Страшна песочна бура ја проголта Анкара (ВИДЕО)

Огромна песочна бура ја погоди Анкара и околината во саботата. Според последните податоци, најмалку шест лица се повредени во невремето.

Невремето најпрво го погоди градот Полатли, каде имало прекин на електричната енергија, а подоцна се прошири и во Анкара. Ветерот бил толку силен што ги уништил покривите на зградите.

Градоначалникот на Полатли, Мурсел Јилдискаја рече дека за време на невремето избувнале и неколку пожари.

„Никогаш не сме доживеале вакво нешто“, рече тој.

Амбасадата на САД во Израел им порача на вработените и на семејствата да ги ограничат движењата

Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил напад врз цели во Иран.

„По извештаите дека Израел извршил одмазднички напад во Иран, вработените во американската влада и членовите на нивните семејства се ограничени од лични патувања надвор од поголемиот дел од Тел Авив, Ерусалим до понатамошно известување“, се вели во безбедносното советување објавено од Амбасадата на нејзината веб-страница. /МИА

ДКСК повторно ќе постапува по приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница повторно ќе постапува по приговорот од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова во врска со полагањата во Академијата зa судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев” за време на предизборниот процес.

Приговорот од Силјановска - Давкова најпрво беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот е вратен во ДКСК на повторно постапување.

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. Во образложението на приговорот пишува дека Академијата во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

- Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска - Давкова.

Директорката на Академијата, Наташа Габер - Дамјановска на седницата на ДКСК на 10 април рече дека процесот на тестирање на слушателите за идни судии и јавни обвинители почнал во јануари 2023 година и се уште трае.

-Воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае, подвлече Габер - Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно кога тој процес ќе заврши и оти не се работи за класично вработување.

Експлозии во Иран, американски медиуми јавуваат за израелски напади

Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан  додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал.

Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан.

Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.

Иранската новинска агенција Фарс објави дека се регистрирани „три експлозии“ во близина на воената воздухопловна база Шекари во северозападниот дел на провинцијата Исфахан, додека портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан изјави дека „неколку“ беспилотни летала биле „успешно соборени“.

„Засега нема извештаи за ракетен напад“, објави Далиријан на социјалната мрежа Х.

Нуклеарните постројки во Исфахан се пријавени како „целосно безбедни“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на „сигурни извори“.

Американските телевизии Еј-Би-Си Њуз и Си-Би-Ес Њуз објавија дека нападите биле извршени од Израел, цитирајќи американски официјални претставници.

Засега нема коментар од Белата куќа или од Пентагон.

Израелската војска објави дека - „Во моментов немаме коментар“.

Иран - клучниот поддржувач на палестинската милитантна група Хамас и либанскиот Хезболах - го започна нападот како одмазда за нападот на 1 април врз неговиот конзулат во Дамаск, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Според локална активистичка група, имало и експлозии во јужна Сирија.

„Имаше удари врз радарска позиција на сириската армија“, рече Рајан Мааруф, кој ја води антивладината веб-страница „Suwayda24“ која покрива вести од провинцијата Свеида на југ.

„Иранската воздушна одбрана е активирана на небото на неколку провинции во земјата“, соопшти официјалната новинска агенција на Техеран ИРНА.

Новинската агенција Мехр објави дека „летовите за Техеран, Исфахан и Шираз и аеродромите на запад, северозапад и југозапад се прекинати“.

По налетот на иранските проектили, израелските власти не кажаа кога и каде ќе возвратат, но премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја го задржува правото да се заштити.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера даде темна слика за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека зголемените тензии околу војната во Газа и нападот на Иран врз Израел може да прераснат во „регионален конфликт од целосен размер“.

„Блискиот исток е на раб на пропаст. Последните денови се забележува опасна ескалација -- со зборови и со дела“, рече Гутереш пред Советот за безбедност.

„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка, би можеле да доведат до незамислив регионален конфликт од целосен обем кој би бил катастрофален за сите инволвирани“, рече тој, повикувајќи ги сите страни на „максимална воздржаност“. /МИА

притисни ентер