Свети Климент Охридски Чудотворец - Канал 5

Свети Климент Охридски Чудотворец

Христијанството го има големиот свети апостол Павле како камбана на верата, а ние ги имаме и него и свети Климента. 

Свети Климент Охридски Чудотворец

Таква била Божјата промисла, Македонија, од каде што почна апостол Павле во Европа, ги даде светите браќа Кирил и Методиј, и преку делото свети Климент и свети Наум Охридски, постана расадник на словенската црковно-просветна и книжевна дејност.

Таков – свет е нашиот почеток. Со свети апостол Павле започнаа нашето охристовување и христијанизацијата, а со свети Климента – нашата евангелизација, оцрковување, просвета, книжевност, уметност, култура и сè.

Ниедна личност не е толку сврзана со овој народ како што е свети Климент Охридски. Затоа го нарекуваме наш најголем светител, просветител и учител.

Неговиот успех е плод на ученоста и побожноста. Тој бил „учител“, како што бил учител Господ Исус Христос, а тоа значи дека го учел народот во верата, го просветувал, бил проповедник, мисионер, пастир и првосвештеник.

Односот на Господа Исуса Христа кон апостолите, за свети Климента бил личен пример за неговото однесување кон учениците. Тој другарувал со нив. Постојано биле заедно. Живеел со нив. Со кротост и со татковска љубов се однесувал кон нив, а тие, пак, му возвраќале со полно послушание и со синовска одаданост, како што се вели во житието: „Го слушаа како татко.“ Свети Климент љубел со срце, не – со уста. Неговото деноноќно присуство меѓу учениците и неговото духовно влијание врз нив многу значело во нивната возраст, додека тие се формирале како личности и како Христови пастири. Ја гледале големата трудољубивост, неуморната молитвеност и строгиот подвижнички живот на својот учител. И затоа запишале: „Ние никогаш не го видовме да е без работа.“

Неговата успешност е и во тоа што тој бил од овој народ и ги познавал сите што ги учел. Ако тој бил некој дојденец: Елин или Латин, некој Сириец или Александриец, не ќе можел така да им се доближи на учениците, а ниту тие ќе можеле да го сметаат за толку близок.

Светиклиментовата дејност била просветна, пастирска, духовна и душегрижничка. Наречен е просветител, со полното значење на зборот просвета (prosvyÃenie = prosvetenie). Станува почеток на нашата средновековна книжевност. Неговите творби се најубавите дела на старомакедонскиот словенски јазик и писмо.

Животот го посветил на Бога и на народот. Знаејќи дека не може секаде да појде и да му послужи на својот народ, свети Климент го основал Охридскиот универзитет, кој е првиот словенски универзитет и прв универзитет во Европа.

На Светиклиментовиот универзитет се изучувале сите тогашни науки. Се создавала нова книжевност и просвета. Во Европа влегла христијанската цивилизација на новиот јазик на Словените. Започнал новиот период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и се издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација.

Што го натерало свети Климента на оваа посветеност? – Двете најголеми евангелски заповеди: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Свети Климент ги исполнил овие две заповеди: ја покажал љубовта кон Бога – со тоа што животот му го посветил на Бога; а љубовта кон луѓето – ја искажал во душегрижништвото за народот. А, во основа на сè е тоа што тој библиски приоѓал на сè и затоа богомудро решавал сè. Библијата била основа на сè што мислел, што зборувал, што пишувал, што творел и како живеел. Затоа постанал тоа што е – Божји светител и народен просветител. За сите прашања од животот ги користел Библијата и учењето на светите отци.

Многу јасно и едноставно го поврзувал Божјиот збор со светот и со животот на луѓето. Такви биле неговите беседи и слова. Во нив ја искажувал Христовата порака до луѓето. Им објаснувал што е човекот, според христијанското учење – и барал да ја исполнат својата човечка и христијанска цел. А која е таа? – Да бидат добри и човечни. Со љубов кон секого. Да се усовршуваат во доброто, во љубовта и во светоста. На тоа сме повикани од Бога. Така се доаѓа до спасението и до светоста. Таков е нашиот живот во Христа. А Христос дојде на земјава и ни даде пример за совршен човечки живот. Ова им го кажувал свети Климент на луѓето, во своите поуки. Неговата проповед била сеење на словото Божјо. Тој се раководел според правилото: „Или не поучувај, или поучувај со својот живот. Инаку, со зборовите ќе ги повикуваш, а со делата ќе ги бркаш.“ Како што говорел, така и живеел. Сè што било изговорено, било и потврдено во неговиот свет и богоугоден живот и дело. Поучувал и со збор и со личен пример.

Не проповедал само в црква или на богослужба, туку секогаш и секаде. Одел кај луѓето, по нивните места, ги посетувал и дома и на работа. Ги поучувал, им помагал. Знаел како да ги придобие за верата, за Христа, за Евангелието и за евангелскиот живот. Им говорел кога биле собрани заедно, но зборувал со нив и одвоено: и со мажите и со жените, и со старите и со младите, а и со децата – и на сите им посочувал што е тоа во Евангелието, а што тие дотогаш не го знаеле и каква светлина можат да доживеат, ако проникнат во спасителното дело на Господа Исуса Христа. И уште повеќе – од какво значење ќе биде тоа за нивниот личен живот, за разбирањето, за радоста, за семејството, за доброто, за заемната љубов и почит.

Тој бил пример: и со животот и со делата, и со добродетелите и со дарбите, и со знаењето и со учењето, и со службата и со подвизите, и со учителството и со творештвото – и со целокупната своја личност, која ја имал изградено според критериумите на Евангелието. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нови обвинувања меѓу власта и опозицијата за случајот со Алта банка

Во новиот Кривичен законик кој веќе е објавен на ЕНЕР и испратен на мислење во Брисел, ќе има и посебно кривично дело за загрозување на стабилноста на банкарскиот систем.  

Нови обвинувања меѓу власта и опозицијата за случајот со Алта банка

Според предложеното решение, кривично ќе одговара тој што, злоупотребувајќи го своето влијание, службената или општествената положба и углед, преку лажни изјави или исправи ќе пласира неточни информации во јавноста, а со тоа ќе ја загрози стабилноста на банкарскиот систем до степен што ќе наложи преземање законски мерки за нејзино одржување. За ова дело е предвидена затворска казна од една до пет години.

Премиерот Мицкоски вели дека одредбата е додадена по актулените случувања поврзани со Алта банка, но и претходните слични искуства.

-За банкарскиот тоа е дел којшто е додаден како резултат на искуството кое сега го гледаме а тоа е искуството со Стопанска Банка Битола, Алта Банка. Гледаме како на отворена сцена имаме обид да се опструира изнаоѓање на решение од одредена политичка структура и тоа да помине неказнето и ладно. И тоа не е прв пат. Ако се навратите назад во 2016/17 година тогаш заменскиот заменик министер во техничката влада за финансии испраќаше писма во светот на начин кој ја опструираше тогашната емисија на еврообврзница. И мислам дека е ова една добра форма за понатаму да не се случува за никој политичар ваква тема да злоупотребува за политички поени,- Христијан Мицкоски – Претседател на Влада.

Иако во сегашниот КЗ нема вакво конретно дело, од НБРМ пред неколку дена поднеле две пријави до скопското обвинителство против раководството на СДСМ за наводите што ги изнесуваа на прес конферецнии во врска со Алта банка.. Од обвинителството брифираат дека во пријавите не се наведени конкретни кривични дела, но наводите во нив ќе бидат проверени. Од друга страна, кривична пријава против гувернерот Славески поднесе и СДСМ. Од таму денеска побараа обвинителството да не чека и додека ја разгледува пријавата да преземе итни мерки на претпазливост вклучително и привремена забрана за вршење на должноста на гувернерот.

-Савески треба да преземе мерки на претпазливост, вклучително привремена забрана за вршење на должноста на Трајко Славески. Да се спречи влијание врз сведоците, уништување на документацијата и доказите. Славески јавно призна дека одлуката за Алта бака ја донел во консултации со Мицкоски. Затоа СДСМ поднесе кривични пријави против гувернерот Трајко Славески и против сите инволвирани во внесувањето на Алта банка во Македонија,- изјави – Јон Фрчкоски – Член на ИО на СДСМ.

Државниот обвинител Ненад Савески синоќа во тв интервју порача дека Обвинителството ќе постапува по сите кривични пријави поврзани со Алта банка, без разлика кој ги поднесува и против кого се поднесени.

Тој вели дека секоја пријава ќе биде распределена кај надлежен обвинител, кој треба да ги провери наводите, да ги истражи и да собере докази, нагласувајќи дека самото поднесување пријава не значи автоматски и основ за кривично гонење.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Нови законски измени: Полицијата ќе може веднаш да го отстрани насилникот од домот, воведени и електронски алки

Итно отстранување од домот на 48 часа на насилникот од страна на полициски службеник, дури и ако е сопственик на истиот, и алка која ќе ги алармира жртвата и полицијата за негово повторно приближување.

Нови законски измени: Полицијата ќе може веднаш да го отстрани насилникот од домот, воведени и електронски алки

Итно отстранување од домот на 48 часа на насилникот од страна на полициски службеник, дури и ако е сопственик на истиот, и алка која ќе ги алармира жртвата и полицијата за негово повторно приближување – се меѓу најрадикалните и клучните предложени измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој од август е во Собраниска процедура. Тој е предложен од група пратенички од владејчаките партии, а поддршка има и од МВР.

-Еден од радикалните исчекори, ако полицаецот утврди дека станува збор за сериозен ризик по жртвата, може да донесе итна мерка и да го отстрани насилникот од домот, дури и ако домот е во негова сопственост. Во рок од шест часа треба да биде доставена мерката во писмена форма, потоа судот ќе одлучува дали мерката ќе ја продолжи до 30 дена или ќе ја прекине. – - Панче Тошковски – Министер за внатрешни работи.

Кажа Тошковски на брифингот на кој беа споделени податоци во однос на пријавите на семејно насилство. Во 10те месеци од 2026 година биле пријавени речиси 1900 случаи на семејно насилство, односно зголемување за 70% во однос на лани. Според министерот, ваквиот тренд е и поради охрабрувањето на жртвите се почесто да пријават, наместо да молчат и да трпат. Најчести жртви биле жените, напаѓани од брачни или вонбрачни партнери.

Законските измени се поднесени на крајот на август, а претседателката на комисијата за еднакви можности – Жаклина Пешевска, уверува дека во завршна фаза се сите консултации за законското решение и дека процедурата ќе продолжи во догледно време.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Да живее слободно Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска, пред Споменикот на ослободителите на Скопје и споменикот на генерал Михајло Апостолски, им оддаде почит на хероите што го дадоа најскапоценото за нашиот град да живее.

Ѓорѓиевски: Да живее слободно Скопје

- На 13 Ноември стоиме исправени пред историјата и длабоко се поклонуваме пред оние што ни ја подарија слободата. На луѓето чија храброст беше посилна од стравот, а љубовта кон татковината поголема од грижата за сопствениот живот. Пред 82 години, на 13 ноември 1944 година, Скопје ја извојува својата слобода. По тешките борби, по страдањата и неизвесноста, нашиот град ја дочека победата над фашистичкиот окупатор. Секоја негова улица носи дел од тоа паметење. Секое име врежано на спомениците носи приказна за еден живот, една младост, еден сон прекинат за да можат да живеат соништата на генерациите по нив. Нивната жртва засекогаш е вградена во темелите на слободно Скопје. Наша должност е да ја чуваме од заборав и да ги учиме нашите деца колку скапо е платено правото да живеат слободно. Антифашистичката борба ни остави завет да стоиме исправени пред неправдата, да го браниме човечкото достоинство и да ја чуваме силата на заедништвото. Тоа е духот на Скопје. Градот што и во најтешките мигови знаел да се издигне, да подаде рака и да покаже дека солидарноста е посилна од секоја поделба – рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека денес наша обврска е тој завет да се преточи во дела и да создаваме град на ред, чистота и сигурност.

- Скопје во кое нашите деца ќе сакаат да останат, да создаваат и да ја градат својата иднина. Со таа мисла работам секој ден. Пред една година затекнавме закочени проекти и наталожени проблеми. Денес, промените се гледаат, големите проекти се движат кон завршницата, а со секој нов парк, мост и обновена улица градиме подобри услови за скопјани. Круна на мојот мандат ќе биде првата подземна сообраќајница, дело што ќе им служи и на генерациите по нас.Нашите ослободители го исполнија својот завет со храброст и со жртва. Нашиот мора да го исполниме со одговорност и со дела. Да бидеме достојни за слободата што ни ја оставија. Да изградиме Скопје достојно за генерациите што доаѓаат. Нека е вечна славата на ослободителите. Нека ни е честит 13 Ноември. Да живее слободно Скопје. Да живее Македонија – рече Ѓорѓиевски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер