Светски ден на психоонкологијата 2026: Јакнење на психолошката поддршка во онколошката грижа - Канал 5

Светски ден на психоонкологијата 2026: Јакнење на психолошката поддршка во онколошката грижа

World Psycho-Oncology Day ја истакнува потребата психолошката поддршка да биде интегрален дел од онколошката грижа. 

Светски ден на психоонкологијата 2026: Јакнење на психолошката поддршка во онколошката грижа

По повод 9 април World Psycho-Oncology Day 2026, глобална иницијатива иницирана од организацијата International Psycho-Oncology Society и Македонија се вклучија со активности насочени кон подигнување на свеста за важноста на психолошката поддршка кај онколошките пациенти. Психологот м-р Розита Андонова, член на Интернационалното психоонколошко здружение, активно се вклучи во иницијативата и го поттикна заедничкото учество на Факултетот по психологија при Меѓународен Славјански Универзитет и ЈЗУ Општа болница Гевгелија, со цел поврзување на теоријата и практиката.

Оваа иницијатива е одобрена од International Psycho-Oncology Society, при што е добиена дозвола за користење на логото за одбележување на Светскиот ден на психоонкологија 2026. Настанот е објавен на веб-страницата и официјалните профили на социјалните медиуми на IPOS, а активностите се видливи и преку хаштагот #WPOD2026.

World Psycho-Oncology Day ја истакнува потребата психолошката поддршка да биде интегрален дел од онколошката грижа. Болеста не го погодува само телото на пациентот, таа со себе носи и силен психолошки и социјален товар. Пациентот се соочува со страв, неизвесност, анксиозност, како и со финансиски потешкотии, стигма, дискриминација и социјална изолација. Како што посочи психологот м-р Андонова, исто така, важно е да се потенцира дека последиците од болеста се чувствуваат и во семејството, кое носи емоционален товар и се соочува со промени во секојдневното функционирање. Стекнувањето на основни познавања за психосоцијалните аспекти на онколошките заболувања придонесува за подобро разбирање на потребите на пациентите и нивните семејства, овозможува поцелосна грижа и го подобрува квалитетот на животот и процесот на лекување.

Во рамки на иницијативата се одржа стручно предавање на тема Психосоцијални аспекти на онколошките заболувања на Факултетот по психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет, кое беше наменето за студенти по психологија, психолози и останати заинтересирани. Во болницата во Гевгелија секоја среда од 11:30 до 14:30 часот е овозможен отворен ден за онколошките пациенти и нивните семејства, испечатени се информативни летоци, а граѓаните можат се информирани и преку социјалните мрежи.

- Со ова се укажува дека темата има широка применливост и потреба да се отвори во повеќе сектори. Стекнувањето на основни познавања за психосоцијалните аспекти на онколошките заболувања придонесува за подобар третман на лицата заболени со канцер и нивните семејства, преку поцелосно разбирање на нивните потреби, вели д-р Андонова.

Во Македонија, психолошката поддршка сè уште не е доволно интегрирана во здравствениот систем, а постои и одредена стигма поврзана со барањето помош. Ваквите иницијативи се важни затоа што отвораат простор за разговор, ја подигнуваат свеста и придонесуваат кон постепено воведување на психоонкологијата како стандард во грижата за пациентите.

Психолошката грижа е суштински дел од лекувањето. Зад секоја дијагноза стои човек кој има потреба да биде слушнат, разбран и поддржан. Барањето помош е знак на сила и грижа за себе. Да го направиме невидливото видливо.

Од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија изразуваат благодарност до Факултетот по психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет за соработката и поддршката, како и за препознавањето на значењето на поврзувањето на теоријата со практиката, што претставува клучен чекор во развојот на идните професионалци и до сите кои беа дел од организацијата и реализацијата на активностите, нагласувајќи дека ваквите иницијативи се чекор напред кон похумана и сеопфатна здравствена грижа.

Комитетот на WPOD го создаде следново видео на англиски јазик, насловено како „Make It Visible“ , за да помогне во промоцијата на Светскиот ден на психоонкологијата WPOD 2026. Музиката и вокалната нумера за англиската верзија беа генерирани со помош на Suno AI. Ве охрабруваме да ги споделувате видеата и хаштагот #maketheinvisiblevisible.

YouTube video

м-р Розита Андонова, член на Интернационалното психоонколошко здружение

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тајни од врвните експерти за просторот да зрачи со чист луксуз!

Со вистински насоки, секој дом може да зрачи со елеганција и хармонија.

 Тајни од врвните експерти за просторот да зрачи со чист луксуз!

Домовите на дизајнерите за ентериер често делуваат посмирено, пофункционално и поскладно од просечните домови. Не затоа што располагаат со неограничен буџет, туку зашто избегнуваат грешки кои секојдневно ги гледаат кај своите клиенти. Нивните одлуки не се импулсивни, зад секој избор постои логика, искуство и јасна намера.

Еве кои навики свесно ги прескокнуваат, а кои може да ги примените во својот дом, било да станува збор за нова градба или стара градска зграда.

Не почнуваат од боите на ѕидовите

Една од почетните грешки е бојата на ѕидовите да се избере на самиот почеток. Дизајнерите речиси никогаш не прават така зашто нијанси има безброј, па полесно е да се прилагоди бојата на ѕидот на мебелот и текстурата отколку обратно.

Наместо да го затворат просторот со погрешна нијанса на сина или сива, прво избираат тепих, завеса, софа, постелнина и трпезариска маса. Дури потоа, кога сите елементи ќе легнат на свое место, бараат тон што ќе ги поврзе во целина.

За бојата размислуваат и преку атмосферата на просторот. Посветли, поенергични нијанси оставаат за дневните простори, додека потопли и посмирени тонови се резервирани за спалните. Во помалите станови, какви што има многу во големите градови, темни ѕидови на сите страни лесно може да го „изедат“ просторот, додека внимателно избрани светли нијанси го отвораат просторот и му даваат леснотија.

Не купуваат големи парчиња поради трендот

Професионалците во сопствениот дом ретко инвестираат во софа само затоа што е популарна на социјалните мрежи. Поголемите и скапи парчиња, како софа, шкаф, или трпезариска маса, ги избираат во неутрални бои и форми што траат.

Трендовите ги следат преку деталите: перници, ламби, вазни, ќебиња или постелнина. Така просторот може да го освежат без големи трошоци и без чувство дека наскоро мора да го менуваат целиот ентериер.

Не го претрпуваат просторот

Уште една работа што дизајнерите ја избегнуваат е нередот, премногу мебел и декорации. Дури и најубавото парче мебел ја губи вредноста ако нема „простор да дише“.

Постојат два едноставни теста: дали можете да се движите без да се удирате со ќошевите од мебелот и дали просторот изгледа хаотично штом ќе влезете во него.

Посебно се внимателни при комбинирање на примероците и темните тонови. Премногу принтови или темни површини во мал стан даваат чувство на тесен простор. Помали работи на видливи површини и внимателно избирање на боите често даваат подобар резултат од купот детали.

Функцијата пред естетиката

Кога избираат мебел за себе, дизајнерите прво се прашуваат кој ќе го користи и на кој начин. Дури потоа доаѓа естетиката.

Кај софите, на пример, поважна е удобноста, наслонот за грбот и издржливоста на материјалите, отколку самата боја. Ако во домот има деца или домашни миленици, лесното одржување е пресуден фактор при изборот на мебел.

Во малите станови, каде секој квадрат е драгоцен, секое парче мора да има цел. Убав и неупотреблив мебел само зазема простор и создава фрустрација.

Не избираат само една ламба

Осветлувањето за дизајнерите е клучно за атмосфера. Едно светло на плафонот речиси никогаш не е доволно.

Наместо тоа, комбинираат повеќе извори на светлина, лустер или ламба на плафонот со подни, столни ламби, ѕидни светилки и дискретни ЛЕД ленти. Осветлувањето му дава карактер на просторот. Интересен лустер во кујната или елегантна висечка лампа под креветот може целосно да го промени впечатокот, дури и кога останатиот мебел е едноставен.

Не го уредуваат домот за да биде „виден“

Најважна лекција: Дизајнерите не го уредуваат својот дом за да ги исполнат туѓите очекувања. Иако ги знаат правилата, дома често свесно ги кршат.

Наместо да се прашуваат што е исправно во моментот, тие размислуваат што навистина им годи. Ако тоа вклучува повеќе билки од вообичаено, полици со книги во куната или столица која не се вклопува совршено, но е најудобна, така и ќе биде.

Во становите во кои се мешаат наследени парчиња, нов мебел и пристапни набавки од големите синџири, токму тој опуштен пристап често дава најдобри резултати. Можеби таквиот простор не е совршен за социјалните мрежи, но е совршен за секојдневниот живот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Од ходникот се гледа каква среќа има во домот: Овие 5 работи носат беда и малер

Среќата во домот се гледа на влезот. Погледнете што не треба да чувате во ходникот.

 Од ходникот се гледа каква среќа има во домот: Овие 5 работи носат беда и малер

Според народните верувања, ходникот не е само место каде ги оставаме јакните, чевлите и клучевите, туку место каде почнува атмосферата во домот, а некои предмети може да донесат застој, малер и немир.

Што открива ходникот за домот?

Според народната традиција, оштетено огледало се поврзувало со немир и нарушена хармонија меѓу домашните. Затоа се советува таквото огледало веднаш да се отстрани и да се замени доколку забележите пукнатина.

Истото важи и за застанат часовник. Ако батеријата не работи, а сказалките стојат во исто место, таквиот предмет во домот симболизира застој. Работата не оди како што треба, плановите се одложуваат, а работите никако да тргнат на подобро.

Во ходникот нема место ни за свенато цвеќе, зашто според народните верувања тоа симболизира нешто што поминало и во што повеќе нема живот.

Без оглед на верувањата, овие работи прават ходникот да изгледа запуштено.

Скршените работи во ходникот привлекуваат лоша енергија.

Чадор со скршена жица, лабава закачалка за облека, чевли со одлепени ѓонови, или кој било друг предмет кој чека да биде „поправен“, сето тоа спаѓа во категоријата што често се спомнува во народните верувања поврзани за домот.

Според овие верувања оштетените предмети симболизираат нешто скршено или недовршено, затоа не се препорачува нивно чување во простории низ кои секојдневно поминувате.

Практичното правило е едноставно, ако нешто со месеци чека за поправка, одлучете кога ќе го поправите или изнесете го од домот.

Огледало поставено спроти врата се смета за лош знак. Во традицијата на фенг шуи, често се вели дека огледалото свртено кон влезната врата ја враќа енергијата назад низ вратата, па се препорачува тоа да стои на бочниот ѕид, а не наспроти влезната врата.

Во помалите станови тоа не може секогаш лесно да се изведе, но ако постои можност доволно е огледалото да се помести на страна. Така просторот ќе изгледа попростран.

Без оглед дали верувате во народните верувања или на нив гледате како на интересен дел од традицијата, едно е сигурно: уредниот ходник ослободен од непотребни работи го прави домот попријатен и попривлечен.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Слушнале необични звуци под надгробен споменик, па почнала полициска акција- никој не очекувал што ќе откријат (ВИДЕО)

Мачка која три дена била заробена во гроб на гробиштата Фирлеј во полскиот град Радом била спасена по повеќедневна операција во која биле вклучени членови на градската гарда и општинските служби.

Слушнале необични звуци под надгробен споменик, па почнала полициска акција- никој не очекувал што ќе откријат (ВИДЕО)

Инцидентот се случил на 1 ноември, кога лице кое ги посетило гробиштата слушнало гласно мјаукање што доаѓало од под надгробен споменик, објавува порталот „Ехо Дња“.

Поставена е стапица во кафез

Сведокот веднаш ги известил надлежните органи, по што на местото на настанот пристигнале полицијата, вработените во гробиштата, претставници на организациите за заштита на животните и членовите на градската гарда.

Сопствениците на гробот дале согласност тој да се отвори за да се спаси животното.

Сепак, мачката се скрила во тешко достапен дел од гробот, па првиот обид бил неуспешен. Операцијата следниот ден исто така не дала резултати, бидејќи животното повторно избегало во подлабокиот дел од гробот.

Затоа, спасувачите одлучиле да остават стапица во кафез со храна за да ја привлечат мачката. Стратегијата се покажала како успешна и на 3 ноември, мачката се појавила од своето скривалиште и конечно била извлечена од гробот.

Благодарност до учесниците во операцијата

Заменик-командантот на градската гарда на Радом, Грегорж Самбор, изјави дека животното, и покрај тоа што било заробено и гладно три дена, било во многу добра состојба.

Мачката ќе биде прегледана во локална ветеринарна клиника, по што ќе биде префрлена во засолниште за животни, каде што ќе ѝ се најде нов дом.

Самбор им се заблагодари на сите што учествуваа во операцијата и нагласи дека трпението и оставањето на животното на мира биле клучни за успешно завршување на спасувањето.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер