Стружани денеска од цистерна полнат чиста вода, матноста на водата од градскиот водовод втор ден во граници на нормала - Канал 5

Стружани денеска од цистерна полнат чиста вода, матноста на водата од градскиот водовод втор ден во граници на нормала

Граѓаните на Струга денеска имаат можност да наполнат чиста и безбедна вода за пиење од цистерна, која јавното претпријатие „Водовод и Kанализација“ во различен временски интервал ќе ја постави на неколку локации.

Стружани денеска од цистерна полнат чиста вода, матноста на водата од градскиот водовод втор ден во граници на нормала

Директорот на претпријатието Јованчо Мечкароски оцени дека има голем интерес кај граѓаните да наполнат вода.

- Во моментот имаме само една цистерна која ги исполнува условите. Според однапред утврден план во различни временски интервали цистерната ќе биде поставена кај Општа Болница, Градски пазар, Плоштад на Револуцијата и во населбата „Езерски Лозја“, изјави Мечкароски, нагласувајќи дека стружани и утре ќе можат да наполнат квалитетна вода согласно сите стандарди на наведените локации.

Водата од градскиот водовор во Струга е забранета за пиење повеќе од три недели поради голема матност во изворот во „Шум“ од каде градот и околните села се снабдуваат со вода.

Мерењата на Центарот за јавно здравје вчера и денеска покажуваат резултатати во дозволените вредности и ако и утрешните мостри, односно три последователни се во границите на нормалата ќе биде дадена препорака за тргање на забраната.

Доктор Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје - Охрид информира дека денешните мостри од изворот „Шум“ покажуваат матност од 0,85, а слична е состојбата и во мерните места во градот, од дозволените 1,5 матност.

- И покрај тоа што матноста и во извор „Шум“ и во градот Струга е во граници на нормала, граѓаните нека се стрпат уште малку зашто вредностите на матноста не се постојани, варира од ден на ден, посочува Симоноска.

Општина Струга информираа дека стручните анализи покажале оти изворите „Шум“ и Горна Белица се дел од чувствителен карстен хидрогеолошки систем, во кој секоја површинска интервенција директно влијае врз квалитетот на подземната вода.

- Дополнително, присуството на неконтролирани ископи и депонии од комунален и градежен отпад во сливните подрачја претставува сериозен ризик за квалитетот на водата. Зголемената матност што се регистрира при интензивни врнежи е индикатор дека површинските материи навлегуваат во системот, што бара внимателен и стручен пристап, соопшти Општина Струга.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Крај на изборната драма во Израел: Изборните резултати доставени до претседателот

Претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК) на Израел, судијата на Врховниот суд Ноам Солберг, денес му ги достави резултатите од предвремените парламентарни избори на израелскиот претседател Исак Херцог.

Крај на изборната драма во Израел: Изборните резултати доставени до претседателот

По тој повод, тој изјави дека доведувањето во прашање на изборните резултати – од изборите што се одржаа на 27 октомври – претставува „реална опасност“ за демократијата.

Говорејќи на официјална церемонија во резиденцијата на претседателот, Солберг истакна дека, дури и кога наводите за изборна измама би се покажале како точни, обемот на таквата измама не би бил доволен за да го промени исходот од изборите, пренесува „Тајмс оф Израел“ .

„Во последните денови слушнавме гласови кои се обидуваат да фрлат сомнеж врз изборните резултати и да го поткопаат нивниот легитимитет. Ова претставува реална опасност. Еден од темелите на демократијата е можноста за мирољубива транзиција на власта. Ова произлегува од разбирањето дека сите сме обврзани од волјата на гласачите“, рече Солберг.

Тој наведе дека наодите од истрагата утрово им биле претставени на членовите на ЦИК и дека наводите биле темелно испитани.

„Во моментов, станува збор само за сомнежи. Но дури и ако тие се потврдат, опсегот на нивното потенцијално влијание е ограничен. Затоа, не е опција ниту задржување на резултатите од спроведените избори, ниту пак продолжување на мандатот на Кнесетот, чиј мандат веќе е завршен“, појасни Солберг.

Тој додаде дека, следствено на тоа, ЦИК сега официјално ги објавува изборните резултати. „Доколку во иднина се пронајдат докази, ќе биде можно да се преземат правни дејствија преку поднесување приговор против изборните резултати“, рече Солберг.

Според конечните резултати објавени од Централната изборна комисија на Израел, ниту еден блок не обезбеди апсолутно мнозинство од 61 пратеничко место во Кнесетот, кој брои 120 пратеници, за време на предвремените парламентарни избори. Блокот предводен од актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху освои вкупно 53 пратенички места: неговата партија Ликуд обезбеди 27, партијата Јахад 12, Обединет Тора јудаизам и Оцма Јехудит добија по седум, додека Шас и партијата Верски ционизам освоија по шест места.

Опозицискиот блок, предводен од Гади Ајзенкот – лидер на партијата Јашар – освои вкупно 48 пратенички места; партијата Јашар обезбеди 21, Демократите освоија осум, а партијата Израел Бејтеину („Нашиот дом Израел“) доби седум.

Арапските и палестинските партии освоија вкупно 19 пратенички места.

Нетанјаху и неговите политички сојузници јавно ги обвинија арапските партии за изборни измами, вклучувајќи наводи за поткуп, закани, насилство и фалсификување гласови на избирачките места во арапските средини. Покрај политичките обвинувања, претседателот на Централната изборна комисија официјално побара од израелската безбедносна служба, Шин Бет, да ги истражи сознанијата и сомнежите за незаконско финансирање од странство, чија цел била влијание врз исходот од изборите.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Едногодишно девојче убиено во Нови Сад, уапсени родителите

Полицијата во Нови Сад ја уапси 33-годишната А. Ш. под сомнение дека вечерта на 2 ноември ја убила својата едногодишна ќерка.

Едногодишно девојче убиено во Нови Сад, уапсени родителите

Уапсен е и таткото на детето, 54-годишниот Т. Ш., кој се сомничи за не пружање помош, потврдија од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.

Од Обвинителството наведуваат дека мајката му нанела повеќе удари по телото на детето, што резултирало со смрт на девојчето. А. Ш. се товари за тешко убиство – кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење од најмалку десет години до доживотен затвор. Таткото, Т. Ш., се товари за не пружање помош, дело за кое законот предвидува затворска казна од три месеци до пет години.

На осомничените им е одреден притвор во траење до 48 часа, во текот на кој ќе бидат сослушани во Вишото јавно обвинителство во Нови Сад. По сослушувањето, во рамките на истрагата ќе бидат спроведени дополнителни доказни дејствија.

Фото: ВИ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Најтешките борби не се водат секогаш на фронтовите“: Александар Видиновски ја објавува својата прва книга „На местото на настанот“

Новинарот, уредник и телевизиски водител Александар Видиновски на 5 ноември (четврток), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје, ќе ја промовира својата прва книга – „На местото на настанот“.

„Најтешките борби не се водат секогаш на фронтовите“: Александар Видиновски ја објавува својата прва книга „На местото на настанот“

Книгата, објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, носи лични сведоштва од речиси две децении новинарска кариера, исполнета со известувања од кризни подрачја, драматични настани и ситуации во кои новинарот не е само набљудувач, туку и непосреден сведок на историјата.

Од престрелките во Диво Насеље и драматичната ноќ на воениот удар во Турција, до воени зони, несреќи и кризи во Македонија и надвор од неа, Видиновски ги пренесува приказните што останале зад телевизиските прилози и директните вклучувања. За разлика од кратките телевизиски извештаи, книгата нуди простор за подлабоко раскажување на настаните, личните доживувања и моментите што не секогаш можеле да бидат пренесени пред камерите.

Во разговор со Александар Видиновски ќе откриеме што се крие зад насловот „На местото на настанот“, кои моменти од неговата новинарска кариера биле најголем предизвик, но и колку е тешко од професионалното искуство да се создаде лично сведоштво.

1. Што беше главниот мотив што ве поттикна да ја напишете оваа книга? Кога се роди идејата?

Идејата се роди сосема спонтано. Низ годините, настаните од кои сум известувал беа навистина големи и значајни, па така, по игра на случајноста, безброј пати сум ги раскажувал моите доживувања и преживувања од терен на пријатели кои со интерес ги слушаа. Си реков: додека се сè уште свежи сеќавањата, да ги ставам на харртија (или забележам) за да остане некаков пишан доказ дека и македонски новинари, во одредени моменти, биле рамо до рамо со странските колеги и известувале директно од лице место од големи светски настани.

2. Колку е различно чувството кога информациите што секојдневно ги пренесувате како новинар ќе ги преточите во книга?

„Оваа книга нуди многу повеќе од обична вест. Таа открива како се создава таа информација, што се случува зад камерите и кои се тие невидливи моменти. Фокусот е ставен на личната перцепција, стравот, љубовта и искрените искуства – на сè она што е подлабоко и поинтимно од стандардното новинарство.“

3. Дали во текот на пишувањето имаше моменти кога се двоумевте дали некои работи треба да ги споделите со јавноста?

„Да, секако дека имаше и такви моменти. Златна новинарска пракса е никогаш да не се открива изворот на една информација. Тие стари новинарски стандарди безусловно ги почитувам. И во самата книга се споменуваат одредени луѓе, но нивниот идентитет секако остана заштитен.“

4. Кому му е првенствено наменета оваа книга?

„Книгата е наменета за сите граѓани кои сакаат да прочитаат и да видат многу повеќе од обична вест. За оние кои сметаат дека новинарството е убава, но и предизвикувачка професија, и за сите кои вистински се грижат за општеството и работите што ни се случуваат.“

5. Дали очекувате книгата да отвори одредени прашања или дискусии во јавноста?

„Интересно е како уште необјавена, книгата веќе предизвикува дилеми и дискусии за одредени поглавја. Тоа е одлично, бидејќи дијалогот и спротивставените мислења се знак на здрава дебата. Секако, туѓите ставови не мора да ги прифатам, но секогаш длабоко ги почитувам.“

6. Кога би можеле да издвоите само една реченица што ја опишува книгата, која би била таа?

„Најтешките борби не се водат секогаш на фронтовите, најтешко е да ги извојуваш оние битки што ти се случуваат во време на мир.“

„На местото на настанот“ е повеќе од хронологија на новинарски ангажмани – тоа е обид да се зачуваат сведоштвата за настани што оставиле трага, но и да се раскажат приказните што често остануваат надвор од телевизискиот кадар. Преку својата прва книга, Александар Видиновски им дава можност на читателите да ги погледнат познатите настани од една поинаква перспектива – од местото каде што се случувале.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер