Повеќето луѓе имаат непријатен мирис на телото кога се потат. Според докторката Даун Харпер, доктор по општа пракса, еден од 100 луѓе страда од хиперхидроза, состојба на прекумерно потење. Сепак, постојат ситуации кога непријатниот мирис на телото може да укажува на здравствени проблеми, пишува Дејли меил.
Според стручњаците, одредена миризба на телото, од лошиот мирис на стапалата па до невообичаениот мирис на урината, може да биде сигнал дека нешто не е во ред со нас.
Мирис на гнилеж
Силниот непријатен мирис што потсетува на нешто гнило може да биде симптом на стрес и анксиозност, што предизвикува поголемо лачење на пот од потните жлезди. Според д-р Ен Наинан, причините може да бидат носење тесна и синтетичка облека или консумирање премногу преработена храна, алкохол и шеќер.
– Ваквиот мирис може да укажува на хиперхидроза (прекумерно потење), особено на дланките и пазувите, или хормонални промени за време на менструацијата или менопаузата – вели таа.
Редовното туширање, миењето на телото со сапун и промена на облеката се најчесто решение за овој проблем. Ако мирисот не исчезнува, консултирајте се со доктор.
Мирис на квасец
Овој мирис најчесто се јавува при вагинален исцедок кај жените. Најчесто се работи за инфекција со кандида и проблеми во вагиналниот микробиом. Според гинекологот д-р Џо Бејли, најдобро е да се јавите кај вашиот лекар кој ќе ви препише адекватна терапија. Се препорачува употреба на сапуни без парфеми при миење на интимните делови од телото, памучна долна облека и избегнување тесна облека, особено панталони.
Мирис на риба
Уште еден мирис што се јавува кај жените во интимната регија. Според д-р Бејли, најверојатно тоа е последица на бактериска вагиноза и често се јавува кај жените во репродуктивниот период. Покрај непријатниот мирис, може да се појават и други симптоми, како што се чешање, печење или болки во вагината. Во случај на ваква миризба веднаш обратете се кај вашиот гинеколог за лекување, бидејќи игнорирањето на симптомите може да доведе до компликации и воспаленија во пределот на карлицата, а го зголемува и ризикот од полово преносливи болести. Најчесто се лекува со антибиотици.
Остар мирис на урина
Исхраната и недоволното внесување вода во организмот може да предизвикаат промени во мирисот и бојата на урината. Доколку забележите остар мирис на урината веднаш по мокрењето, тоа може да биде сигнал дека имате инфекција на уринарниот тракт, но и дека не внесувате доволно течност.
Урологот Сушма Срикришина предупредува дека на бојата и миризбата на урината влијаат и одредени намирници како што се: аспарагус, прокељ, кромид, одредени зачини, лук, кари, лосос, алкохол...
Уринарните инфекции обично имаат други симптоми: болка при мокрење, матна урина, траги од крв во урината. За што и да се работи, обратете се на лекар.
Лош здив
Ваквата состојба најчесто е предизвикана од недоволна или лоша орална хигиена, но може да укажува и на проблеми со забите дури и ако немате болка на забите. Редовно мијте ги забите и користете четка за отстранување на вишокот бактерии од јазикот. Ако ова не помага, побарајте помош од стоматолог.
Смрдливи стапала
Миризбата на стапалата најчесто е предизвикана од прекумерно потење на стапалата во комбинација со неквалитетни обувки. Исто така, важно е да носите памучни чорапи за да може стапалата да „дишат“. Редовно мијте ги стапалата со сапун, носете памучни чорапи и квалитетни чевли за да ја избегнете оваа непријатна состојба.