Страшна смрт на 10- годишно дете од САД: Згрижувачка мајка од 150 килограми легнала врз него

Згрижувачката мајка Џенифер Ли Вилсон (49) од Индијана, која тежела преку 150 килограми, е осудена на пет години затвор затоа што го гушела 10-годишното момче седум минути додека не умрело.

Џенифер го убила Дакота Леви Стивенс во сурова „казна“ откако тој побегнал и го молел соседот да го спаси од нејзиното злоставување.

На 24 април, момчето истрчало во куќата на соседот, велејќи му на сопственикот дека неговите згрижувачки родители го удриле и не му дозволувале да разговара со својот социјален работник. Само неколку минути подоцна следела ужасна казна за момчето кое своето „непослушно“ однесување го платило со живот.

Кога стигнале дома, Џенифер решила да легне врз Дакота додека малечкото цело време врескало. Таа станала од него дури кога тој „замолчи“.

Дакота бил прогласен за мртов во болницата во Саут Бенд два дена подоцна, а обдукцијата утврдила дека претрпел оштетување на органите и меките ткива, крварење во црниот дроб и белите дробови и други повреди.

Судскиот вештак во округот Сент Џозеф пресудил дека смртта на Дакота е убиство поради насилно задушување, пишува Dailymail.

Високиот судија Мајкл Бергерсон ја осудил Џенифер на пет години затвор и уште една година условна затворска казна под обвинение за убиство од невнимание во Врховниот суд во Портер. Казната била повисока од стандардните три години за кривично дело од петти степен и повеќе од она што го барале одбраната или обвинителството.

Заменик-обвинителката Мери Рајан побарала две години затвор, две години домашен притвор и една година условна, додека нејзините адвокати барале таа да не биде осудена на затвор, туку на три години домашен притвор и две години условно.

„Тој е прогласен за мртов од задушување, 10-годишно момче, кое овој суд нема да го игнорира, бидејќи обвинетата го игнорирала. Таа очигледно употребила поголема сила отколку што било потребно и тоа ги создало околностите што довеле до неговата смрт“, рече судијата Бергерсон.

Судијата Бергерсон рече дека Џенифер ја нарушила довербата вродена за нејзината улога на згрижувачка мајка и зборувала на телефон „со бесчувствително непочитување“ со Дакота додека тој умирал.

„Ова прекрасно момче плачеше и плачеше за својот живот, а обвинетата целосно несвесна го уби детето. Тешко е да се замисли полош сплет на околности“, додаде судијата.

Судијата Бергерсон рече дека олеснителните фактори како што се каењето на Џенифер и недостатокот на криминална историја „мора да бидат отфрлени од огромните докази за вина во овој случај“.

Мајката на Дакота го дала детето на посвојување кога имал само пет години поради зависност од дрога, а неговиот татко починал од инфекција поврзана со употреба на дрога.

Примерок од првото издание на книгата за Хари Потер на аукција е продаден за 18.000 фунти

Реткото прво издание на романот на Џ.К.Роулинг, Хари Потер и каменот на мудроста, е продадено на аукција за 18.000 фунти( околу 22.000 евра) , пренесуваат денеска британските медиуми.

Овој примерок е дел од првото издание објавено во 1997 година, пишува весникот Стандард.

Се очекувало примерок од романот да се продаде за 20.000 до 30.000 фунти (24.000 до 36.000 евра).

Ова е копија која е наменета за библиотеки, а на една од првите страници има ознака за библиотека.

Копијата е исто така единствена по тоа што содржи три грешки при печатењето.

Серијата романи за Хари Потер, која вклучува седум книги подоцна адаптирани во блокбастер филмови, стана една од најпопуларните во светот.

Маск: Не сакам да го преземам ТикТок

Мултимилијардерот Илон Маск,сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека не е заинтересиран да ја купи TikTok,социјалната мрежа која САД се обидуваат да ја забранат поради наводна безбедносна закана од нејзините кинески сопственици.

Изјавата на Маск од крајот на јануари е објавена вчера на веб-страницата на WELT Group, дел од германската медиумска корпорација Axel Springer SE, која беше домаќин на настанот, на кој како гостин беше сопственикот на Tesla, SpaceX и X преку видео врска.

„Не дадов понуда за TikTok“, рече милијардерот една недела откако Трамп предложи дека е отворен Маск да ја преземе апликацијата, во сопственост на кинеската ByteDance.

„Немам планови што ќе правам со TikTok“, рече Маск, додавајќи дека тој лично не ја користи апликацијата и не е запознаен со нејзиниот формат.

„Воопшто не сум желен да го преземам TikTok, обично не преземам компании, тоа е многу ретко“, продолжи Маск, нарекувајќи го своето преземање на поранешниот Твитер необично.

„Генерално градам компании од темел“, додаде тој.

Трамп потпиша извршна наредба со која бара одложување на забраната на популарната апликација, која требаше да биде блокирана во САД на 19 јануари.

На ByteDance му е даден рок во јануари да ги продаде американските средства на TikTok или ќе се соочи со забрана. Американските законодавци се загрижени дека апликацијата претставува закана за националната безбедност бидејќи кинеските власти би можеле да ја принудат да споделува податоци за американските граѓани.

Курти победи на изборите на Косово, но ќе мора да коалицира за да формира влада

Премиерот Албин Курти и неговата левичарска националистичка партија Самоопределување (ВВ) победија на парламентарните избори на Косово, покажуваат излезните анкети и првичните резултати на Централна изборна комисија (ЦИК).

За Самоопределување гласале меѓу 37% и 42% од избирачите, но владејачката партија предводена од Курти најверојатно ќе зависи од коалиционите партнери за да продолжи да владее.

На изборите во 2021 година, Движењето Самоопределување имаше повеќе од 50 проценти од гласовите.

Податоците од четири организации кои спроведоа постизборни истражувања, сугерираат дека десноцентристичката Демократска партија (ПДК) на Мемли Красниќи освоила меѓу 19% и 23% од гласовите, центристичката Демократска лига на Косово (ЛДК) на Лумир Абдиџику од 19% до 20% и конзервативната Алијанса за иднината (ААК) на Рамуш Харидинај меѓу 6% и 8%.

Останатите партии и коалиции нема да го надминат прагот од пет проценти за влез во парламентот.

Според проекциите од освоените гласови, ВВ во новиот состав на законодавниот дом ќе има 43 пратеници, ПДК 25, ЛДК 23 и ААК девет.

Без разлика на изборните постигнувања во водечките политички партии, 20 од 120 места во парламентот се резервирани за етничките малцински групи: 10 за Србите и уште 10 за другите, вклучувајќи ги Бошњаците, Турците и Ромите.

На денешните први редовни, а вкупно девети парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста, се гласаше на 2.533 гласачки места, а право глас имаа 1.970.944 лица во самото Косово и 104.924 во дијаспората. Косовските граѓани во странство гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.

На изборите учествуваат 28 политички субјекти, од кои 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.

притисни ентер