Трет ден од Самитот на НАТО во Вашингтон - Канал 5

Трет ден од Самитот на НАТО во Вашингтон

Во Вашингтон денеска продолжува средбата на шефовите на држави или влади на членките на НАТО, на која учествува и македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. 

Трет ден од Самитот на НАТО во Вашингтон

На третиот ден од вашингтонскиот Самит на НАТО, лидерите на Алијансата ќе имаат состанок со нивните колеги од партнерските земји од азиско-пацифичкиот регион - Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја, како и со високи претставници на Европската Унија.

Самитот ќе заврши со заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на шефовите на држави или влади, на кое се очекува реафирмација на поддршката на Алијансата за Киев колку што ќе биде потребно.

Вчера при пристигнувањето на работниот дел на Самитот, премиерот Мицкоски изјави дека за нас е важно на овој собир да бидат донесени одлуки што ќе ја моделираат иднината на човештвото во следните декади, за што и земјава ќе го даде својот придонес.

- Како држава сме подготвени да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници за да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега, така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право, истакна Мицкоски.

Премиерот посочи дека македонската Влада сака да биде рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани.

- Остануваме посветени на исполнување на обврските, односно минимум два проценти од БДП да бидат инвестирани во модернизација на нашата Армија, нешто коешто е многу важно, затоа што само на тој начин ќе ги следиме современите чекори и ќе ја следиме најголемата светска одбранбена алијанса што некогаш постоела, додаде Мицкоски.

На вчерашниот дел од Самитот, на кој се одржа заседание на Северноатлантскиот совет, лидерите расправаа за усвојување на „значителен пакет“ за поддршка на Украина од пет елементи, кој опфаќа создавање Командата на НАТО за Украина која ќе обезбедува безбедносна помош и обука, потоа ветување за продолжување и одржување на долгорочната поддршката за земјата и испорака на итна воена поддршка, кој ќе вклучува системи за противвоздушна одбрана и нови билатерални безбедносни договори меѓу сојузниците и Киев, обезбедување целосна интероперабилност меѓу украинските и силите на Алијансата и отворање нов Центар за обука и воздухопловство во Полска.

- Сите овие пет елементи заедно претставуваат силен мост за Украина до членство во Алијансата. И јас сум убеден дека сојузниците ќе ја повторат својата посветеност дека Украина ќе стане членка на НАТО, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Според Столтенберг, поддршката за Украина во справувањето со руската инвазија не претставува милосрдие, туку инвестиција во безбедносниот интерес на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО изјави и дека војната во Украина покажала оти безбедноста на членките на Алијансата и на партнерите од регионот на Источна Азија и Пацификот е меѓусебно поврзана, бидејќи Иран, Северна Кореја и Кина станаа „главните овозможувачи“ на руската агресија врз Украина.

Домаќинот на Самитот, американскиот претседател Џо Бајден во воденото обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет истакна дека земјите членки на НАТО мора да ги зголемат своите производни капацитет во одбранбената индустрија за да бидат во чекор со руското производство на оружје и муниција.

- Русија значително го зголемува производството на оружје, муниција и возила со помош на Кина, Северна Кореја и Иран, не можеме да дозволиме Алијансата да заостане, рече Бајден.

Тој изрази задоволство што членките на НАТО работат на проширување на нивната индустриска база и капацитети и што се посветени на зголемување на трошоците за одбраната, што тој го оцени како „критичен чекор за одржување на безбедноста“. Според него, НАТО ќе стане „поиновативен и поконкурентен“ ако членките развијат планови за домашно одбранбено производство.

Бајден оцени и дека во изминатите 75 години, земјите членки растеа и напредуваа под заштитата на НАТО.

- Денес сме посилни од кога и да сме биле досега, истакна Бајден, посочувајќи дека од неговото преземање на претседателската функција пред неполни четири години НАТО двојно го зголеми бројот на борбени групи на своето источно крило, а Финска и Шведска и се приклучија на алијансата.

Инаку, на маргините на Самитот, Мицкоски се сретна со повеќе лидери на земјите членки на НАТО, меѓу кои и со премиерите на Италија и Бугарија, Џорџа Мелони и Димитар Главчев, а заедно со неговите колеги од Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ остварија средба и со американските сенатори Џин Шајин и Том Тилис и со членови на Мониторинг група за НАТО во Сенатот на САД.

На средбата со американските сенатори Мицкоски посочи дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека единствено соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства им носи подобар живот на граѓаните. Тој истакна дека блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните.

- Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена, истакна Мицкоски, додавајќи дека е потребен нов почеток и генерација на политичари подготвени за разумен дијалог базиран на факти, како и дека иднината на регионот е економската соработка и инвестициите за посреќни граѓани и апсолутна борба против корупцијата и организираниот криминал кои се најголема закана за напредокот.

Како што објави Мицкоски на Фејсбук, со Мелони разговарале за продлабочена соработка и за можноста за зголемување на економската и трговската размена меѓу двете земји.

- Побарав поддршка од Италија за реализација на стратешкиот интерес за влез на државата во Европската Унија. Мора да се бориме за позициите и државните интереси на секој чекор, наведе Мицкоски.

Според бугарскиот премиер Главчев, пак, на средбата со Мицкоски разговарале за потребата од нормализација на меѓусебните односи и за нивно враќање на нивото од 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство.

- Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседи, изјави Главчев, додавајќи дека меѓу граѓаните и народите на двете соседни земји нема тензии, а политичарите ако не помагаат да се развиваат добрите односи, не треба ни да ги попречуваат.

Тој додаде и дека бугарската, која е и европска позиција, е дека сите држави кандидати за членство во ЕУ од Западниот Балкан треба да ги исполнат барањата што им се поставени и обврските што ги имаат преземено.

Мицкоски на Самитот на НАТО во Вашингтон ја предводи македонската делегација во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мајмун нападна жена среде улица и крвнички ја изгриза (Вознемирувачко видео)

Жителите на комплексот Инфиниум Флетс во Индија се соочија со сериозен проблем откако агресивен мајмун нападна жена пред нејзиниот дом на 13 ноември, каснувајќи ја повеќе пати.

Мајмун нападна жена среде улица и крвнички ја изгриза (Вознемирувачко видео)

Жртвата претрпе сериозни повреди, додека снимките од безбедносните камери ги забележаа драматичните моменти и предизвикаа страв кај другите жители.

Повреди на телото

Вознемирувачката снимка го прикажува дивото животно како одеднаш ја напаѓа жената, која не направи ништо за да го испровоцира. Мајмунот ја каснува повеќе пати, додека таа вреска и се обидува да се одбрани.

Таа претрпе длабоки повреди на телото, поради што веднаш беше однесена во блиската болница, каде што доби медицинска помош, објавува Дејли Стар.

Жителите велат дека веќе некое време се справуваат со мајмуни во комплексот, а најновиот напад повторно го отвори прашањето за безбедноста на жителите.

Сериозен проблем

Снимката оттогаш се појави на социјалните мрежи и предизвика бројни дискусии за присуството на мајмуни во станбените области.

Соседите велат дека нападот толку многу ги исплашил луѓето што жените и малите деца сега се плашат да ги напуштат своите домови. Според нив, зголеменото присуство на мајмуни во урбаните средини стана сериозен проблем, но властите сè уште не презеле никакви конкретни чекори за да го решат. Агресивниот мајмун подоцна бил фатен од службеници на Шумскиот оддел, што исто така било снимено со камера.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лагард размислува за нова раководна функција по оставката во Европската централна банка

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денеска изјави дека по напуштањето на таа позиција, би можела да размисли за преземање лидерска позиција на Светскиот економски форум.

Лагард размислува за нова раководна функција по оставката во Европската централна банка

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денеска изјави дека по напуштањето на таа позиција, би можела да размисли за преземање лидерска позиција на Светскиот економски форум, но нагласи дека засега не сака да шпекулира за својот иден ангажман.

Кога беше прашана за можноста да го преземе раководството на организацијата со седиште во Женева, Лагард на самитот на „Њујорк тајмс Дилбух лист“ изјави дека тоа е „една од можностите“, пренесува „Блумберг“.

Таа додаде дека ќе остане на чело на Европската централна банка до 7 февруари и дека нема планови да се пензионира.

Зборувајќи за нејзиниот иден јавен ангажман, Лагард нагласи дека мора да ја задржи политичката неутралност додека ја води ЕЦБ, особено со оглед на бројните избори што се очекуваат во Европа.

Се очекува дека по напуштањето на централната банка, таа би можела поотворено да зборува за политичката и економската состојба во Франција, чии буџетски проблеми и политичкиот застој во последните месеци придонесоа за притисок врз пазарот на државни обврзници, според агенцијата Њујорк.

„Сметам дека е моја должност да разјаснам работи, да исправам неточни изјави и да зборувам од искуството што го стекнав“, рече Лагард.

Таа претходно ги отфрли шпекулациите дека би можела да се кандидира за наследник на Емануел Макрон на функцијата претседател на Франција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Градоначалник добил отказ, откако било откриено дека е порно актер

Швеѓанецот Ларс Ериксон (55) ја изгуби работата минатиот месец откако беше откриено дека се појавил во филм за возрасни. Тој тврди дека филмот е направен пред да влезе во политиката!

Градоначалник добил отказ, откако било откриено дека е порно актер

Ериксон глуми во порнографски филмови од 2018 година, истата година кога го напушти Риксдаг, шведскиот парламент, објави Дејли Меил.

Сепак, неговата кариера како порно актер излезе на виделина откако Ериксон беше идентификуван во два филма за возрасни, кои беа објавени во 2025 година и во октомври оваа година, додека беше претседател на општинскиот совет на Јокмок во шведска Лапонија, според локалните медиуми.

Според извештаите, тој бил отпуштен на 19 октомври, а бил вратен на работа една недела подоцна, но без овластувања врз вработените, финансиите и буџетот на општината.

Ериксон тврди дека филмовите, снимени во Соединетите Држави, се направени пред тој да стане градоначалник на Јокмок и дека неговиот последен контакт со порно индустријата бил во 2022 година.

Тој глумел во филмовите под псевдонимот „Ханс“ и се појавил пред камерата во филмот, кој беше објавен во октомври.

Ериксон претходно беше пратеник од Социјалдемократската партија за изборната единица Вестманланд, која се наоѓа во близина на Стокхолм, во шведскиот национален парламент.

Истрагата на шведската телевизија SVT откри дека филмовите биле промовирани преку сметка на социјалната мрежа X до минатиот месец.

Сепак, Ериксон изјави за шведскиот медиум дека немал влијание врз тоа кога филмовите ќе бидат објавени и дека не ја управувал сметката, додавајќи дека таа била управувана во име на дистрибутерот.

„Со оглед на тоа што ова е легална, иако табу, активност што е завршена повеќе од две години пред да бидам подобен за вршење функција во општинската власт, тешко ми е да видам какво влијание би можело да има ова“, рече тој.

Ериксон е претседател на општинскиот совет и градоначалник на Јокмок од февруари 2024 година, но објавено е дека ќе биде разрешен од функцијата општински лидер, според весникот „Афтонбладет“, и покрај тоа што беше вратен на работа една недела по неговото првично разрешување.

Тој ќе добие пакет отпремнина еквивалентен на седум месечни плати.

Трудовата комисија на Јокмок ја оправда одлуката за отпуштање на Ериксон велејќи дека порнографските филмови претставуваат потенцијален безбедносен ризик, бидејќи криминалците би можеле да ги искористат за да го уценуваат поранешниот претседател на општинскиот совет.

Општинскиот советник Роланд Боман наведе „безбедносни причини“ кога беше прашан за одлуката на SVT. Боман тврдеше дека верува оти Ериксон не ја информирал општината за својата кариера во порно индустријата.

„Самата општина е од голем интерес за странските сили, а јас првенствено мислам на Русија. Да се ​​има таков фактор на ранливост во општина што е од големо значење од гледна точка на безбедносната политика не е оптимално, но тоа е нешто што општината би морала да го реши и отстрани“, рече Оле Лундин, професор по административно право на Универзитетот во Упсала.

Сепак, Ериксон одговори дека обидот да ја искористи својата порно кариера како средство за уцена би бил „бесмислен“, бидејќи бил отворен во одговарањето на прашања од шведските медиуми кога бил замолен за коментар.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер