Триесет милиони заболени од корона во светот, пандемијата не запира

Според Ројтерс, бројот на заболени од коронавирус во светот достигна 30 милиони луѓе и нема знаци дека пандемијата го забавува ширењето.

Индија е во фокусот како последен епицентар на инфекцијата, иако Северна и Јужна Америка заедно сочинуваат скоро половина од сите случаи во светот.

Глобалниот дневен број на нови случаи на инфекција достигна рекордно ниво во последните денови, а евидентирани се смртни случаи од близу 1 милион луѓе, додека истовремено се забрзува меѓународната трка за развој и дистрибуција на вакцините.

Официјалниот број на случаи со коронавирус во светот сега е повеќе од пет пати поголем од бројот на случаи на тежок грип регистриран на годишно ниво, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).

Речиси 1 милион смртни случаи поврзани со коронавирус се пријавени ширум светот, што значително го надминува бројот на смртни случаи поврзани со класичен грип, што се движат помеѓу 290 000 и 650 000 годишно.

Индија вчера стана втора земја во светот, зад Соединетите држави, што забележала повеќе од пет милиони случаи.

Оваа јужноазиска земја, втора по бројност во светот, забележала повеќе случаи отколку САД од средината на август и само тоа претставува нешто повеќе од 16 проценти од вкупните случаи во светот.

САД имаат околу 20 проценти од глобалните случаи, иако имаат само 4 проценти од светската популација. Бразил, третата најпогодена земја во светот, има околу 15 проценти од глобалните случаи.

Беа потребни само 18 дена за бројот на случаи на инфекција во светот да се зголеми од 25 милиони на повеќе од 30 милиони. Исто така, беа потребни 20 дена за бројот да се зголеми од 20 милиони на 25 милиони и 19 дена да се зголеми од 15 на 20 милиони.

Глобалната стапка на нови случаи забавува, како одраз на напредокот направен од многу земји во борбата против болеста, и покрај некои големи зголемувања на бројот на случаи во одредени држави.

Здравствените експерти истакнуваат дека официјалните податоци скоро сигурно покажуваат помалку случаи на инфекција и смрт отколку што всушност изнесуваат, особено во земјите со ограничен капацитет за тестирање.

Трката да се развие вакцина и да се донесе на пазарот се вжештува во последните неколку недели, со околу 200 кандидати на глобално ниво.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата земја може да ја подготви вакцината за дистрибуција пред претседателските избори на 3 ноември, додека кинески здравствен службеник оваа недела објави дека Кина може да има готова вакцина за јавна употреба најрано до ноември.

Иако ширењето на коронавирусот сè уште заостанува зад шпанскиот грип од 1918 година, кој зарази околу 500 милиони луѓе, убивајќи најмалку 10 проценти од нив, експертите се грижат дека достапните податоци го потценуваат реалното влијание на пандемијата.

Костадиновска-Стојчевска: Велигден нѐ обединува околу вистинските вредности за подобра иднина

Велигден нѐ обединува околу вистинските вредности за подобра иднина и напредок.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска го честита големиот христијански празник Велигден на сите сограѓани кои денес го празнуват Христовото воскресение.

-„Христос Воскресе! Честит и вековит нека ни е најголемиот христијански празник Велигден. На сите сограѓани кои денес го празнувате Христовото воскресение ви посакувам семејна хармонија, здравје, среќа, благодостојба и духовен мир. Велигден е празник кој ја симболизира победата на доброто над злото, но и празник на надежта кој постојано потсетува дека имаме сила и обвска да се бориме за вистинските вредности и дека сите носиме одговорност за подобра иднина и напредок, се наведува во честитката, соопшти Министерството за култура.

Овие денови, се додава, нека бидат денови на почеток на нашите заеднички победи, на светла иднина, на доброто, убавото и сѐ што е благородно и во користи и интерес на нашите деца и идните генерации.

-Со мудрост, трпение и одлучност да истраеме пред искушенијата и да продолжиме да гледаме напред, за мир, хармонија и просперитет, стои во честитката на министерката за култура Костадиновска-Стојчевска по повод празникот Велигден.

Пендаровски: Сè додека го зборуваме, создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои

Сè додека го зборуваме, создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни.

Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни, стои меѓу другото во пораката од претседателот на Стево Пендаровски по повод 5 Мај - Денот на македонскиот јазик.

-Нека ни е честит 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Пред точно 79 години беше озаконета македонската азбука со што континуираниот развој на македонскиот јазик низ вековите конечно добива своја рамка и се формализира. Од првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку јасно пројавената свест за неговата посебност во деветнаесеттиот век, што кулминира со делото на Мисирков, па понатаму преку Рацин до Конески, Кепески, Лапе..., сè до ден-денешен, македонскиот јазик се развива и се збогатува зацврстувајќи ја својата позиција во светското семејство на јазиците, се наведува во порака.

Македонскиот јазик како официјален јазик во нашата татковина, се посочува, го зборуваат нашите граѓани, многубројните Македонци во дијаспората, но и многу вљубеници и почитувачи слависти-македонисти низ целиот свет.

-Сè додека го зборуваме, сè додека создаваме и твориме на македонски, нашиот јазик ќе постои и сите негови ирационални негации ќе бидат беспредметни. Сè додека се живи говорителите ќе биде жив и јазикот, и сè додека е жив македонскиот јазик ќе постои и нашиот македонски идентитет. Затоа да го чуваме и да го негуваме, и секогаш да ги ползуваме најблагите и најубавите зборови изразувајќи си почит, внимание и љубов, стои во пораката од претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на македонскиот јазик.

Семејствата на заложниците го повикуваат Нетанјаху да обезбеди договор за примирје

Од Форумот сметаат дека сега е време да се „предводи, покаже храброст и да се обезбеди враќање на сите 132 (луѓе) кои ги држи Хамас, живи, поради рехабилитација и на убиените за да бидат погребани“.

Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица денеска на Денот на сеќавањето на Холокаустот, апелираше до премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху „да го игнорира целиот политички притисок“ и да се потсети на ветувањето „никогаш повеќе “ и да обезбеди договор за ослободување на Израелците земени како заложници во Газа.

Од Форумот сметаат дека сега е време да се „предводи, покаже храброст и да се обезбеди враќање на сите 132 (луѓе) кои ги држи Хамас, живи, поради рехабилитација и на убиените за да бидат погребани“.

Соопштението дојде на денот кога се очекува да продолжат разговорите во Каиро за потенцијалниот договор.

Се верува дека договорот за кој се разговара се состои во неколку фази. Во првата фаза би биле ослободени ограничен број таканаречени „хуманитарни“ заложници за неколкунеделно примирје.

Во следните фази, уште повеќе затвореници би биле ослободени во замена за Палестинците во израелските затвори, а постои можност и за воспоставување поцврсто примирје.

Хамас, сепак, инсистира дека нема да се согласи на договор кој не вклучува крај на војната.

притисни ентер