Тече рокот од пет дена за поднесување барања за амнестија

Тече рокот за поднесување барање за амнестирање за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, откако Законот за амнестија беше објавен во Службен весник.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов го потпиша Законот завчера, а тој веднаш беше објавен во Службен весник, потврди вчера за МИА директотот на ЈП Службен весник на РМ, Мартин Костовски.

Законот стапува во сила со денот на објавување во Службен весник на РМ.

Оние кои се товарат за настаните од 27 април имаат рок од пет дена од објавувањето на Законот во Службен весник да побараат амнестија, доколку сметаат дека ги исполнуваат пропишаните законски услови. Тие ќе мораат сами да побараат амнестија, а Судот и Обвинителството ќе треба исто така во рок од пет дена за одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Македонското Собрание на 18 овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за", без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година.

Јавната обвинителка Вилма Рускоска изјави дека како обвинител кој вложил многу труд, многу работа во предмет, но и како граѓанин на оваа држава не е задоволна од Законот за амнестија.

– Преквалификација нема да има за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата, затоа што не важи амнестијата за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста". А, како ќе стигнуваат барањата за амнестија, така ќе се одлучува поединечно по истите, со тоа што навистина во Законот е предвидено дека одлуката ја носи судот по претходно прибавено мислење на јавниот обвинител и тоа е добро што е така затоа што е многу подобро отколку комисија да формираа во Собранието, па амнестијата да ја одредуваат тие за кого да важи, а за кого да не важи. Сепак, обвинителот најдобро го знае предметот, а и судот кога ќе се комплетира доказната постапка, вели Рускоска.

Посочи дека, според нејзино мислење, Законот не е сосема точно, прецизно донесен, така што најави дека ќе има консултации со јавниот обвинител на Република Македонија и со колегите од ЈОРМ.

За професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први" Гордан Калајџиев Законот за амнестија за настаните содржи чудни решенија кои ќе имаат правни последици и потврдува дека политиката и натаму се меша во правосудството.

-Претпочитав почисто решение на целосна амнестија за настанот. Моделот на кој што се пристапи е веројатно оригинален. Не сум сретнал ваква амнестија во која што особено е спорно тоа што се вклучуваат и судовите и обвинителство. Значи врз основа на закон што го донело Собрание, по мислење на обвинител, со решение на суд, по барање на обвинетите е едно чудно решение кое по моја проценка ќе влече на некој начин опашки, правни последици.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Демири сака болницата во Лешок да ја спои со Клиничката болница во Тетово

Министерот за здравство Илир Демири сака болницата за белодробни заболувања во Лешок да ја спои со Клиничката болница во Тетово...

На ваквата одлука што ја најави министерот при неодамнешната посета на Тетово, остро се спотивставува медицинскиот персонал од специјализираната болница.

-Бараме да се донесат доктори специјалисти за да продолжи нормалното функционирање на болницата. Бараме барањето на министерот Демири, поврзано со нашата болница, итно да се поништи да не се најде на следната седница на Владата“, се вели во соопштението кое го испратија од болницата во Лешок.

Демири рече дека ако специјализираната болница не се земе под покровителство на тетовската болница таму без плата ќе останат 20 вработени.

Управен ги отфрли сите тужби на ДУИ - ќе дојде ли до промена на пратеничките мандати?

Ќе дојде ли до промена на пратеничките мандати во 5. и 6. изборна единица?

По маратонска расправа во текот на вчерашниот ден Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ против решенијата на ДИК за прегласување на парламентарните избори во седум избирачки места. Според пресметките на партиите, со прегласувањето најмногу може да загуби ДУИ, два пратеника – по еден во петката и шестката..

Во Изборната единица 6 ДИК прифати еден приговор за избирачко место во Желино. Таму најмногу гласови освои коалицијата Влен, вкупно 332, додека коалицијата преводена од ДУИ освоила 134 гласа, а СДСМ само 4.

Во шестка, Европскиот фронт освои 9 мандати наспротив 7 на Вреди, но доколку разликата на ова избирачко место се зголеми за дополнителни 80 гласа, тогаш резултатот ќе биде 8-8.

Во петката, поништено е гласањето во 6 избирачки места. Таму ВМРО ДПМНЕ доби 10 пратеници, Европски фронт 4 и СДСМ тројца, но по прегласувањето може да се случи СДСМ да освои еден повеќе, а има и опција коалицијата на ВМРО ДПМНЕ да добие еден или двајца пратеници во зависност од пресметката со Донтовиот модел кој може да биде пресуден а со оглед на ниската разлика во изборниот количник.

Од коалицијата „Вреди“ ја поздравија одлуката на Управниот суд, за која велат дека е во согласност со волјата што ја изразија граѓаните на 8 мај.

-Ја поздравуваме одлуката на Управниот суд, која е во согласност со волјата што ја изразија граѓаните на 8 мај. Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат.- Коалиција Вреди

Со поднесувањето на приговорите до ДИК и барањето за прегласување од Вреди и ВМРО ДПМНЕ, од ДУИ обвинуваа за изборен инжињеринг кој како што тврдат бил договорен по политички договор на опозицијата, во кој учествувал и СДСМ.

Земјоделците да ги заштитат посевите, повремените врнежи погодни за појава на плевели

Променливото време со повремени врнежи дожд е погодно за појава на плевели, болести и штетници.

Поради тоа, земјоделците треба да посветат поголемо внимание за заштита на нивните посеви, препорачуваат агрометеоролозите од УХМР.

Доколку временските услови дозволуваат, може да се продолжи со другите агротехнички мерки. Се препорачува да се преземат и превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, како и за расчистување и заштита на одводните канали за полесно одлевање на површинските води, велат агрометеоролозите.

-Променливото време со повремени врнежи дожд во изминатите денови, ги одржува земјоделските култури во активна состојба, со доволно влага во почвата, но и со услови на појава на плевели, болести и штетници заради големата релативна влажност на воздухот. При вакви временски услови, земјоделските производители треба да посветат поголемо внимание на заштита на нивните посеви од плевели, појава на болести и штетници, заради постоење оптимални услови за нивно ширење и развој, нагласуваат агрометеоролозите.

Тие оценуваат дека новите врнежи кои ги најавува УХМР, ќе ги дополнат вештачките акумулации кои беа со намалено ниво на вода.

притисни ентер