Тошковски во посета на Универзитетот во Тетово и СВР Тетово - Канал 5

Тошковски во посета на Универзитетот во Тетово и СВР Тетово

„Безбеден град“ дава резултати, три жртви во сообраќајот наспроти девет минатата година.

Тошковски во посета на Универзитетот во Тетово и СВР Тетово

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Тетово оствари средба со ректорот и раководството на Државниот универзитет во Тетово, по што го посети и Секторот за внатрешни работи Тетово, каде со раководството разговараше за актуелната безбедносна состојба, предизвиците и резултатите од работењето.

На средбата со раководството на Универзитетот се разговараше за продлабочување на соработката со Министерството за внатрешни работи, со посебен акцент на создавање можности најдобрите студенти од студиските програми за кои Министерството има потреба, по завршувањето на образованието, своето знаење и капацитет да ги стават во функција на институциите и безбедноста на граѓаните.

При посетата на СВР Тетово беше констатирана стабилна безбедносна состојба, а како особено значајни беа издвоени резултатите во областа на сообраќајната безбедност.

Тетово е еден од градовите каде веќе се применува системот „Безбеден град“, а според податоците за првите осум месеци од годинава, на подрачјето на СВР Тетово во сообраќајни незгоди животот го загубиле три лица, наспроти девет во истиот период минатата година. Намален е и вкупниот број на сообраќајни незгоди.

„Ова се резултати што најдобро говорат за придобивките од системот. Кога зборуваме за ‘Безбеден град’, не зборуваме само за санкционирање на прекршоците, туку пред сè за менување на сообраќајните навики, побезбедни улици и спасување човечки животи“, нагласи министерот Тошковски.

Тој најави дека за неколку дена примената на системот „Безбеден град“ ќе започне и на подрачјето на СВР Велес, по што постепено ќе се проширува и во останатите сектори за внатрешни работи низ државата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сериозен проблем за „Ford“ во САД: Патниците се изложени на ризик од изгореници предизвикани од воздушните перничиња

Истрагата опфаќа 1,2 милиони возила на „Ford“ во САД.

Сериозен проблем за „Ford“ во САД: Патниците се изложени на ризик од изгореници предизвикани од воздушните перничиња

Американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на автопатиштата (NHTSA) денеска започна прелиминарна истрага за повеќе од 1,2 милиони возила на „Ford“, по добиени извештаи за ненамерно активирање на страничните воздушни перничиња, што резултирало со сериозни изгореници кај патниците.

Како што пренесува Ројтерс, агенцијата соопшти дека примила осум поплаки и четири извештаи за инциденти поврзани со возила од моделот „Ford Explorer“, произведени во периодот од 2021 до 2026 година.

Според податоците на „NHTSA“, возачите, патниците на предните седишта, како и некои полициски службеници – кои го користеле моделот „Explorer Police Interceptor“ – се здобиле со изгореници од втор и трет степен откако се активирале страничните воздушни перничиња вградени во седиштата.

Покренувањето на прелиминарна истрага претставува прва фаза од регулаторниот процес, во текот на која „NHTSA“ го проценува обемот на проблемот и утврдува дали е потребно дополнително испитување или евентуално повлекување на возилата.

Од „NHTSA“ наведуваат дека прелиминарната проценка обично трае до осум месеци. Доколку се појават дополнителни докази, агенцијата може да ја прошири истрагата и, на крајот, да наложи повлекување на возилата.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Експлозија во Турција, расте бројот на жртви: Спасувачките операции продолжуваат

Бројот на загинати во експлозија во челичарница во Измир се искачи на најмалку 16, а пријавени се и 13 повредени, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по работници заробени под урнатините.

Експлозија во Турција, расте бројот на жртви: Спасувачките операции продолжуваат

Во изјава по состанокот на кабинетот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека 16 лица ги загубиле животите, а 13 се повредени – од кои двајца потешко – во експлозија во фабрика за железо и челик во Измир, пренесува агенцијата Анадолија.

Тој изјави дека одговорните за каква било небрежност во Измир ќе сносат одговорност.

Претходно, тој добил извештај за несреќата од министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи и министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, кои отпатуваа во Измир.

Според „ТРТ Хабер“, во Измир пристигнал и министерот за труд и социјална сигурност, Ведат Ишикхан. Тој најави дека Институцијата за социјална сигурност назначила главен инспектор за истражување на околностите под кои се случила несреќата.

Министерот за правда, Акин Ѓурлек, изјави дека е започната истрага и дека на случајот се ангажирани четворица обвинители од Јавното обвинителство во Менемен.

Турските власти изразија сочувство до семејствата на жртвите и посакаа брзо закрепнување на повредените, напоменувајќи дека спасувачките операции се во тек, а околностите околу несреќата се истражуваат. Експлозијата се случила за време на леење на стопен челик.

Експлозијата се случила денеска околу пладне во погон на компанијата „Хабаш“ во областа Бозкој, предизвикувајќи пожар и густ чад над фабриката.

Противпожарните екипи го изгаснаа пожарот, додека на местото на настанот беа испратени полиција, медицински персонал и спасувачки тимови.

Според првичните информации, до експлозијата дошло за време на леење на стопен челик, кога кран се откачил и паднал во електрична печка.

Во соопштение од регионалните власти се наведува дека осум работници останале заробени под урнатините, поради што спасувачките екипи започнале интензивна операција за нивно пронаоѓање.

Повредените се пренесени во блиските болници, а едно лице со хеликоптер е префрлено во болница во Измир. Компанијата Хабаш соопшти дека несреќата се случила за време на планирани работи за одржување на една од печките со електричен лак, додавајќи дека повредените добиле итна помош и биле пренесени во болници.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Пожар зафати куќи кај Бит – пазар, има материјална штета

Пожарот што попладнево избувна во куќи во близина на Бит-пазар во Скопје е ставен под контрола, но причинета е материјална штета, соопштија од скопската противпожарна единица. 

Пожар зафати куќи кај Бит – пазар, има материјална штета

Командатот на единицата Звонко Томески, кажа дека со пожарот зафатени биле индивидуални куќи. Избувнал на кров на двокатна куќа, а потоа поради близината на околните објекти, зафатил делови од уште две други куќи. Интервенирале со девет возила и со 22 пожарникари, кои го ставиле пожарот под целосна контрола. Повреднеи нема, а висината на материјалната штета допрва ќе се утврдува.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер