Тренчевска до Хоџа: Македонија не е на распродажба – како дадовте согласност за пет рудници? - Канал 5

Тренчевска до Хоџа: Македонија не е на распродажба – како дадовте согласност за пет рудници?

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска побара од министерот за животна средина и просторно планирање Муамед Хоџа објаснување за согласноста на Министерството во врска со Нацрт-просторниот план, во кој се предвидува отворање на уште пет рудници.

Тренчевска до Хоџа: Македонија не е на распродажба – како дадовте согласност за пет рудници?

Тренчевска посочи дека во изминатиот период сме сведоци на најавите на премиерот Христијан Мицкоски за изградба на рудници за метали и антимон, кои се претставуваат како голема развојна шанса за државата. Таа порача дека Македонија не е приватна фирма и не е на распродажба, а природните богатства се национално богатство кое им припаѓа на граѓаните.

Тренчевска посочи дека на страница 187 од Нацрт-просторниот план се наведени пет конкретни локации – Иловица–Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке. Во истиот план, како што наведе Тренчевска, се предвидува површините под експлоатација на критични минерални суровини да се зголемат од околу два на приближно десет квадратни километри, односно петкратно.

Тренчевска побара транспарентност за тоа каде би се наоѓале коповите, јаловиштата и постројките и колку би биле оддалечени од домовите и изворите на вода, посочувајќи дека станува збор за прашања што директно ги засегаат животната средина и здравјето на граѓаните.

На крајот, таа го праша министерот како е можно неговото Министерство да даде согласност за ваков план кога, како што посочи, не се знае како овие рудници ќе влијаат врз животната средина и здравјето на граѓаните.

Во продолжение, интегрален текст од обраќањето на Тренчевска:

Моето пратеничко прашање, денеска е до министерот за животна средина и просторно планирање, Муамед Хоџа, и се однесува на нешто што директно ги засега граѓаните, нивното здравје, животната средина во која живеат.

Во изминатиов период сведоци сме на најавите на премиерот Мицкоски за изградба на рудници за метали, за антимон, кои ни се претставуваат како некаква голема развојна шанса за државата.

Всушност исто како што Мицкоски секојдневно ни претставува една паралелна Македонија во која економијата цвета, инвестициите се рекордни и се оди одлично, а за жал, таа Македонија постои само во главата на Мицкоски - реалноста во која се наоѓа државата, која ја чувствуваат и ја живеат граѓаните е поразителна и загрижувачка.

Додека граѓаните живеат со секојдневните проблеми, додека земјоделците се борат за егзистенција, додека семејствата се грижат дали ќе имаат пари за храна и сметки, дали ќе имаат чиста вода за нивните деца, Владата си има други приоритети.

Не мерки за граѓаните, не чиста животна средина, не подобри услови за живот – власта си има бизнис приоритети и тоа веќе исцртани, испланирани, ставени во план.

А јасно е веќе и како ќе се реализираат – преку распродажбата на државата. Тоа е нивниот модел на „развој“ - а во позадина профити, провизии.

Оваа Влада, на чело со Мицкоски, сега распродажбата ја внесува и во Нацрт-просторниот план – документот што треба да ја определи иднината на Македонија до 2040 година.

Документот со кој, наместо да им даде сигурност на граѓаните и на идните генерации, власта ја крои својата визија за наводен развој, зад кој, под превезот на изградба на рудници и наводен економски развој, не се крие ништо друго освен распродажба на природните богатства на државата за туѓи бизнис интереси, додека сметката повторно ќе ја плаќа.

Еве да појаснам - на страница 187 од Нацрт-планот јасно е наведено дека треба да се отворат уште пет рудници на метали. И тоа не се некакви имагинарни локации.

ВО планот се веќе исцртани Иловица–Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке.

Значи, додека граѓаните сè уште слушаат најави и објаснувања за идни рударски проекти, Владата веќе ги внесува конкретните локации во стратешки документ со кој се планира развојот на државата во следните 15 години.

Епа како ова го испланиравте? Па добро, кој ви даде право да ја планирате иднината на Македонија зад затворени врати и да им ја цртате средината на граѓаните во која треба да живеат?

Македонија нМакедонија не е ваша приватна фирма, не е на продажба и не може да се продава земјата, што е природно,национално богтаство кое има припаѓа на граѓаните, за туѓи интереси.

Не зборуваме за уште една зграда или уште еден пат, зборуваме за нешто што може сериозно да влијае врз животната средина и здравјето на граѓаните.

Антимонот е во категорија на загадувачи, токсичен - влегува почва, во реки, во бунари, растенија - во човекот.

Зборуваме за земја, за вода, за земјоделство, за природата во која живеат цели населени места - и најважно зборуваме за здравјето на луѓето.

Иако видовме колку оваа власт се грижи за здравјето на луѓето.

5000 граѓани во Гостивар се затруја од загадена вода - 11 месеци не видовме извештај. Вардар и Лепенец згадени - нема извештај. Ете толку се грижат… не им е грижа, важно е само како да профитираат, од каде да укрдата пари, да земат провизии.

И да се вратам на просторниот план - во истиот Нацрт-просторен план се предвидува површините под експлоатација на критични минерални суровини да се зголемат од околу два на приближно десет квадратни километри.

Тоа е петкратно зголемување.

Пет пати поголем простор за експлоатација. И тука доаѓаме до најважното - вие го ризикувате здравјето на граѓаните за вашите профити, ја ризикувате животната средина, плодната земја, водата…

Во документот се бара да се планираат рудници, но граѓаните имаат право да знаат каде се коповите, каде ќе бидат јаловиштата, каде ќе бидат постројките и колку ќе бидат оддалечени од нивните домови и извори на вода.

Не готови планови зад затворени врати - транспарентност, ако воопшто знаете што е тоа.

Народот одлучува за својата иднина, не вие.

Откако еднаш ќе ја загадите водата, нема враќање назад со едно соопштение.

Кога ќе се уништи земјоделска почва, не се враќа со прес-конференција.

А кога ќе се загрози здравјето на луѓето, никаква статистика не може да ја избрише штетата.

Затоа, министер, ова не е прашање само за рудници.

Ова е прашање за тоа дали оваа држава ја планира својата иднина според интересот на граѓаните или според интересот на вашата Влада.

Оттука моето прашање до вас министре е : Кaкo е можно вашето министерство да даде согласност за ваква работа, кога ништо не се знае како овие рудници ќе влијаат врз животната средина и здравјето на граѓаните?

Што водите Вие - бизнис или министерство кое треба да гарантира чиста животна средина?

Дали ги слушате реакциите на граѓаните од југоисточниот регион за рудниците кои што се планирани токму во тој регион? Рудници за чија постапка, посебно за Казандол, веќе е завршена, повторно ја враќате во овој предлог-просторен план, се наведуива во партиското соопштение.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЕФА ја обвини Грција за систематско потиснување на македонското и турското малцинство

Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса ја обвини Грција за систематско потиснување на македонското и на турското малцинство,.

ЕФА ја обвини Грција за систематско потиснување на македонското и турското малцинство

Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса ја обвини Грција за систематско потиснување на македонското и на турското малцинство, посочувајќи на заплашување, кривичен прогон и на попречување на културните активности на двете заедници.

Во соопштението се наведува дека во леринскиот округ, грчките власти ги попречувале традиционалните фестивали на кои се пеат песни и се играат ора на македонски јазик. Меѓу примерите се наведуваат прекинување на културни настани во леринските села, како и кривични пријави против припадници на македонската заедница.

ЕФА реагира и поради неспроведувањето на пресудите на европскиот суд за човекови права во предмети поврзани со македонските и со турските организации, чии пресуди остануваат неспроведени 18 години.

Од организацијата бараат Грција да ги спроведе пресудите од Стразбур и да им овозможи на македонските и на турските културни организации слободно да работат и да преземе мерки за заштита на малцинствата од говор на омраза.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хакери во Франција се обиделе да ги уништат залихите на крв

Француските власти потврдија дека е спречен сајбер-напад врз неколку француски банки за крв, пред тој да предизвика штета на крвните продукти.

Хакери во Франција се обиделе да ги уништат залихите на крв

Напаѓачите се обиделе од далечина да ја зголемат температурата во просториите за складирање, но обидот бил навреме осуетен, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews). Инцидентот се случил набргу откако неколку супермаркети низ Европа пријавија слични проблеми претходно оваа недела.

По хакерскиот упад во нивните системи, температурите во фрижидерите и замрзнувачите се зголемиле, што довело до расипување на големи количества храна и предизвикало штети во вредност од милиони.

Француската установа за крв (EFS) соопшти дека во понеделникот, на три локации за складирање плазма, „поставките за температура и одмрзнување биле зголемени на екстремно високи нивоа“. Во објектите се наоѓале ќеси со плазма наменета за трансфузија, како и плазма што се користи во производството на лекови.

Сите крвни продукти се преместени на безбедна локација или на друг начин се обезбедени. Од EFS изјавија: „Не се утврдени никакви последици по здравјето, а не е изгубен ниту еден крвен продукт“. Нападот бил насочен кон добавувач на опрема за ладење, кој соработува со EFS на тие три локации.

Од институцијата објаснија како е спречена штетата: „Системите за следење и предупредување брзо ги открија аномалиите. Ова им овозможи на вработените навремено да реагираат и да осигурат дека крвните продукти и примероците ќе останат зачувани“, се наведува во соопштението.

Од EFS нагласуваат дека собирањето и дистрибуцијата на крв продолжуваат без прекин, со што се гарантира дека редовната грижа за пациентите во болниците и другите здравствени установи останува незасегната. Инцидентот моментално е предмет на истрага од страна на Француската национална агенција за сајбер-безбедност и Министерството за здравство.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шпанската полиција ја истражува смртта на фудбалерот на Тенерифе, што го очекува голманот со кој се судри?

Шпанскиот фудбал е потресен од смртта на 30-годишниот Хесус де Мигел, напаѓачот на Тенерифе, кој почина по судир со голманот на Андора, Хесус Овоно.

Шпанската полиција ја истражува смртта на фудбалерот на Тенерифе, што го очекува голманот со кој се судри?

Додека семејството, соиграчите и навивачите се простуваат од починатиот фудбалер, шпанските медиуми пишуваат и за тешката ситуација во која се најде голманот кој учествуваше во кобниот судир. Според извештаите, нему му се заканува повеќегодишна затворска казна.

Овоно, репрезентативец на Екваторијална Гвинеја, е длабоко потресен од трагедијата. Според информациите од шпанските медиуми, тој е „во целосен шок“ и имал намера приватно да стапи во контакт со семејството на починатиот фудбалер за да им се извини.

Како што претходно објави „Спорт“, голманот сакал да се поврзе со семејството уште пред да биде потврдена смртта на Де Мигел. Сепак, трагичниот исход ја направи и онака исклучително чувствителната ситуација уште потешка.

По натпреварот во кој настрада Де Мигел, Овоно се соочи со лавина навреди на социјалните мрежи, поради што ги избриша своите профили.

Некои навивачи го нарекоа „убиец“ по судирот по кој Де Мигел остана неподвижен да лежи на теренот. До кобниот судир дојде кога Овоно истрча од својот гол обидувајќи се да стигне до топката. Голманот доби црвен картон за прекршокот, а Де Мигел се здоби со тешки повреди, од кои подоцна почина.

Покрај личните последици од оваа трагедија, за Овоно сега би можеле да следат дисциплински санкции, а се поставува и прашањето за можна кривична одговорност.

Според член 102 од Дисциплинскиот правилник на Шпанската фудбалска федерација, за насилно однесување кон противник за време на натпревар, кое резултира со сериозни повреди или други тешки последици, предвидена е суспензија во траење од четири до 12 натпревари.

Оваа одредба би можела да се примени и во случајот на Овоно, но конечната одлука ќе ја донесе надлежното дисциплинско тело откако ќе ги разгледа сите околности. Казна од осум, десет или 12 натпревари би била во рамките на пропишаниот опсег, но не постои автоматска санкција во случај на смрт на фудбалер. Шпанските медиуми известуваат дека може да се очекува изрекување на најстрогата предвидена санкција.

Покрај спортската санкција, се поставува прашањето дали Овоно може кривично да одговара за смртта на противничкиот фудбалер.

Според член 142 од шпанскиот Кривичен законик, како што пренесува „Марка“, за лишување од живот од небрежност (поради груба небрежност) предвидена е казна затвор во траење од една до четири години. За полесен облик на небрежност предвидена е парична казна, чиј износ се одредува според системот на дневни износи.

Сепак, фактот што еден фудбалер починал по судир, не значи автоматски дека другиот сторил кривично дело. За да постои евентуална кривична одговорност, би било неопходно да се докаже дека Овоно сериозно ја прекршил должноста за внимателност што се очекува при спортска активност, дека фаталниот исход бил објективно предвидлив и можел да се избегне, како и дека постои неопходна причинско-последична врска помеѓу неговите постапки и смртта на Де Мигел.

Полицијата отвори истрага за смртта на фудбалерот. Шпанската полиција веќе отвори истрага за смртта на Хесус де Мигел, а случајот е под судски надзор. Како што пренесуваат шпанските новински агенции EFE и Europa Press, како и јавниот телевизиски сервис RTVE, и државното обвинителство спроведува прелиминарни истражни дејствија.

Надлежните органи нагласуваат дека истрагата се покренува автоматски во случаи на смрт што не настапила од природни причини. Нејзиното покренување не значи дека Овоно е осомничен или обвинет за кривично дело. Евентуалната дисциплинска постапка од страна на Шпанската фудбалска федерација и можната кривична одговорност се две посебни прашања.

Фудбалската федерација ќе треба да го оцени однесувањето на голманот согласно со сопствениот Дисциплински правилник, додека евентуалната кривична одговорност би требало да се утврди во соодветна правна постапка.

Правилата на самата федерација предвидуваат независност помеѓу спортската и кривичната одговорност, како и можност случајот да се препрати до државното обвинителство доколку постојат индиции дека е сторено кривично дело.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер