Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата - Канал 5

Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата

 Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата. Во моментов на дијализа одат 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа, распоредени низ 17 градови. 

Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата

Најмладиот пациент на дијализа имал само четири години и тој, за среќа, сега веќе е трансплантиран. Најмладиот пациент кој посетува центар за дијализа има 13 години.

Од Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ бараат креирање на глобална стратегија за справување со бубрежните заболувања, со акцент на превенцијата и раниот скрининг за навремено откривање на болеста. Потребен е систем каде бубрежно болните лица ќе може да ги остварат нивните права без да лутаат по здравствените и социјални лавиринти, со психо-социјална поддршка на пациентот и семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство, велат од „Нефрон“.

Поради реновирање на одделението на Урологија, годинава не е направена трансплантација

Годинава, не е направена ниедна трансплантација, поради реновирање на одделението на Клиниката за урологија. Директорот на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, Башким Шабани за МИА појаснува дека во моментов имаат четири болнички соби, каде се вршат интервенции само на итни случаи и карциноми.

- Се планира реновирањето да заврши најдоцна до 15 април и по ова ќе почнеме со трансплантација на ливинг-донор и кадаверична трансплантација. Напоменувам дека во овој момент Центарот за трансплантација е нефункционален поради фактот што во тие простории биле третирани прележаните пациенти со коронавирус и поради тоа што технички не е функционален, а за жал, овие простории за време на пандемијата биле оштетени. По завршување на реновирањето, се предвидува реновирање и на Центарот за трансплантација, вели Шабани.

Од 1977 година до денес извршени се 596 трансплантации, од кои, 512 од жив донор и 84 кадаверични.

- Во споредба со другите балкански земји, ние сме на врвот, во подобра состојба со трансплантација на бубрези. Во однос на европските земји, сме многу далеку наназад, вели Шабани.

Најмладиот пациент на кој му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години. Според Шабани, листата на чекање за трансплантација на бубрег во нашата држава е долга.

- Околу 160 пациенти чекаат за ливинг-донор и кадаверична трансплантација, нагласува Шабани.

Тој вели дека на Клиниката има доволно стручен кадар, а во иднина се планира да има најмалку три екипи за трансплатација.

- Има посебна екипа која се занимава со трансплантација на бубрези, но, освен оваа, има и втора екипа за трансплантација од искусни уролози, кои ќе ги користат искуствата од нашата клиника, а едновремено, е направен план за едукација во развиените центри за трансплантација и во иднина, планираме да има најмалку три екипи за трансплантација, појаснува Шабани.

Преку националниот координатор за трансплантација и Министерството за здравство, планирани се континуирани едукации во најразвиените центри за трансплантација, со цел да се донесат новите искуства за трансплантацијата и да се зголеми бројот на трансплантации кај нас.

Болеста се игнорира сѐ додека не се појават тешки симптоми, кога нема враќање назад

Душко Ѓоргиев, претседател на здружението на бубрежно болни граѓани - „Нефрон“, вели дека бубрежните заболувања се сериозен предизвик со што се соочуваат скоро сите здравствени системи во светот.

- Затоа што 1 од 10 возрасни има некоја форма на бубрежно оштетување и затоа што хроничната бубрежна болест во раните стадиуми е тивка и подмолна болест без симптоми, па пациентите воошто не се свесни за болеста и за последиците што може да произлезат од неа. Недоволно развиениот систем за превенција и рано откривање на болестите, е, една од причините да нема ниту доволно развиена свесност кај населението, истакнува тој.

Свесноста кај населението за оваа болест, според Ѓоргиев, се развива преку едукација и достапност на превенцијата за секого и секаде.

- Податоците говорат дека скоро 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со хронична бубрежна болест, го игнорираат нејзиното постоење, сѐ додека не се соочат со тешки симптоми или многу напредната фаза на болеста од што веќе нема враќање назад. За таа цел, во изминативе 22 години, апелираме за превенција и свесност за бубрежните болести, подвлекува Ѓоргиев.

Тој вели дека за бубрежните болести потребно е да се применуваат универзални правила.

- Проверка на здравјето на бубрезите најмалку еднаш годишно преку проверка на крвта и тестови на урината што се широко достапни, како и редовно следење и регулирање на ризик факторите што доведуваат до хронична бубрежна болест, а тоа се регулирање на крвниот притисок, регулација на шеќерот во крвта и одржување на добра телесна тежина, практикување здрав живот и консумација на здрава исхрана и течности, нагласува претседателот на здружението.

Имајќи предвид дека 850 милиони луѓе ширум светот се соочуваат со хроничната бубрежна болест, државава не отстапувала од светската статистика и статистиката во регинот. Околу 10 милиони луѓе во светот биле во краен стадиум на болеста кога бубрезите откажуваат и имале потреба од лекување со дијализа или трансплантација, но, многу од нив не ја добивале, поради недостаток на ресурси и финансиски бариери во различни делови на светот.

- Во Македонија имаме социјален здравствен систем и правото на лекување, особено со дијализа, е загарантирано право што го добиваат околу 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа распоредени низ 17 градови. Хроничната бубрежна болест не прави разлики по возраст, пол или каква било друга разлика, па ги погодува и најмалите деца и најстарите пациенти. Според последното истражување што го правеше здружението, најмладиот пациент на дијализа беше четири години, но, тој, за среќа, сега веќе е трансплантиран. Најмладиот наш член кој е на дијализа во центар, има само 13 години, посочува Ѓоргиев во изјава за МИА.

Неопходни нефролошки амбуланти низ државата и лекови на Позитивна листа

Според податоците со кои располагаат во Здружението на бубрежно болни граѓани, на листата за чекање за трансплантација на бубрег од кадавер имало околу 100 - 150 пациенти. За жал, вели претседателот Ѓоргиев, таа листа не ја одразувала вистинската бројка.

- Во услови кога трансплантацијата од кадавер не е развиена доволно, пациентите на дијализа не се запишуваат на листата за чекање затоа што потребната типизација и испитувањата што треба да ги направат се многубројни, сложени, бараат време и финансиски средства. Минатата година ја завршивме со две кадавери (четири бубрежни трансплантации) и тоа има голем одраз на вербата на пациентите во тоа дека ќе дочекаат орган од листата. За жал, Програмата за трансплантација за 2025 година предвидува пет кадавери што во старт е премалку за потребите и очекувањата на пациентите. Очекуваме многу повеќе да се направи, особено во кадаверичните трансплантации. За жал, по број на трансплантации на бубрези заостануваме и во регионот и пошироко, веќе подолг период. Се залагаме за поголем број кадаверични трансплантации, без ограничување на бројот со годишна програма, туку да се трансплантираат сите обезбедени органи, подвлекува тој во изјава за МИА.

Ѓоргиев вели дека според досегашните сознанија, ХББ претставуваше седма водечка причина за смртност во светот. Според најновите податоци се предвидува дека до 2040 година ќе стане петта водечка причина за предвремена смрт кај населението.

За навремено дијагностицирање и следење на болеста, нагласува Ѓоргиев, треба да има развиена мрежа на нефролошки амбуланти во земјата, каде секој пациент ќе може да дојде правовремено до потребната услуга.

- Тоа значи рано откривање и приспособени регистри за добро следење на болеста што ќе обезбедат соодветно лекување, навремено креирање на васкуларен пристап, адаптација и прифаќање на болеста и избор на третман според индивидуалните потреби и можности на пациентот. Потребно е да се зголеми и достапноста на перитонеаланта дијализа, а и да се размислува за воведување домашна дијализа што е пракса ширум светот, а во соседството ја има во Србија. Потребен е систем каде бубрежно болните лица ќе може да ги остварат своите права без да лутаат по здравствените и социјални лавиринти, со психо-социјална поддршка на пациентот и семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство. Да не ги заборавиме лековите што треба да бидат ставени на Позитивната листа за спречување на компликации од болестите, нагласува претседателот на здружението на бубрежно болни граѓани за МИА.

Апелира да има што поголем број трансплантации на бубрези од жив донор и од кадавер во раната фаза на болеста, со што значајно ќе се намали бројот на пациенти на дијализа што претставува тешка и скапа процедура. Трансплантацијата, покрај тоа што е најдобро решение за пациентот, заштедува значајни средства од здравствениот буџет - една трансплантација чини колку една годишна дијализа, подвлекува Ѓоргиев.

Кампањата за Светскиот ден на бубрегот е глобална кампања што започна да се спроведува во 2006 година од страна на ISN I IFKF (Интернационални федерации за бубрежни болести), а Здружението на бубрежно болни граѓани се приклучи кон таа кампања во 2007 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Упад на маскиран разбојник во продавница- пукал три пати кон маж, а тогаш настанал пресврт (ВИДЕО)

Мустафа Болат (29) извадил пиштол од 9 мм и отворил оган врз Али Унлу во продавница во Вуд Грин, северен Лондон, по расправија со семејството на жртвата.

Упад на маскиран разбојник во продавница- пукал три пати кон маж, а тогаш настанал пресврт (ВИДЕО)

Еден од истрелите бил испукан само неколку сантиметри од главата на Унлу, но неверојатно, сите три куршуми ја промашиле жртвата.

Инцидентот е снимен со безбедносните камери на продавницата. Снимката го покажува Унлу како се врти непосредно пред разбојникот да отвори оган.

Потоа жртвата возвраќа и почнува да се бори со напаѓачот. Двајцата се туркаат и влечат еден со друг сè додека не паднат врз фрижидер со пијалоци, испраќајќи корпи со овошје што летаат во сите правци, објавува Дејли Меил.

Болат бил уапсен и обвинет за обид за убиство, но поротата го ослободила од обвинението откако тврдел дека „само се обидувал да ја исплаши“ жртвата. Тој бил ослободен и од обвинението за поседување огнено оружје и муниција со намера да се загрози животот.

Болат му рекол на судот дека не сфатил дека оружјето што го држел е „вистинска смртоносна машина за убивање“. Тој исто така тврдеше дека снимките од безбедносните камери покажуваат дека претходно имал можност да го убие Унлу и дека тоа не му била намера.

Тој се изјасни за виновен за поседување огнено оружје со намера да предизвика страв од насилство и беше осуден на затворска казна во Олд Бејли во Лондон во петок, 6 ноември.

Снимките од безбедносните камери, прикажани за време на судењето, го покажуваат Болат како влегува во продавницата во март и испука три истрели, пред Унлу да го фати и да го турне кон полиците на фрижидерот.

„Болат станува и го насочува пиштолот кон Унлу, кој инстинктивно ја подава десната рака и ја крева левата рака на Болат, која го држи пиштолот. Двајцата продолжуваат да се борат, паѓаат на ладилник, а потоа се движат кон дното на екранот“, рече обвинителот Николас Александар.

Потоа напаѓачот е виден како мирно ја напушта продавницата, додека жртвата фрла шише во негов правец.

Александар додаде: „Како што можете да замислите, имало голем број повици на 999 од луѓе кои пријавиле пукање во продавницата WG Express“.

Болат, кој живее во Тотенхем, ѝ рече на поротата: „Не сум чудовиште, не сум ангел. Правам грешки како и сите други. Бев глупав што извршив сериозно кривично дело. Не се обидувам да го минимизирам кривичното дело што го извршив, само сакам да бидам сигурен дека поротата знае дека не сум убиец.“

Напаѓачот имал претходна пресуда за тешка телесна повреда во врска со напад со нож на 14 јули 2017 година.

За време на вкрстеното испрашување на Болат, обвинителот рече: „Ова беше инцидент каде што возевте автомобил, а пред вас имаше друго возило. Во таа пригода имавте кујнски нож со вас.“

„Излеговте од вашиот автомобил, ја ставивте раката низ отворениот прозорец на автомобилот пред вас и замавнавте со ножот кон возачот на тој автомобил.“

„Возачот во таа пригода претрпе две повреди, на ногата и зглобот. Значи, вие сте лице способно да користи оружје.“

Болат беше уапсен додека возел автомобил, иако претходно му беше забрането да вози.

Со тоа, тој ги прекрши условите на 12-месечна условна казна изречена во период од две години за опасно возење и одбивање да даде примерок за тестирање за алкохол и дрога.

Во писмо до судијата, осудениот изрази каење и рече дека сега сака да води „законски живот“.

Судијата Сајмон Мајо го отфрли тврдењето на Болат дека не знаел дека пиштолот всушност е функционален.

„Уверен сум дека знаевте дека е вистинско огнено оружје“, рече судијата.

„Влеговте во продавницата, го репетиравте пиштолот и го насочивте кон г-дин Унлу. Следеше жестока борба за време на која од пиштолот беше испукано неколку пати. Последиците лесно можеа да бидат катастрофални. Фактот дека никој не беше убиен или сериозно повреден беше во голема мера прашање на случајност.“

„Намерно внесовте наполнето огнено оружје и беше очигледно дека некој може да биде убиен или сериозно повреден. Целта на внесувањето на тоа оружје во продавницата беше да се заплаши и да се предизвика страв.“

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Инфлуенсер понижувал сиромашен работник за да добие кликови- наместо да го понижи, добил 800.000 долари (ВИДЕО)

Типичен работен ден во американската држава Мичиген се претвори во непријатно искуство за татко на четири деца, кој се обидуваше да ја заврши работата и да се врати кај своето семејство. 

Инфлуенсер понижувал сиромашен работник за да добие кликови- наместо да го понижи, добил 800.000 долари (ВИДЕО)

Додека редеше замрзнати пици во супермаркет, еден млад човек му се приближи со телефон и реши да се пошегува на социјалните мрежи.

Меѓутоа, она што требаше да биде уште едно вирално видео заврши на сосема неочекуван начин. Наместо да му се смеат на работникот, луѓето од целиот интернет застанаа на негова страна и започнаа кампања за собирање средства што надмина 760.000 долари.

Според „Американ Форчун“, работникот познат како Волт З. немал поим дека еден од најнепријатните моменти на работа ќе му донесе толку многу поддршка од странци.

„Мојот живот е веќе доволно тежок“

Сè започна кога младиот човек што го снимаше побара да му каже колку е часот.

Кога Волт го извади телефонот, непознатиот инфлуенсер го приближи својот уред до него и пушти звук што имитираше успешно плаќање преку системот Apple Pay. Потоа рече дека штотуку зел десет долари од него.

Всушност, не беа префрлени пари. Целта беше да се предизвика реакција од работникот и да се сними неговата збунетост или лутина.

На почетокот, Волт се обиде да ја прекине непријатната ситуација и да продолжи да работи. Сепак, младиот човек повторно му се приближи и овој пат рече дека му зел дваесет долари. Во тој момент, работникот го изгуби трпението.

- Мојот живот е доволно тежок. Немам време за вакви работи - рече тој, видливо вознемирен.

Објасни дека неговите деца веќе си легнале, дека требало да биде дома еден час порано и дека следниот ден има нов работен ден.

Морал да стане во пет часот наутро за да посети уште десет продавници.

И потоа изговорил реченица што особено ги погодила луѓето кои подоцна го гледале видеото.

- Веројатно заработувате пари од ова, а јас не можам ниту да ја платам хипотеката. Имам четири деца дома. Ова не е смешно! - рече работникот.

Интернетот одлучи да му помогне

Видеото брзо почна да се шири на социјалните мрежи, но јавната реакција не беше она што веројатно го очекувал шегаџијата.

Наместо да се исмева работникот, имаше гнев поради неговото понижување и излив на поддршка за човек кој отворено зборуваше за финансиските тешкотии на неговото семејство.

Еден од луѓето кои беа особено погодени од видеото беше Лук Оукеншилд, воен ветеран кого Волт никогаш порано не го запознал.

Тој одлучи да започне кампања GoFundMe на 27 октомври за да собере пари.

Реакцијата беше релативно скромен првиот ден, но ситуацијата се промени многу брзо.

До следниот ден беа собрани околу 5.500 долари, потоа износот надмина 100.000 долари, а до 30 октомври достигна половина милион долари.

Според податоците објавени од Fortune на 2 ноември, кампањата собра 761.514 долари преку донации и ветувања.

Меѓу донаторите беше и американскиот претприемач и политичар Вивек Рамасвами, кој придонесе 38.000 долари.

Човекот кој ја започна кампањата живее во својот автомобил

Постои уште еден необичен детаљ во целата приказна. Имено, човекот кој ја започна кампањата за помош на Волт, самиот се соочува со сериозни животни тешкотии.

Оукеншилд изјави дека нема постојан дом и живее во својот автомобил. И покрај ова, тој одлучил да му помогне на еден потполно непознат човек чија ситуација длабоко го погодила.

Тој објасни дека ја започнал кампањата затоа што добро знае што значи да се бориш со животните проблеми и дека не очекувал поддршката да достигне такви размери.

Откако дознал за неговите околности, еден пријател започнал посебна кампања за да му помогне и него.

Организаторот истакнал дека платформата GoFundMe го следи собирањето средства наменети за Волт, за да можат парите да стигнат до него.

Компанијата стои зад вработениот

За време на непријатната средба, Волт се плашел дека инцидентот може да му предизвика проблеми на работа.

Сепак, Schwan's, кој е сопственик на брендот за замрзната пица Red Baron, јавно го поддржал својот вработен.

Компанијата соопшти дека го контактирала за да провери како е и дека продолжува да го поддржува.

На социјалните мрежи беше објавена и порака, во која се наведува дека Волт сè уште работи за компанијата и има база на обожаватели, вклучувајќи ги и неговите работодавци.

Во меѓувреме, Инстаграм профилот од кој првично беше објавено видеото со шегата е избришан.

Приказна што допре до милиони

Fortune истакнува дека силната јавна реакција не е поврзана само со несоодветното однесување на авторот на видеото.

Ситуацијата на Волт им потсети на многу Американци на нивните сопствени финансиски проблеми.

Според анкетата на CNBC и SurveyMonkey од јули 2026 година, 63 проценти од Американците рекле дека живеат од плата до плата.

Во такви околности, приказната за човек кој работи со полно работно време, издржува четири деца и се бори да го отплати хипотеката предизвика големо сочувство.

Самиот Волт им се заблагодари на донаторите и рече дека поддршката што ја добиле тој и неговото семејство значи повеќе отколку што можат да изразат зборовите.

Тој исто така нагласи дека сака да ја зачува приватноста на своето семејство, поради што засега најчесто се држи подалеку од јавноста.

Приказната што започна со обид за понижување на еден работник, така, имаше сосема поинаков крај.

Наместо да стане предмет на потсмев на интернет, таткото на четири деца ја доби поддршката од илјадници странци, кои решија да му помогнат да ги надмине финансиските тешкотии.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Иран ги отфрли обвинувањата за хакерски напади на фрижидери во 700 француски маркети

Техеран ги отфрли обвинувањата од Париз дека стои зад неодамнешната серија сајбер напади врз фрижидерите на француските супермаркети. 

Иран ги отфрли обвинувањата за хакерски напади на фрижидери во 700 француски маркети

Иранското Министерство за надворешни работи ги нарече таквите тврдења неосновани и пристрасни и објави дека најостро ја осудува „истрошената политика на Франција за обвинување против Иран“, пишува Politico.

Францускиот министер за дигитална транзиција Жан-Ноел Баро вчера изјави дека Корпусот на гардата на Исламската револуција на Иран е одговорен за невидени сајбер напади врз неколку трговски ланци минатиот месец. Баро додаде дека Париз не исклучува никакви опции како одговор на нападите што погодија 700 локации за дистрибуција на храна.

„Ќе ги преземеме сите мерки што сметаме дека се соодветни и неопходни за да ги одвратиме идните напади и да ги казниме одговорните за оваа неприфатлива агресија, вклучително и оние што нема да ги објавиме во јавноста“, рече министерот.

Истрагата се фокусираше на Револуционерната гарда

Амбасадорот на Иран во Франција е повикан во Министерството за надворешни работи откако француските обвинители објавија дека отвораат истрага за хакирање. Според француските истражители, нападите ги извршила иранската сајбер единица Шахид Каве, која е поврзана со Револуционерната гарда.

Париското обвинителство соопшти дека истрагата ќе се фокусира на шефот на тоа одделение. Наведоа и дека поради сајбер нападот избувнале дваесетина пожари.

„Напаѓачите од далечина ја презедоа контролата врз опремата преку веб-интерфејсот и започнаа ненормални циклуси на одмрзнување со неограничено времетраење. Тие, исто така, ги исклучија безбедносните предупредувања на сензорите кои требаше да се активираат откако температурата ќе надмине одредена граница“, се вели во соопштението.

Дискусија на ниво на ЕУ

Претседателката на Европскиот совет Каја Калас вчера најави дека наводните ирански хакерски напади ќе бидат разгледани на состанокот на Советот за надворешни работи следната недела. Таа рече дека одговорот на Европа треба да биде силен доколку се потврди кој стои зад нападот.

Европската комисија исто така ги истражува овие напади. Европскиот комесар за земјоделство и храна Кристоф Хансен ги опиша како „намерен обид да се наруши нашиот синџир на снабдување со храна“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер