Свечено отворање на 58. издание на Фестивалот „Охридско лето“ - Канал 5

Свечено отворање на 58. издание на Фестивалот „Охридско лето“

Охрид од вечерва се до 20 август ќе ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“. 

Свечено отворање на 58. издание на Фестивалот „Охридско лето“

Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет по 58-ми пат наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, творат на неколкуте фестивалски сцени во Охрид...

Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби, ликовна, изложба на фотографии и на современ накит.

Свеченото отворање на нашата најзначајна музичко-сценска манифестација традиционално започнува на големата сцена на Античкиот театар. Овојпат сцената на Антички резервирана за големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, а обраќање пред публиката на отворањето ќе има и министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми. Уметничката порака годинава ќе ја пренесе познатиот македонски актер Никола Ристановски.

Уметниците Мошуц, Братеску и Молдовеану кои се веќе тука најавија масимално вложување и незаборавно искуство и концерт за паметење вечерва на Антички.

Оперската певица Елена Мошуц, која важи за еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, во обраќањето пред медиумите и јавноста во Македонија рече дека е благодарна што ќе биде дел од фестивал со долгогодишна традиција на кој настапувале светски познати уметнички имиња.

- Природата тука и луѓето се прекрасни, со нетрпение го очекуваме утрешниот концерт. Програмата ја избравме заеднички со колегата Братеску. Поради временските ограничувања односно должината на концертот од еден час, избравме оперски дела за поширока публика така што очекуваме добар прием кај публиката, рече таа.

Маестро Николае Молдовеану кој веќе имаше проби со уметниците од Македонската филхармонија, рече дека за отворањето на „Охридско лето“ е избрана програма во чиј репертоар се најубавите италијански и француски арии за сопран, тенор и дуо.

- Секој концерт на отворено не е само уметнички настан, туку културен феномен што остава можности за дополнително поврзување на уметниците со публиката. Во време на политички тензии на континентот, концертите на отворено носат радост и чувство на слобода како за публиката така и за нас уметниците. Благодарни сме што ни е дадена таа привилегија да бидеме тука за вас и со задоволство ве очекуваме, истакна Молдовеану, изразувајќи уверување дека и временските услови ќе придонесат за незаборавен концерт и неповторливо искуство.

Шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски, изрази задоволство, но додаде дека е и голема чест што Македонската филхармонија е традиционален гостин на фестивалот „Охридско лето“.

- Оваа година ја имаме честа да го отвориме фестивалот. Задоволство е да се соработува со уметници од ваков калибар, со извонредниот диригент маестро Молдовеану, со оперската дива Мошуц и тенорот Братеску. На свечното отворање на Антички театар очекуваме голем спектакл, рече Муратовски.

Градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски, вчера на прес-конференцијата по повод отворањето на „Охридско лето“ најави дека општината и натаму ќе ја дава безрезервната поддршка на фестивалот како голем македонски и европски културен бренд.

- На сите уметници коишто ќе присуствуваат во Охрид им посакувам топло добредојде, да си поминат убаво во нашиот град, и да придонесат за уште едно успешно издание на фестивалот „Охридско лето“. Како Локална самоуправа отсекогаш сме го поддржувале овој фестивал, а тоа ќе продолжи и понатаму заради тоа што НУ „Охридско лето“ е најпознатиот бренд којшто го претставува и го зацртува Охрид како културна дестинација во светот, рече охридскиот градоначалник Јован Стојаноски.

Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Д’Квин Сикс“ од Велика Британија, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија.

По традиција, во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Музичката младина на Македонија.

Според в.д. директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави, од следната година е планирана изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството закултура на Република Македонија, а помогнат од Општина Охрид, како и од бројни спонзори.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: СДС со години ги запоставуваше студентските домови, а денес глуми загриженост

ВМРО-ДПМНЕ инвестира и го подобрува студентскиот стандард.

ВМРО-ДПМНЕ: СДС со години ги запоставуваше студентските домови, а денес глуми загриженост

СДС повторно се обидува да собира политички поени на грбот на студентите, заборавајќи дека токму во времето на нивното владеење студентските домови со години беа запоставени, без соодветни инвестиции и без сериозен пристап кон решавање на проблемите.

Денес, кога конечно се преземаат конкретни чекори за реконструкција на студентските домови и подобрување на студентскиот стандард, СДС се обидува да создаде политичка драма. Наместо да ги поздрават инвестициите, тие продолжуваат со старата практика, критики без одговорност и политички маркетинг без резултати.

Но, фактите зборуваат поинаку.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари директна средба со претставниците на студентските парламенти од сите универзитети во државата, со цел отворено да се разговара за реалните проблеми и потребите на академската заедница.

Притоа, на маса е и конкретен предлог за унапредување на студентскиот оброк, наместо сегашните 3.500 денари, неговата вредност да се зголеми на 4.500 денари преку дигитална апликација М-услуги, односно со додавање на М-Студентски оброк, со дополнителни попусти од 20 до 25 проценти во ресторани, маркети и други угостителски објекти.

Дополнително, беше пуштен во употреба студентскиот дом „Стив Наумов“ со капацитет за 1150 студенти со услови по европски стандарди, а до крајот на годината ќе се пушти во употреба и вториот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ кој е во фаза на реконструкција. Исто така се гради кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и се работи на подобрување на условите за студентите. Исто така со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ студентскиот стандард во 2026 година е двојно подобрен во однос на 2022 година.

Разликата е очигледна, СДС со години ги оставаше проблемите нерешени, само ветуваа студентски градови и ништо не реализираа, а ВМРО-ДПМНЕ презема иницијатива, отвора дијалог и предлага нови решенија.

На СДС му пречи што студентскиот стандард конечно станува приоритет, но студентите не живеат од нивните прес-конференции и политички конструкции. Студентите сакаат резултати, инвестиции и подобри услови, а токму тоа го овозможува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: Нов инфраструктурен проект во Гази Баба преку владината програма за поддршка на општините

Изјава за медиуми на претседателот на Владата, Мицкоски од посетата на Општина Гази Баба.

Мицкоски: Нов инфраструктурен проект во Гази Баба преку владината програма за поддршка на општините

„Добар ден и од мене. Јас сум исклучително задоволен што можам да присуствувам на почеток на уште еден проект којшто е финансиран од онаа програма којашто ја имавме од Владата за децентрализација на средства од централниот буџет кон општините. Важно е што со овој проект речиси ова населено место ќе добие канализација онака како што треба да има во 21 век и јас сум навистина среќен што можам ваков тип на проекти коишто додаваат квалитет во животот на луѓето да ги отпочнуваме заедно со градоначалниците и заедно да ги пуштаме во употреба со граѓаните.

Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам на градоначалникот за посветената работа којашто ја врши овде во Општина Гази Баба, да се заблагодарам на поддршката на советниците кои ја поддржуваат неговата работа, се разбира и на вработените во општината коишто ја подготвуваат оваа документација којашто е неопходна за изработка на ваков тип на проекти. Да се заблагодарам на пратениците од Македонското собрание коишто се борат за проект повеќе за Општина Гази Баба.

Добро е што веќе размислуваат градоначалниците и проектираат нови проекти за следниот повик кога ќе биде отприлика некаде втората половина од следната година, за да можеме и од тој повик постепено да реализираме проекти.

Така што јас уште еднаш сакам од овде да ги поздравам реализирањето на вакви проекти и да посакам уште многу вакви проекти во периодот којшто следи да реализираме, бидејќи суштината е таа, на една влада и на една локална самоуправа да испорача во рамките на можностите, некогаш и повеќе, како што тоа и ние го правиме од можностите коишто ги имаме да реализираме за граѓаните.

Уште еднаш благодарам и благодарност до медиумите што нè следите во сите овие иницијативи.“

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Чистка во Пекинг: Исклучени 33 члена од Комунистичката партија

На Петтиот пленум на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, 33 члена беа исклучени од партијата, откако истрагите покажаа дека тие извршиле сериозни прекршувања на дисциплината и законот.

Чистка во Пекинг: Исклучени 33 члена од Комунистичката партија

На состанокот, кој се одржува секоја година, присуствуваа 279 полноправни членови, а со него претседаваше кинескиот претседател Си Џинпинг. Тој поднесе извештај за работата на Партијата и за прашања поврзани со подобрување на партиското управување, пренесува „China Radio International“.

Меѓу исклучените се поранешниот генерал Џанг Јусија и поранешниот секретар на Партијата во Ксинџијанг, Ма Сингруи, двајцата претходно беа обвинети за корупција.

Исто така, се наведува дека Пленумот ја повикал Комунистичката партија уште поцврсто да се обедини околу Централниот комитет – на чие чело е Си Џинпинг – да се посвети на доброто управување и зајакнувањето на државата, како и да го унапреди сеопфатното и строго партиско управување.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер