Температурни рекорди во САД и Канада: Оваа жештина е опасна по живот (ВИДЕО)

Денеска во западна Канада се соборени температурни рекорди, како и на пацифичкиот северозападен брег на САД, пренесуваат новинските агенции.

За време на викендот биле поставени над 40 нови рекорди на температура во Британска Колумбија, особено во скијачкиот центар Вистлер. Литон, исто така во Британска Колумбија, сега го држи апсолутниот рекорд во Канада со 46,6 степени Целзиусови, објавија канадските власти.

Претходно регистрираната највисока температура во Канада била 45 степени во два града во Саскачеван на 5 јули 1937 година. Во текот на оваа недела се очекува продолжување на високите температури. Канадските власти издале предупредување за Британска Колумбија, Алберта и неколку делови на Саскачеван, Јукон и северозападните територии.

„Продолжениот, опасен и историски топлотен бран ќе продолжи во текот на целата недела“, предупреди агенцијата.

„Потопло е во делови на западна Канада отколку во Дубаи“, рече Дејвид Филипс, главниот климатолог.

Од другата страна на границата, американските метеоролошки служби исто така издадоа предупредувања за опасниот топлотен бран, кој најсилно ги погоди државите на северозапад, Вашингтон и Орегон.

Температурите се искачиле на највисоко ниво од 44 степени Целзиусови (112 Фаренхајтови) во најголемиот град во Орегон, Портланд, зголемувајќи ја побарувачката за мраз и климатизација, додека многу ресторани и барови биле принудени да ги затворат вратите.

Округот Мулномах, кој го вклучува Портланд, отворил 11 засолништа за итно разладување, најмногу во јавните библиотеки, каде што жителите без климатизација може да избегаат од неподносливата топлина.

„Оваа топлина е опасна по живот“, рече во изјавата службеникот на здравствената област Џенифер Винс.

Гувернерот Кејт Браун ги олесни мерките во театрите, базените и трговските центри пред топлотниот бран. Базените се покажаа како популарен избор за многумина кои бараат разладување, како и јавните чешми. Државите Орегон и Вашингтон се инаку типично умерени региони каде што многу домови и продавници воопшто немаат системи за разладување.

Анкета на ИРИ: Западен Балкан го губи трпението поради чекање за влез во ЕУ

Анкетата покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс.

Земјите од Западен Балкан се строго поделени меѓу Западот и Русија, а некогаш силната поддршка за пристапување во Европската Унија сега се намалува, покажува неодамнешната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

Резултатите од анкетата февруари-март, која истражувачката група со седиште во Вашингтон ја спроведе во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, доаѓаат во време кога регионот се соочува со обновени етнички тензии во услови на забавување на проширувањето на ЕУ и пораст на проруски чувства.

Анкетата покажа дека огромно мнозинство во Албанија и Косово сакаат нивните земји да следат недвосмислено проевропска унија и прозападен курс, додека само 10 отсто од испитаниците во Србија го дале истиот одговор.

Мнозинството од анкетираните Срби посочија дека сакаат Србија или да ги задржи врските со Русија или да води проруска надворешна политика.

Анкетата покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислено прозападен курс.

„Генерално, прозападниот тренд во регионот е силен, со неколку забележителни исклучоци“, изјави Пол Мекарти, директор на Меѓународниот републикански институт за Европа, за Гласот на Америка.

„Србија оди спротивно од другите пет земји во регионот; таа е повеќе проруска, го обвинува Западот за конфликтот во Украина, има многу низок рејтинг за приклучување кон Европската Унија“.

Мекарти рече дека прозападните тенденции се омекнати и во Црна Гора и Македонија, и покрај тоа што станаа членки на НАТО, како и во Босна, каде Турција ги замени САД како клучен сојузник на босанските муслимани.

И Србите се против членството во НАТО: само 3 отсто од испитаниците во Србија рекоа дека го поддржуваат.

„Луѓето го губат трпението со чекањето за влез во Европската Унија. Дел од ова се објаснува и со фактот дека Украина е поканета и други земји, додека во повеќето случаи земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении во редот за влез во Европската Унија“, рече Мекарти.

„Поддршката за пристапувањето во ЕУ почнува да омекнува во оние земји каде што беше многу, многу силна“.

Сепак, анкетата на ИРИ покажа дека, со исклучок на Србија, големо мнозинство во петте балкански земји сепак ќе гласаат за пристапување во ЕУ.

Во Србија, 40 отсто од испитаниците во анкетата рекле дека ќе гласаат за членство во ЕУ, додека 34 отсто би гласале против, а 17 отсто нема да гласаат.

Мекарти рече дека анти-ЕУ ставот во Србија ја поттикнува нејзината влада, која ги користи медиумите за да ги охрабри луѓето да ги напуштат надежите за членство во ЕУ и „да ги нагласи односите со странските авторитарни актери како Русија и Кина“.

Геополитичките поделби на Западен Балкан беа очигледни и во анкетата за ставовите на испитаниците кон руската инвазија на Украина.

Анкетата покажа дека 43 отсто од Србите, 27 отсто од Македонците и 25 отсто од Црногорците го обвинуваат Западот за војната меѓу Русија и Украина.

Мнозинството од испитаниците во Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија рекоа дека акциите на Русија во Украина се „донекаде“ или „целосно“ неоправдани, став што го делат 37 отсто од испитаниците во Србија.

Кој се смета за сојузник, а кој за непријател?

Долгогодишните несогласувања и етнички спорови продолжуваат да фрлаат сенка врз Западен Балкан повеќе од три децении откако распадот на Југославија доведе до крвави војни.

Осумдесет и три отсто од Косовците ја гледаат Србија, која ја отфрла независноста на Косово, како закана, додека 68 отсто од Албанците во Албанија ги сметаат Србија и Русија како главна опасност за нивната земја.

Мнозинството во Косово и Албанија ги гледаат САД, кои се заслужни за водењето на 78-дневната интервенција на НАТО во 1998-1999 година за да се запре етничкото чистење на Србија на албанското мнозинство во Косово, како клучен сојузник на нивните земји.

Во Босна, Турција се смета за најголем сојузник, а Србија како најголема закана, додека 34 отсто од Македонците ја гледаат Србија како свој главен сојузник, додека Бугарија, која го блокираше пристапот на Македонија во ЕУ, ја гледаат како нивен главен непријател.

Во Црна Гора, 32 отсто од испитаниците во анкетата на ИРИ ја навеле Србија како најважен сојузник на нивната земја, додека 19 отсто ги навеле САД како најголема закана.

Во Србија, 36 отсто од испитаниците ги навеле САД како главна закана на земјата и Русија како нејзин клучен сојузник. /МИА

Се помалку украински бегалци сакаат да се вратат во земјата

 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа.

Повеќе од половина од украинските бегалци во странство и натаму планираат да се вратат во Украина, иако нивниот удел е намален за повеќе од 20 отсто во споредба со минатата година, покажа истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Инфо Сапиенс“.

Така, 26,2 отсто од украинските бегалци се убедени дека ќе се вратат дома, а уште 26,3 отсто веројатно планираат да го сторат тоа, објави Униан. Меѓу нив, 61 отсто планираат да се преселат во Украина по завршувањето на војната.

За споредба, во ноември 2022 година, истражувањето покажа дека 49,7 отсто од украинските бегалци дефинитивно планираат да се вратат дома. Од нив 24,3 отсто се изјасниле дека планираат да го сторат тоа. Уделот на возрасните кои планираат да се вратат дома е поголем.

Кај децата овој процент е помал, 22 отсто од нив дефинитивно сакаат да се вратат, а 25 отсто веројатно сакаат. Повеќето од оние кои сакаат да се вратат се деца на возраст од 6 до 14 години и оние кои учат во украински училишта. Во исто време, расте бројот на Украинци кои претпочитаат да живеат во странство отколку во Украина.

Очекувано, подолгиот престој во странство е проследен со високо ниво на адаптација кон новиот живот. /MИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

притисни ентер