваат конфликти низ светот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека поради негативните ефекти од климатските промени, изворите на вода и резервоарите стануваат подрачја на конфликти ширум светот.

„Многу конфликти во Азија, Америка, Северна Африка и Блискиот Исток произлегуваат од споровите околу изворите на вода. Поради негативните ефекти од климатските промени, изворите на вода и резервоарите стануваат подрачја на конфликти“, рече Ердоган на собирот посветен на земјоделството организиран од турската државна банка Зират во Истанбул.

За договорот за црноморското жито од 2022 година, со посредство на Турција и ОН меѓу Русија и Украина, Ердоган оцени дека, да не беше договорот во кој посредуваше Турција, „многу подрачја ќе се соочија со глад, особено африканските земји. .

Тој нагласи дека Турција, сред пандемијата „Ковид-19“ и војната во Украина, „го спречи влошувањето на ситуацијата обезбедувајќи минување на 33 милиони тони жито“ низ нејзиниот теснец./МИА

Десетици загинати и ранети во нападот на израелските сили врз Џабалија и Рафа

Израелски војници и тенкови денеска влегоа во северните делови на Појасот Газа кои ги заобиколуваа повеќе од седум месеци, убивајќи и ранувајќи десетици Палестинци, соопштија медицински претставници и жители.

Израелските сили, исто така, зазедоа дел од теренот во Рафа, јужен град во близина на египетската граница, кој е преполн со раселени луѓе.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили продолжиле да дејствуваат во областите низ Појасот Газа, вклучително и Џабалија и Рафа, спроведувајќи, како што ИДФ ги нарече, „прецизни операции против терористите и инфраструктурата“.

„ИАФ (Воздухопловните сили) продолжуваат да дејствуваат во Појасот Газа и нападнаа над 70 терористички цели во текот на изминатиот ден, вклучително складишта за оружје, локации во воената инфраструктура, терористи кои претставуваа закана за војниците на ИДФ и воените комплекси“, се наведува во соопштението на израелската армија./МИА

Стара експлозивна направа пронајдена во двор во делчевското село Вирче

Во делчевското село Вирче пронајдена е стара неексплодирана граната. Случајот е пријавен од жител на селото кој експлозивната направа ја пронашол во својот двор. 

-Во Пoлициската станица Делчево, А.М.(60) од с.Вирче, делчевско, на 17.05.2024 во 19.50 часот пријавил дека при извршување градежни работи во неговиот двор пронашол една стара неексплодирана граната, се вели во информацијата од делчевската полиција.

Гранатата по извршениот увид била подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

притисни ентер