Столтенберг: Украина напредува, а Русија е послаба и го губи своето влијание

Минатата година Украина ги доби битките за Киев, Харков и Херсон. 

Тоа што Украина опстои како суверена, независна и демократска нација претставува големо достигнување и голема победа и колку што таа напредува, толку Русија заостанува и сега е политички, воено и економски послаба, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на Советот НАТО-Украина во рамки на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел.

- Минатата година Украина ги доби битките за Киев, Харков и Херсон. Годинава продолжува да и нанесува големи загуби на Русија. Украина повторно зазеде 50 отсто од територијата што Русија првично ја освои. Во Црното Море, Украинците ја потиснаа руската флота и воспоставија рути за извоз на жито со што ја зајакнаа глобалната безбедност на храната, истакна Столтенберг.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Русија го губи своето политичко влијание не само во Украина, туку и во реонот на Кавказ и во Централна Азија и станува многу позависна од Кина.

- Од година во година Москва својата иднина ја става под хипотека на Пекинг. Воено, Русија загуби значителен дел од своите конвенционални сили - стотици авиони, илјадници тенкови и повеќе од 300.000 жртви. Економски, Русија е исто така под притисок. Приходите од нафта и гас се намалуваат, руските банкарски средства се под санкции, над 1.000 странски компании го прекинаа или намалија своето работење во земјата и 1,3 милиони луѓе ја напуштија Русија минатата година, изјави Столтенберг.

Тој потенцира дека сите овие последици укажуваат на стратешката грешка што ја направил рускиот претседател Владимир Путин со инвазијата на Украина.

- Но, во исто време, не смееме да ја потцениме Русија. Руската економија се базира на воена основа. Путин има висока толеранција за жртви и руските цели во Украина не се променети. Русија подготвува големи ракетни резерви пред зимата. Гледаме и нови обиди за напад на електричната мрежа и енергетската инфраструктура на Украина, со цел да ја остават Украина во мрак и студ, додаде Столтенберг.

Тој нагласи дека на денешниот состанок на Советот НАТО-Украина, прв на ниво на министри за надворешни работи, е одобрена „амбициозна програма за работа“ за следната година, која вклучува енергетска безбедност, иновации и интероперабилност.

- Сега го трансформираме сеопфатниот Пакет за помош на НАТО во Повеќегодишна програма за помош. И помагаме на Украина да премине од опрема и стандарди од советско време кон оние на НАТО и да ги направи своите сили целосно интероперабилни со нашите, рече Столтенберг,

Тој додаде дека на средбата се разговарало и за „патот на Украина кон членство“ во НАТО.

- Сега дадовме препораки за приоритетните реформи на Украина, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото и поддршка на човековите права и правата на малцинствата. Украина е поблиску до НАТО од кога било досега. Ќе продолжиме да ја поддржуваме на патот кон членство и ќе продолжиме да ја поддржуваме борбата на Украина за слобода, заклучи Столтенберг.

Во заедничката изјава од денешното заседание на Советот НАТО-Украина се наведува дека сојузниците остануваат цврсто посветени на својата заложба за понатамошна засилена политичка и практична поддршка за Украина, додека таа продолжува да ја брани својата независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признати граници, и ќе ја продолжат својата поддршка онолку долго колку што е потребно, бидејќи силна и независна Украина е од витално значење за стабилноста на евроатлантската област.

- Министрите направија преглед на спроведувањето на проширениот пакет на политичка и практична поддршка за Украина, договорен на Самитот во Вилнус. Министрите ја одобрија потструктурата на Советот НАТО-Украина и амбициозната програма за работа за 2024 година. Во овој контекст, НАТО и Украина веќе работат и носат одлуки заедно, како еднакви, за широк спектар на прашања, вклучувајќи интероперабилност, енергетска безбедност, иновации, кибер одбрана и отпорност, се вели во изјавата.

Во документот се нагласува дека во рамки на итно потребната помош на Украина, донесена е одлука за трансформирање на Сеопфатниот пакет за помош во Повеќегодишна програма за помош во обновата на украинскиот безбедносен и одбранбен сектор и за поддршка на зајакнување на одбраната на Украина на долг рок.

- Како дел од овие напори, развиваме патоказ за транзицијата на Украина кон целосна интероперабилност со НАТО. Ние, исто така, развиваме нови проекти за хуманитарно деминирање, медицинска рехабилитација за ранетите украински војници и одбранбениот индустриски капацитет на Украина врз основа на стратешкиот преглед на одбранбените набавки, се наведува во изјавата.

Во текстот се посочува и дека Украина ја потврдила својата посветеност на континуираните реформи во демократскиот и безбедносниот сектор, а земјите членки му дале на Киев препораки за приоритетни реформи.

- Советот НАТО-Украина ја поздравува презентацијата на адаптираната Годишна национална програма на Украина за 2024 година и се радува на нејзиното спроведување. Министрите за надворешни работи на НАТО редовно ќе го оценуваат напредокот преку адаптираната Годишна национална програма. Алијансата ќе ја поддржи Украина во спроведувањето на овие реформи на нејзиниот пат кон идното членство во НАТО, се заклучува во изјавата.

На собраниска седница гласање за новите членови на Советот на АВМУ

Собранието денеска ќе ја одржи 34-та седница, на чиј дневен ред се вкупно 25 точки, меѓу кои и Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Предлог-одлуката за именување на членови на Советот на АВМУ е четврта точка на дневен ред. За да биде донесена потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седница на крајот од јануари ја утврди листата на кандидати на која се наоѓаат Виктор Павловски дипломиран инженер по производна информатика од Скопје, Сашо Стефановски дипломиран по филмска уметност и ТВ снимател од Скопје, Петар Џуровски дипломиран филмски и ТВ монтажер од Скопје, Цветанка Миновска дипломиран новинар од Скопје, Афрона Врзиволи дипломиран економист од Скопје, Нафије Селмани дипломиран професор по албански јазик и книжевност од Скопје и Гордана Мајнова дипломиран економист и магистер по комуникологија.

Премиерот Христијански Мицкоски вчера изјави дека изборот на кандидати за членови на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) е спроведен согласно законски одредби и секој оној кој ги исполнува, може да ја врши таа функција.

- Изборот на членови на АВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции се врши врз основа на законски одредби и секој оној кој што ги исполнува, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши. На основа на чувства и изјави кои што не водат во насока на подобрување на тој процес, јас нема да давам какви било коментари. Но, секој кој што ги исполнува законските ктитериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја функција за која што ќе биде предложен. Тој кој што не ги исполнува нема да биде предложен, вели Мицкоски на новинарско прашање за коментар за наводни реакции од странски амбасади за професионалноста на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и нејзина политизација.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради изборот на кандидати за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Според нив, дел од избраните кандидати не ги исполнуваат формалните услови и имаат партиска позадина, што го доведува во прашање нивниот професионализам и независност. Апелираа до Собранието да избере компетентни и независни членови за да се обезбеди ефикасноста и непристрасноста на регулаторното тело.

Пред пратениците на денешната седница како 14-та точка се и Предлог-измените на Законот за пратениците, по скратена постапка. Овој Предлог-закон е поднесен од пратеничката група на Левица, со кој се превидува намалување на сумата што Собранието им ја исплаќа на парламентарците за патни трошоци. Според Левица, во периодот од 2010 до 2024 година, за патни трошоци за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле потрошени 3.700.000 евра, на СДСМ 2.000.000 евра и на ДУИ 680.000 евра.

- Во овие суми не се вметнати трошоците за кирии за пратениците, од кои грото имаат станови во Скопје, додека наплаќаат кирии од државата. Утре, 12 февруари - среда, 120 пратеника имаат можност да ја напуштат ароганцијата и да гласаат за Законот на Левица, која џентлменски предлага ограничување на патните трошоци (да не е укинување, за да не се „навредат" останатите пратеници), посочи пратеничката и генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска.

Пратениците ќе расправаат и по Предлог - одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател и членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Предлог одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование, Предлогот за разрешување на директорот и заменик на директорот на Агенцијата за администрација и Предлог на одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На дневен ред на оваа седница се и неколку законско решенија од областа на финансиите, како и Предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и на Законот за еднакви можности на жените и мажите.

Измените на Кривичниот законик од 2023 година на седница на Уставен суд

 Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

- Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства. Да не кажам народната, по свадба – тапани. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука не за поништување, туку за укинување, да не важи за во иднина, но не верувам дека до таква одлука ќе дојде, вели Трајанов за „Канал 5“ телевизија.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик предизвикаа реакции во јавноста

Собранието на 6 септември 2023 година ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста , кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена. Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.

Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Министерството за правда интензивно работи на измени на Кривичниот законик

Министерството за правда наскоро се очекува да излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

До донесување на нов Кривичен законик, кој треба да биде целосно усогласен со европските политики, Министерството работи на измени како привремено решение, односно враќањето на членовите 353, 353-в и 354 што ќе овозможи поефикасна примена на Законот против корупцијата и злоупотребата на службената функција.

Во однос на новиот Кривичен законик, министерот за правда Игор Филков очекува тој да биде донесен оваа година.

- Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23, вели Филков.

Едно од клучните прашања во новиот Кривичен законик, како што посочува Филков, ќе биде унапредувањето на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, а ќе има и нови кривични дела поврзани со финансиски прекршоци, вклучително и практиката на конфискација на имот.

- Новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица, вели министерот Филков.

Откако ќе се добие мислење од Европската комисија, Кривичниот законик оди во владина процедура, а потоа ќе биде проследен до Собранието.

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во Македонија

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во земјава, на кој ќе се дискутира и за улогата на високото образование во обликувањето на иднината во оваа област ќе се одржи денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Настанот е во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

притисни ентер