Таки Фити: Ставот БАН за македонскиот јазик не го поддржуваат сите бугарски академици

 Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа.

– Актуелниот претседател на МАНУ Таки Фити денеска изјави дека ќе разговараат со колегите од Бугарската академија на науките (БАН) околу нивниот став дека Повелбата за македонскиот јазик содржи неточни и неприфатливи позиции и во која е наведено дека офоицијалниот јазик во Република Македонија е пишано-регионален стандард на бугарскиот јазик.

Тој денеска во изјава за медиумите посочи дека има информации оти не сите академици на БАН го поддржале ставот со кој излезе Бугарската академија.

– Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните, изјави денеска академик Фити пред почетокот на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Ксенте Богоев.

Академик Фити рече дека ќе се консултира со луѓето кои се задолжени за лингвистика, по што најверојатно ќе излезат со заеднички став.

Бугарската академија на науките (БАН) смета дека Повелбата за македонскиот јазик што ја усвои МАНУ содржи неточни и неприфатливи позиции, кои им штетат на односите меѓу двете соседни земји.

– На 3 декември 2019 година Собранието на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) усвои „Повелба за македонскиот јазик". Во неа се конструирани историски и јазични аргументи за заштита на официјалниот книжевен јазик во Република Македонија како посебен самостоен јазик со континуитет и генеалогија, кој во Скопје е наречен „македонски", се наведува во реакцијата на БАН.

Бугарската академија посочува дека документот предизвикал „многу сериозни научни забелешки", поради што бил разгледан од страна на раководството на БАН, откако по него се произнеле и Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и Институтот за историски истражувања при Академијата.

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за Дојче веле наведува дека не е изненаден од ваквиот став на БАН.

– Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија, додава историчарот Ѓоргиев. /МИА.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер