Трамп сака да ја поттикне американската вселенска индустрија со помалку бирократија - Канал 5

Трамп сака да ја поттикне американската вселенска индустрија со помалку бирократија

Американскиот претседател Доналд Трамп планира да ја зајакне домашната вселенска индустрија со намалување на бирократските процедури, во услови на сè поголема конкуренција од земји како Кина и Индија, јави ДПА.

Трамп сака да ја поттикне американската вселенска индустрија со помалку бирократија

Со извршна наредба потпишана вчера, администрацијата ги утврди плановите за зајакнување на позицијата на САД во вселената до 2030 година, преку создавање конкурентен пазар за лансирања, значително зголемување на нивната фреквенција и воведување „иновативни вселенски активности“.

За таа цел, владата планира да ги поедностави и забрза процедурите за издавање комерцијални лиценци и одобрувања за оператори базирани во САД.

Во документот се нагласува дека обезбедувањето ефикасни лансирања и повторни влегувања во атмосферата од страна на американските оператори е „критично за економскиот раст, националната безбедност и исполнувањето на федералните цели во вселената“.Политиките имаат за цел да ја задржат „американската конкурентност и надмоќ во вселената“. Наредбата поставува рокови за федералните агенции, меѓу кои и НАСА, да предложат мерки за намалување на регулаторните пречки и да идентификуваат можни судири со постојните закони, вклучително и еколошките регулативи.

САД имаат цел да вратат човечки екипаж на Месечината до 2027 година, децении по последните американски мисии, и тоа пред други земји со амбициозни програми, како Кина и Индија. Брзата комерцијализација и приватизација во последниве години драматично ја променија вселенската индустрија, засилувајќи ја трката за водечка позиција во овој сектор.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Муцунски се обратил на конференцијата во Вашингтон за борба против политичкиот тероризам

Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, на својот Фејсбук профил објави што зборувал на конференцијата во Вашингтон за борба против политичкиот тероризам.

Муцунски се обратил на конференцијата во Вашингтон за борба против политичкиот тероризам

Тој рекол дека политички мотивираниот тероризам не смее да остане слепа точка во заедничката безбедносна архитектура и современите закани бараат координиран одговор, силни институции, цврсти партнерства и целосно почитување на владеењето на правото.

Во говорот на отворањето на конференцијата американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека САД ќе се фокусираат на меѓународните антитерористички напори кон „екстремно левичарски терор“, велејќи им на претставниците од повеќе од 60 земји дека левоориентираното насилство се запоставува. Според него, заканата од исламскиот милитаризам е „значително намалена“ благодарение на координираните меѓународни напори. Но, тој предупреди на „неоспорната реалност“ дека растечкото левоориентирано насилство е „слепа точка“.

„Заедно со високи претставници од повеќе од 60 држави, разговараме за зајакнување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со новите безбедносни предизвици. Настанот е значајна можност за продлабочување на соработката со САД и другите меѓународни партнери, преку поефикасна размена на безбедносни и оперативни информации и координиран пристап“, напиша Муцунски на Фејсбук.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Јапонија ја спасува царската лоза, но жените и понатаму не можат да ја наследат круната

Јапонскиот парламент усвои закон со кој се ублажуваат правилата за наследување на царскиот престол. 

Јапонија ја спасува царската лоза, но жените и понатаму не можат да ја наследат круната

Одлуката е поттикната од загриженоста поради намалувањето на бројот на членови на царското семејство. Сепак, законот не го менува правилото што им забранува на жените да седнат на престолот; следствено на тоа, принцезата Аико – единственото дете на актуелниот цар – и понатаму нема право да ја наследи круната, пренесува Би-Би-Си.

Обезбедување на редот на наследување Јапонија се гордее со најстарата континуирана наследна монархија во светот, со лоза што, според податоците, опфаќа повеќе од 2.600 години. Во моментов, прв во редот за престолот е помладиот брат на царот, 60-годишниот Фумихито. Втор е неговиот син, 19-годишниот принц Хисахито, додека третото и последно лице на списокот е 90-годишниот чичко на царот.

Доколку законот не беше изменет, редот на наследување ќе згаснеше доколку принцот Хисахито не добиеше машки наследник. Новиот закон го решава ова прашање преку овозможување машките потомци од 11 поранешни гранки на царското семејство повторно да бидат вклучени во главната лоза. Овие гранки биле исклучени од семејството по Втората светска војна.

Според новите правила, членовите на царското семејство ќе можат да го задржат својот статус доколку стапат во брак со лица кои не припаѓаат на царското семејство. Претходно, тие беа обврзани да се откажат од своите титули и да го напуштат семејството – како што тоа го стори принцезата Мако во 2021 година, кога се омажи за својот партнер од студентските денови.

Оваа промена обезбедува поголем број членови на семејството кои ќе можат да ги извршуваат официјалните должности, како што се учеството во дворски церемонии и јавните настапи.

Сепак, децата родени од женски членови на семејството и од лица кои не припаѓаат на царското семејство и понатаму нема да имаат право да го наследат престолот.

Ова е прва измена на Законот за царскиот дом од 1949 година и претставува најзначајна реформа на јапонскиот царски систем во последните неколку децении.

Прашањето за недостигот на машки наследници долго време поттикнува дебати во јавноста во Јапонија, особено во однос на тоа дали на жените треба да им се дозволи да седнат на престолот.

Премиерката Санае Такаичи и други конзервативни политичари го поддржуваат правилото според кое само мажи можат да го наследат престолот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Префинето музицирање на триото „Кимера“

Незаборавно музичко доживување исполнето со виртуозност и длабока емоција приреди италијанското трио „Кимера“ кое настапи вчеравечер на 66.издание на фестивалот „Охридско лето“.

Префинето музицирање на триото „Кимера“

Публиката во црквата „Света Софија“ ги почувствува индивидуалните музички квалитети на пијанистката Марта Черета, на виолинистот Стефано Ракањи, како и на виолинистот Џорџо Лукини, но не помалку се чувствуваше и префинетоста во заедничкото музицирање на тројцата млади уметници за што беа наградени со бурни овации.

Виолинистот Стефано Ракањи рече дека за фестивалот конципирале посебна програма и оти акустиката во храмот, како што кажа, била топла, особено за пијаното.

-Репертоарот е посебно создаден за фестивалот „Охридско лето“. Ги имавме „Петте куси пиеси“ од Триото број 1 на чешкиот композитор на модерната класична музика Бохуслав Мартину. Тој пишувал долги сонати, но не и во овој случај. Пред тоа отсвиривме потрадиционална класична музика од Бетовен. Тој како млад композитор сакал да ги покаже своите способности пред публиката во Виена и затоа го создал ова Трио во Це-мол опус 1 број 3 кое е најромантично и истовремено бурно по карактер дело. Вечерта ја завршивме со славното дело на Дмитри Шостакович, Трио бр.2 напишано за време на Втората светска војна и посветено на неговиот драг пријател Иван Солертински, руски музиколог и полиглот, појасни Ракањи.

„Кимера“ е оформено под менторство на Патрик Јуед на Високата школа за уметности во Берн и неговите членови се здобиваат со магистериум по камерна музика во 2023 година. Во Италија студираат со квартетот „Кремона“ во Центарот за гудачки инструменти „Стауфер“, а постдипломските студии ги завршуваат на Конзерваториумот „А. Боито“ во Парма под стручно менторство на квартетот „Парма“.Инспирација и искуство црпат од соработките со Миша Мајски, Амирам Ганц од триото „Алтенберг“, од Антонио Менезес и од Екарт Рунге кој е член на квартетот „Артемис“.Триото е официјален член на Европската академија за камерна музика.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер