Традицијата, стереотипите и предрасудите го „гушат" женското претприемништво

Енергетиката, машинската и електро индустријата сé уште се перципираат како „машки" струки. 

Жени има многу малку и на раководни позиции во компаниите. Во селата продолжува генерациски да се пренесува убедувањето дека „глава" на семејството треба да биде мажот. Никако да се избориме со традиционалните бариери, стереотипите и предрасудите кои и натаму значително влијаат врз свеста за развој на женското претприемништво.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Сојузот на стопански комори (ССК), далеку заостануваме зад просекот на ЕУ во однос на родовата еднаквост. Тоа го покажува и јазот на пазарот на труд каде мажите учествуваат со околу 60 проценти, а жените со помалку од 40 отсто. Слични се бројките и од аспект на вработеноста. Ситуацијата е комплетно различна кога станува збор за неактивното население, кое не е вклучено во работната сила. Тука мажите учествуваат со 35 отсто, а жените со 65 проценти.

Неопходна е поголема поддршка од државата, и финансиска и во однос на разбивање на стереотпите, но мора да се направат и низа законски измени за да изградиме родово еднакво општество, порачаа претседателката на Здружението на бизнис жени, Валентина Дисоска, претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска и потпретседателката на ССК, Габриела Кулебанова.

Тие посочија и дека земјава воопшто не располага со релевантни статистики, односно креира политики врз неточни бројки. Институциите преземаат одредени мерки за родовата еднаквост, како и за овозможување жени да дојдат на управувачки позиции, но тоа не е доволно. Политичарите, пак, делумно го исполнуваат она што го ветуваат осоебно пред избори.

-Статистичките показатели во однос на родовата еднаквост покажуваат едно, а мерењата во реалноста друго. Нашите статистики, тоа и политичарите го признаваат, не се точни. Ги поздравуваме мерките на одредени институции кои прават напори за внесување на жените во управувачките позиции, но тоа не е доволно, рече Кулебанова.

Се осврна и на квотите за раководните позиции. Укажа дека треба да се укинат и оти квалитетот треба да биде на прво место за добивање одредена функција.

-Позиционирањето на високите позиции драстично се разликува во приватниот и во јавниот сектор. За разлика од приватниот, во јавниот сектор постојат квоти. Доколку постои свест и култура на почитување на вредностите, квотите не би требало да постојат. Додека да се премости таа разлика, треба да се размисли за воведување квоти во приватниот сектор, по примерот на Германија која уште пред пет години воведе минимални квоти за жени во одборите на директори во големите компании, потенцира потпретседателката на ССК.

Во овој контекст укажа на меѓународната студија според која, жените ги надминуваат мажите во 11 од 12 клучни компетенции за емоционална интелигенција (самосвест, емпатија, управување со конфликти, адаптибилност и имска работа кои се основни вештини за ефективно лидерство).

-Мора да се воведат родовосензитивни статистики, а не да се нагаѓа и врз основа на тоа да се креираат политиките. Мора да имаме информации. Имаме добри политики креирани врз неточни информации. Не може така. Бараме, целосно, а не селективно почитување на Националната стратегија за женско претприемништво во која постои дефиниран фонд за развој. Само така, со континуирано следење на Акцискиот план можеме да постигнеме конретни резултати, истакна Дисоска.

Мојсоска побара измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување со кои, како што напомена, ќе се изнајде решение земјоделките и земјоделците кои плаќаат придонеси и на кои земјоделството им е основна дејност, да го искористат своето право на здравствено осигурување и боледување. Во оваа прилика уште еднаш апелира транспарентното дејствување на Федерацијата да не се искористува од политичките партии за ситни поени.

-Дали вистински знаеме кои се всушност руралните жени, со што се соочуваат, како живеат, дали се вистински вреднувани од општеството и околината? Тие се соочуваат со социјална исклученост, невработеност, родова дискриминација, нееднаква распределба на приходи, доминација на традиционалните норми. Лишени се од сопственост на земјоделско земјиште и имот, од правото на платено родителско отсуство, а ограничен им е и пристапот до образование, информации, здравствена заштита, јавни и социјални услуги. Ваквите услови ги принудуваат руралните жени на живот во поголема сиромаштија и ја поттикнуваат сиромаштијата. Постои и правен пропуст во Законот за здравствено осигурување односно во член 14 опфатени се само физичките лица кои се вработени во приватен сектор или државни инситуции, самовработени лица, а се изоставени регистрираните земјоделки и земјоделци. Апелираме државните институции за здравство и социјална работа да почнат инклузивен процес за измени и дополнување на Законот, рече Мојсоска.

Последните податоци покажуваат дека само пет отсто од руралните жени кај нас имаат свој имот. Околу 64 отсто не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за семејството, додека 47 проценти од невреботените рурални жени вршат неплатена работа во семејните фарми.

-Многу е мал бројот на жените во руралните средини кои се поддржани од своите семејства во тоа што го работат. За да имаат свој бизнис, тие треба да бидат похрабри во донесувањето на одлуките, истакна претседателката на НФФ.

Вработените македонски жени засега се најзастапени во услужните дејности и во ИКТ секторот, онаму каде што до израз доаѓаат нивните личните вештини, беше нагласено на прес-конференцијата. /МИА

Анкета: Дури 79 проценти од Германците се незадоволни од владата на Шолц

Две третини од Германците се незадоволни од политиката на ниво на Европската унија, а дури 79 отсто од нив се незадоволни од владата на канцеларот Олаф Шолц, покажува истражувањето на Deutschlandtrend објавено денеска.

Мнозинството критичари на ЕУ се меѓу гласачите на десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и новата левичарска партија Алијанса Сара Вагенкнехт. 41 процент од Германците како најголем проблем го посочиле прашањето за имиграцијата, азилот и интеграцијата на имигрантите, пишува во анкетата на Deutschlandtrend.

51 отсто од нив сметаат дека решението за миграциското прашање би биле договори со Египет, Либан и Тунис, според кои овие земји би ги спречиле потенцијалните баратели на азил да патуваат во Европа, а за возврат би добиле финансиска помош од ЕУ.

79 отсто од граѓаните се незадоволни од владата, додека владејачките социјалдемократи уживаат поддршка од само 15 отсто од граѓаните (15 и 14 на ниво на ЕУ), а третата коалициона партија, Либералите, 5 отсто на домашно ниво ( 4 проценти на европско ниво), што ги става на границата на пописот.

Опозициските демохристијани имаат поддршка од 31 отсто од граѓаните (30 отсто на европските избори), пренесува Н-ТВ. АфД остана на 18 отсто (15 отсто за европските избори), а партијата на Сара Вагенкнехт сепак ќе биде во парламентот со пет отсто (седум на европските избори), додека нејзината поранешна партија Левица е под прагот.

Во истражувањето на Deutschlandtrend, над 70 отсто од граѓаните велат дека AfD треба да ги преиспита своите блиски односи со Русија и Кина и дека популарноста на партијата е намалена во последните месеци поради низата скандали, особено по апсењето на Максимилијан Крах, кој требаше да биде носител на листата на АфД на европските избори, поради сомневање за шпионажа во корист на Кина.

Сепак, три четвртини од поддржувачите на АфД сметаат дека медиумите и јавноста отишле предалеку кога станува збор за критикување на Крах. Истражувањето покажало дека 34 отсто од Германците сметаат дека меѓународните конфликти се голем проблем, 21 отсто се загрижени за заштитата на животната средина и климата, а точно една петтина го гледаат слабеењето на економијата како проблем.

Дојче веле наведува дека државниот буџет за следната година е клучен проблем. Либералите инсистираат буџетот да биде без нови долгови, додека СДП и Зелените инсистираат дека е неопходно ново задолжување.

Јавното мислење најмногу се залага за опцијата за штедење, односно 54 отсто од нив, додека 40 отсто сакаат да се реформира уставното правило за задолжување. Доколку не се смени политиката за сопирање на долгот, која го ограничува јавниот дефицит на 0,35 отсто од бруто домашниот производ, се проценува дека државата ќе заштеди околу 30 милијарди евра.

Дури 78 отсто од Германците сметаат дека не треба да се штеди на здравствената заштита и грижата за старите лица и тврдат дека треба да се зголемат расходите за овие потреби.

На листата приоритети на Германците, пензиите (58 отсто сакаат зголемување на трошоците), поддршката за семејството и децата (55), одбраната и армијата (50), а на дното се интеграцијата на бегалците (17) и социјалната помош (10).

Берлин бесплатно ја нуди вилата на нацистичкиот министер Гебелс

Властите на Берлин бесплатно нудат вила, некогаш во сопственост на министерот за пропаганда на Хитлер, Џозеф Гебелс.

Тие се надеваат дека ова ќе стави крај на децениската дебата за тоа дали зградата треба да се пренамени или срамни со булдожери и да им се даде пространото место на селата северно од германската престолнина.

„Ние нудиме секој што сака да го преземе седиштето да го земе како подарок од покраината Берлин“, изјави вчера во државниот парламент берлинскиот министер за финансии Стефан Еверс. Берлин постојано се обидуваше да им го отстапи местото на федералните власти или на покраината Бранденбург, каде што се наоѓа вилата, наместо да продолжи да плаќа за одржување на комплексот, кој стана обраснат и занемарен.

Еверс не прецизира дали приватни лица ќе можат да ја преземат вилата. „Ако повторно не успееме, како во изминатите децении, тогаш Берлин нема друга опција освен да го изврши уривањето за кое веќе се подготвивме“, посочи тој.

Гебелс, еден од најблиските сојузници на Хитлер, ја изградил луксузната вила во 1939 година на шумско место со поглед на езерото Богензе во близина на градот Вандлиц, околу 40 километри северно од Берлин.

Шефот на пропагандата живеел во Берлин со сопругата и шесте деца, а вилата ја користел за забави на нацистичките лидери, уметници и актери, но наводно и како љубовно гнездо за тајни афери, пишува Асошиетед прес. По војната, локацијата накратко била користена како болница, а потоа преземена од младинското крило на Источногерманската Комунистичка партија.

По обединувањето на Германија во 1990 година, сопственоста на локацијата е вратена на сојузната држава Берлин. Оттогаш, местото стана атракција за патниците. Гебелс се вратил во Берлин во последната фаза од Втората светска војна. Тој и неговата сопруга се убиле себеси и нивните деца со капсули со цијанид во бункерот на Хитлер додека советските трупи се приближувале.

Орбан со чудна порака по повод 20 години во ЕУ: Ние сме на граница меѓу војна и мир

По повод 20-годишнината од влезот на неговата земја во Европската унија, унгарскиот премиер Виктор Орбан даде интервју во кое донекаде ги нападна креаторите на актуелната политика во Брисел.

Како што пренесува порталот „Унгарија денес“, Орбан дал интервју за Радио Кошут и емисијата „Добро утро, Унгарија“.

„Кога Унгарија стана членка на Европската унија пред 20 години, не очекуваше дека ќе има некои радикални промени во овој блок“, започна премиерот и продолжи:

„Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност тврди дека војната од големи размери не е фантазија, додека Полска веќе наведува дека војната нема дипломатско решение. Европа си игра со оган, ние сме на граница меѓу мирот и војната“.

Унгарија со големо мнозинство го поддржа пристапувањето во ЕУ во 2003 година, а пристапните преговори беа финализирани на 1 мај следната година. Во тоа време Орбан беше голем противник за влез на Унгарија во Унијата. Сега премиерот тврди дека повеќе не е во национален интерес на земјата да биде дел од Европската унија.

„Кога се приклучивме, не очекувавме дека ќе бидеме принудени да примаме мигранти од други делови на светот или дека ќе ни вршат притисок затоа што ги заштитивме семејните вредности и дека бракот е дефиниран како врска меѓу маж и жена. Не очекувавме дека европските лидери ќе го водат континентот кон војна наместо кон мир“, рече Орбан.

Тој ги повика Европејците да гласаат на претстојните избори за Европскиот парламент за партиите кои поддржуваат мирно решение на војната во Украина, вклучувајќи ја и владејачката партија Фидес.

„Ако значителен број членови на Европскиот парламент се за мир, тогаш можеме да ја вратиме Европа од работ на бездната“, смета тој.

Пред да влезе во ЕУ, Унгарија стана членка на НАТО во 1999 година. Во март оваа година, американскиот амбасадор во Будимпешта го обвини Орбан дека ја поткопува поддршката на Алијансата за Украина и дека е на страната на Русија.

притисни ентер