Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликијски - Канал 5

Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликијски

Многу македонски семејства за свој домашен заштитник го имаат св. Никола и неговиот ден го празнуваат со многу свечености.

Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликијски

Заштитник на патниците и на морепловците

Многу македонски семејства за свој домашен заштитник го имаат св. Никола и неговиот ден го празнуваат со многу свечености. Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.

Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле, Кула, Нина…

Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски-Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен. Иако повеќе се празнува денот на неговата упокојување 19/6 декември, (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола ‒ зимен), сепак, внимание му се посветува и на денот на пренесувњето на моштите на св. Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај, (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола, или Св. Никола – летен).

Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Неговиот чичко, кој исто така се викал Николај, и кој бил архиепископ Патарски, согледвајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во чин презвитер. За време на ракополагањето епископот исполнет со пророчки дух во еден момент покажувајќи на младиот Николај извикал: „Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и ветува утеха на сите потиштени. Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници". Ова пророштво на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале. По смртта на стрико му кој бил архиепископ свештениците од областа Ликија барале негова замена, но сите се увериле дека немале подобар од младиот Николај и го избрале за архиепископ Мирликијски. Како архиепископ Николај бил омилен меѓу народот, зашто секогаш ги помагал сиромашните, ги посетувал болните, ги штител затворениците и неправедно осудените, младите ги советувал, грешните ги упатувал на вистинскиот пат, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на сиромашните девојки им купувал мираз за да се омажат итн.

По смртта на неговите родители коишто биле многу богати сето богатство што го наследил го разделил на сиромасите, но тоа го правел тајно тргнувајќи од божјите зборови за добрите дела да не бара светска слава.

Житието раскажува дека во тоа време во градот Патара живеел некој човек којшто ненадејно го изгубил богатството и бидејќи не бил способен да се бори во животот бил решен и со нечесни средства да остварува средства за живот. Имал намера да ја жртвува дури и честа на своите три ќерки, но во тоа го спасил св. Никола кој ноќно време низ прозорецот му дофрлувал пари. Со тие пари таткото ги омажил и трите ќерки, а кога разбрал кој му го дава богатството паднал пред нозете на Никола и со солзи во очите му благодарил со зборовите: „Ако не беше те пратил Господ да не спасиш, јас не можев да одолеам на искушенијата, ќе паднев во грев и ќе ја жртвував честа на моите ќерки."

Кога за време на владеењето на царот Диолкецијан станале големи прогони на христијаните и Николај бил затворен и подолго време останал во темница. Но кога царот Константин го признал христијанството и кога ги ослободил сите затворени христијани и Николај бил ослободен и повторно се вратил на архиепископскиот трон. Учествувал и на Првиот веселенски собор во Никеја, во 325 година, каде што удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој се одделил од христијанството и проповедал друго учење.

По пронаоѓањето на светиот крст од страна на царицата Елена многу луѓе тргнале да ги посетуваат светите места. И архиепископот Николај тргнал на вакво патување, на кое се случиле многу чудни настани. Житието раскажува дека додека патувале по морето Николај претскажал големо невреме, но морнарите познавајќи ги метеоролошките услови го исмевале велејќи му да не зборува за работи што не му се познати. Но кога набргу навистина фатило страшно невреме, кога се кренале големи бранови и кога сите очекувале несреќа Николај се помолил на Господа и бурата престанала. Вакви настани за време на животот на Николај се случиле повеќе, а тој и по смртта продолжил да ги заштитува патниците, посебно оние што патувале по вода.

Доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, а подоцна кога пред налетот на Исламот биле прогонувани христијаните, кога многу цркви настрадале и кога биле уништувани гробовите на светителите св. Николај му се јавил во сонот на некој свештеник од Бари (Италија) и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија. Во тоа време црквите во јужна Италија ѝ припаѓале на цариградската патријаршија. Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари (Италија), во 1087 година, поради што и овој датум (22/9 мај) се смета за празник на Св. Никола (Св. Николај ‒ летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кој имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. коишто доживеале исцелување.

Култот на св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, коишто како што стои во некои записи го викале „Адрбаба", што значи јадар татко или голем татко.

Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак, во народното предание најмногу е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа, пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода. Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците.

Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека „Свети Никола је на морињата – да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат". С. Тановиќ, пак во записите на обичаи и верувања од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал „поради дождови и поплави", а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците, дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата сите би се удавиле. На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот Залив престанувал сообраќајот. И Е. Спространов во обичаите од Охрид забележал дека свети Никола бил тој „шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј".

Во македонските народни песни св. Никола е опеан како „стар свети Никола" кој може да го одмрзне и замрзнатото море, но и кој гради цркви и манастири: „Цркви гради стар свети Никола, /градил ги е од злато и сребро". Стиховите, пак, од оваа песна во кои Св. Никола и се обраќа на златната рипка од дното на морето: „сребро, злато, цркви ќе дограда, / бесцен камен у олтар ќе става, / тебе рипке, курбан ќе те колам", се во врска со обичајот да се јаде риба на празникот (особено на зимскиот празник кој спаѓа во Божиковите пости) како и со обичајот во некои места за курбан да се готви риба-крап.

И во песната од зборникот на браќата Миладиновци се пее за делбата меѓу четирите светци: св. Илија, св. Никола, св. Јован и св. Петар: „На свети Никола што му паднало?/ Паднало му води и бродови, / му паднаа гемии по море, / он да имат, он да и повељат".

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник „Новини" кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога. Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во среде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат гемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа. Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој. Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел, на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.

Истражувачите на народниот живот истакнуваат дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со св. Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања, и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристјански јунак на морињата, водите и ветровите. /МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Владата на САД одобри продажба на моќни чипови од Nvidia на „фантомска“ фирма во Кина

Американската администрација одобри продажба на чипови за вештачка интелигенција (ВИ) од компанијата „Nvidia“ на кинески фирми кои се поврзани со субјекти на „црната листа“ на САД.

Владата на САД одобри продажба на моќни чипови од Nvidia на „фантомска“ фирма во Кина

Постои зголемена загриженост дека ниту Министерството за трговија, ниту „Nvidia“ не спроведуваат темелна проверка при одобрувањето на кинеските фирми кои добиваат дозвола за ракување со чиповите „H200“ на „Nvidia“, наменети за вештачка интелигенција. Според весникот „The New York Times“, компанијата наречена „New Matrix“ се наоѓа на списокот на одобрени субјекти, иако нејзините канцеларии се празни – опишани како „празна сива школка, со жици што висат од таванот, таму каде што треба да има светилки“. Всушност, весникот пронашол многу малку докази дека компанијата воопшто постои во некаков реален облик:

„На интернет има многу малку информации за ’New Matrix‘, компанија основана пред 17 месеци. Името на фирмата го нема во списокот на станари во зградата што таа ја наведува како своја адреса. Во канцеларијата за управување со индустрискиот парк, која се наоѓа во близина, и рецепционерот и менаџерот изјавија дека немаат никаква евиденција за постоењето на оваа компанија“, пренесува „NYT“.

Дури и оние малку достапни информации за „New Matrix“ се загрижувачки. Нејзините сопственици се поврзани со кинески инвестициски фонд кој од 2024 година се наоѓа на „црната листа“ на американската влада. Според „The Times“, ова не е изолиран пропуст, туку загрижувачки тренд при кој на компании поврзани со субјекти кои подлежат на трговски ограничувања – воведени од причини поврзани со националната безбедност – им се дозволува да купуваат чипови од „Nvidia“.

За време на претседателствувањето на Бајден, „Nvidia“ се соочи со ограничувања за продажба на чипови во Кина. Сепак, администрацијата на Трамп ги олесни овие ограничувања откако „Nvidia“ се согласи да ѝ отстапи на владата 15 отсто од својата вкупна продажба. Извршниот директор на компанијата, Џенсен Хуанг, исто така започна интензивна кампања за лобирање, а според извештаите, тој бил цел на кинеското Министерство за државна безбедност во рамките на шпионска операција.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Русија собра 47 бомбардери способни за носење нуклеарно оружје во една база

Русија собра дури 47 стратешки бомбардери, способни за носење нуклеарно оружје, во една воздухопловна база на Далечниот Исток.

Русија собра 47 бомбардери способни за носење нуклеарно оружје во една база

Според податоците од проектот „АвиВектор“, кој го следи движењето на воените авиони, ова ги опфаќа речиси сите бомбардери од типот „Ту-160“ и „Ту-95МС“ со кои моментално располага руската војска.

Во воздухопловната база „Украинка“, лоцирана во руската Амурска област, моментално се наоѓаат 10 бомбардери „Ту-160“ и 37 бомбардери „Ту-95МС“. Украинскиот воен портал „Дифенс експрес“ наведува дека ова би можело да претставува најголема концентрација на руска стратешка авијација на едно место, откако во февруари 2022 година започна инвазијата врз Украина.

Девет бомбардери преместени за неколку дена

Според „АвиВектор“, на почетокот на ноември Русија префрлила осум бомбардери „Ту-95МС“ и еден бомбардер „Ту-160“ во базата „Украинка“. Овие летала претходно биле стационирани во воздухопловните бази „Енгелс“ и „Олења“ – објекти што руската војска ги користи за изведување напади врз Украина.

Аналитичарите од „Дифенс експрес“ сметаат дека е можно овие девет бомбардери да учествувале во голем руски ракетен напад врз Украина во текот на ноќта на 3 ноември, пред да бидат преместени на Далечниот Исток.

Податоците објавени од „АвиВектор“ на 7 ноември покажуваат дека, по овие преместувања, во базата „Олења“ останал само еден авион „Ту-95МС“.

Зошто Русија ги преместува своите бомбардери толку далеку? Една можна причина за преместувањето е заштита на вредните летала од украински напади со беспилотни летала. Во текот на војната, руските воздухопловни бази постојано биле цел на вакви напади, при што базата „Енгелс“ во Саратовската област била особено изложена.

Базата „Украинка“ се наоѓа на повеќе од 6.000 километри од украинската граница, што значително ги отежнува евентуалните напади врз леталата стационирани таму.

Според „Дифенс експрес“, руските бомбардери во „Украинка“ се паркирани на отворено, без соодветни заштитни хангари. Аналитичарите сметаат дека руската команда се потпира на големата оддалеченост на базата од Украина. Русија сè уште нема завршено со изградбата на заштитни хангари.

Претходно, Русија започна со изградба на заштитни хангари за стратешки бомбардери во базата „Енгелс“, која се наоѓа многу поблиску до Украина.

Било планирано да се изградат до 20 вакви хангари. Сепак, сателитските снимки од октомври покажуваат дека за некои од објектите биле поставени само рамки.

„Дифенс експрес “ сугерира дека, како резултат на тоа, Русија можеби одлучила да премести голем дел од својата флота бомбардери во оддалечена база, наместо да ги задржи во „Енгелс“ без соодветна заштита.

Сепак, ова преместување го отежнува изведувањето на напади врз Украина, бидејќи авионите сега мора да поминуваат значително поголеми растојанија. Базата „Украинка“ се наоѓа на приближно 5.400 километри од „Енгелс“.

Што претставуваат бомбардерите „Ту-160“ и „Ту-95МС“?

„Ту-160“ е еден од најголемите и најбрзите стратешки бомбардери во светот. Тој може да носи крстосувачки ракети опремени со конвенционални или нуклеарни боеви глави.

„Ту-95МС“ е постар турбоелисен бомбардер, кој Русија исто така го користи за лансирање крстосувачки ракети со долг дострел. Двата типа авиони се клучна компонента на руската стратешка авијација.

Иако се способни да носат нуклеарно оружје, Русија ги користи и за време на војната за изведување напади врз украински цели со употреба на конвенционални ракети.

Нема потврда за подготовки за нуклеарен напад

Извештаите за концентрацијата на бомбардери не значат дека Русија подготвува нуклеарен напад. Засега, експертите ова преместување го припишуваат првенствено на заштитата на авионите и на прилагодувањата во нивното распоредување.

Понатаму, не постои независна официјална потврда за точниот број на авиони во воздухопловната база „Украинка“. Овие бројки се засноваат на следење на движењата на руските бомбардери и анализа на јавно достапни информации.

Според проценките објавени од „Дифенс експрес“ во август, Русија во тоа време располагала со 13 оперативни бомбардери „Ту-160“ и 38 бомбардери „Ту-95МС“. Доколку најновите податоци се точни, речиси целата оперативна флота од овие два типа авиони моментално се наоѓа во воздухопловната база „Украинка“.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре променливо облачно време со температура до 21 степен, заладување од сабота

Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло, информираат од УХМР.

Утре променливо облачно време со температура до 21 степен, заладување од сабота

МАКСИМАЛНА ТЕМПЕРАТУРА (во оС)

11 Попова Шапка, 12 Крива Паланка, Тетово, Лазарополе, 14 Виница, Крушево, 15 Скопје-Зајчев Рид, Маврови Анови, 16 Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Струмица, Гевгелија, 17 Штип, Берово, Претор, Кавадарци, 18 Охрид, Битола, 19 Прилеп.

КОЛИЧИНА НА ВРНЕЖИ за изминатите 9 часа до 16 часот во (l/m2)

2 Лазарополе, 1 Крива Паланка, Охрид, Маврови Анови, Попова Шапка.

ВРЕМЕТО ДЕНЕСКА И ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ

Времето денеска беше променливо облачно со сончеви периоди. Во утринските часови по одделни котлини имаше појава на слаба магла. Во западните и северните делови имаше повремен слаб дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од јужен правец.

До крајот на денот ќе се задржи променливо облачно со услови за слаб локален дожд во крајните западни региони. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

ВРЕМЕТО УТРЕ

Променливо облачно и релативно топло. По одделни котлини ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 21 степен.

Во Скопје, претежно облачно, во делови од котлината ќе има појава на утринска магла. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 17 степени.

ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во петок ќе преовладува релативно топло време со температури кои ќе бидат значително над просекот за овој период од годината и ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец (наместа со брзина над 80 km/h). Од сабота поради продор на постудена воздушна маса од север температурите ќе бидат во опаѓање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер