Талевски: ВМРО-ДПМНЕ води хајка против изградбата на коридорите 8 и 10д

Она што е факт во овој момент а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ води хајка против изградбата на коридорите 8 и 10д и против американската компанија Бехтел што е една од најреномираните компании за изградба на автопатишта во целиот свет. 

ВМРО-ДПМНЕ води хајка само поради една работа а тоа е да не се изградат автопатите. А зошто водат хајка против Бехтел во неколку наврати ги прашуваме и се уште очекуваме одговор, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на СДСМ Миле Талевски.

Што се однесува до процедурата за тоа договорот да биде ставен на разгледување пред пратениците, Талевски вели дека тоа прашање треба да се упати до претседателот на Собранието со оглед на тоа дека само тој е надлежен за тоа каде и во која Комисија ќе биде проследен овој договор.

-Она кое што го бараа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го имаат на увид договорот сега во Собрание врз основа на процедура по Деловник на Собранието ќе им биде ставен на разгледување. ВМРО-ДПМНЕ нема каде да бега и мора да даде одговор на граѓаните зошто го блокира најголемиот национален капитален проект за изградба на 110 километри автопатишта за рок од 5 години, рече Талевски.

Тој обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се овој договор да не се реализира.

-Но ние како СДСМ и како парламентарно мнозинство нема да им дозволиме да не држат во заложништво. Договорот го склучивме врз основа на специјалниот Закон што е донесен во јули 2021 година и Собранието и Владата имаат обврска овој договор да го реализираат. Целта на законите којшто ги поднесовме во Собранието е договорот да се реализира што побрзо и да чини поевтино. Ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи да ги блокира овие Закони во Собранието договорот ќе чини многу повеќе и ќе трае многу повеќе време, рече Талески.

Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој заедно со неколкумина други пратеници со безбедносни сертификати побараа увид во договорот со „Бехтел и Енка“, изјави дека тие имаат право на пристап до секој документ „државна тајна“.

Зборувајќи за вчерашната најава на претседателот на Собранието Талат Џафери дека договорот ќе биде презентиран, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Џафери со ваквиот став не личи како прв помеѓу пратениците.

Тој потенцира дека криењето на договорот е најсилна индикација дека тоа што го прифатиле, како што рече, „Артан Груби и Димитар Ковачевски има силни индиции за корупција и криминал“.

Излезе од печат поетската збирка „Литературни искри”

 Во пресрет на 11. Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри”, излезе од печат заедничката поетска збирка со авторите учесници на конкурсот. Во неа се содржани 56 автори со по едно дело.

Годинава, на единаесетотто издание на фестивалот во конкуренција влегоа 149 регуларни пријави во двете возрасни категории.

Од песните кои прочита и оцени жири-комисијата, се издвоија 12 највисоко оценети автори од кои на шест ќе им бидат доделени награди.

- Со благодарност и пожелание да ја слават, но и читаат поезијата, во оваа збирка ви отвораме срдечен простор за прочит на сите автори што ги споделија со нас нивните искрени интимни поетски, истакнува претседателката на жири комисијата Д-р Наташа Сарџоска во освртот за збирката.

Во оваа збирка има автори од Хрватска, Србија, Романија, Словенија, Албанија и Црна Гора, Босна и Херцеговина сите на нивниот мајчин јазик и во превод на македонски јазик. Организаторот и проектен координаторот на фестивалот, Слаѓана Брезовска, информираше дека подготовките за реализација на единаесеттото фестивалско издание се при крај. Таа упати отоворена покана до сите љубители на пишаниот збор на 24 мај Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар да присуствуваат на претставувањето на финалистите промоцијата на заедничката поетска збирка.

Традиционалната поетска литературна манифестација Меѓународен поетски фестивал „Литературни Искри”,Гостивар се организира по повод Државниот празник 24-ти Мај во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј по единаесетти пат. /МИА

Зеленски: Од примирјето за време на ЛОИ корист ќе има само Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека ја отфрлил идејата на шефот на француската држава Емануиел Макрон за „примирје“ со Русија за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз.

Според Зеленски примирјето „ќе му користи на непријателот“.

- Да замислиме за момент дека има прекин на огнот. Прво, ние не му веруваме на (рускиот претседател Владимир) Путин. Второ, тој нема да ги повлече своите војници. Трето, кој гарантира дека Русија нема да ја искористи можноста да донесе трупи на нашата територија, посочи Зеленски.

Макрон се залага за примирје ширум светот за време на Летните олимписки игри, што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.

Зеленски во интервјуто за АФП наведе и дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

- Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје. Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

- Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

- Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

Поплави и свлечишта во германската провинција Сар

Обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во западната германска покраина Сар. Поради надојдената вода евакуирани се жителите од неколку згради.

Според Германската метеоролошка служба во Сар вчера наврнале повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар за помалку од 24 часа.

Според досегашните информации, во силното невреме нема жртви, а при евакуацијата едно лице е повредено.

Голем број патишта во Сар сè уште се затворени, а ограничен е и железничкиот сообраќај.

Германскиот сојузен канцелар Олаф Шолц најави дека ќе ја посети поплавената област.

Поради обилните дождови зголемена е готовност и на надлежните служби и во Саксонија, Тирингија и Баварија./МИА

притисни ентер