Тетово-Гостивар ќе биде стандарден автопат со по три ленти во правец

Тетово-Гостивар ќе стане автопат со по три коловозни ленти во еден правец, најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишата Зоран Китанов од Тетовско 

Тој беше во посета за да изврши увиди како оди реконструкцијата на делницата од Тетово до Попова Шапка. Причината за проширувањето на патот од Тетово до Гостивар, како што рече, е големата фреквенција на возила.

– Делницата А2 Тетово-Гостивар веќе е претесна. Дадена е проектната задача на Градежен факултет од каде имаат две алтернативни решенија. Двете се многу убави и на ниво на стандарден автопат, но ќе ја кажам само едната. Според тоа решение, лентите ќе бидат широки 3,75 метри со 3,5 метри и 2,5 метри. Градежен факултет има една опција со која може да тендерираме за главен проект да се обезбедат средства, па да се размисли втората варијанта која е многу интересна, рече Китанов.

Тој најави целосна реконструкција на патарините долж коридор 8 и воведување електронско плаќање. Во тетовскиот регион освен Тетово-Попова Шапка, додаде, ќе се реконструираат и други патни правци.

-Во тек е проектирање и во септември ќе започне рехабилитација на патот Карпалак-Желино во должина од 16 километри, потоа следи тендерска документација за патот Желино-Јегуновце. Со средства на Јавно претријатие за државни патишта се работи на делница Непроштено-Пршовце предвидени се осум милиони денари, Вратница-Јажинце премин со два милиона денари и во двата случаи подразбира гребење и нов асфалт. За делницата Тетово-Порој чекаме прво атмосферска канализација и водовод, па ние да работиме со асфалтирање на тој пат. Грпките нема да останат после реконструкција, рече Китанов.

Досега е завршена делница Пирок-Боговиње-Врапчиште со инвестирање на 15 милиони денари.

Вкупно низ Македонија се работи на 400 километри регионални и магистрални патишта кои се реконструираат, но пари има и за други локални патиша, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

-Владата станува стратешки партнер на општините. Подготвуваме како Влада проект од 70 милиони евра од Светска банка поврзан со локалните патишта што ќе даде уште поголем бенефит за општините. Тие средства од наредна година ќе може да се користат не само за регионални и магистрални, туку и за локални патишта, рече Сугарески.

Дополнително ќе се работи и на новите експресни патишта, како и на интензивирање на градбата на автопатот Кичево-Охрид. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер