Столтенберг леташе со воен авион Еурофајтер за време на посетата на германска воена база

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ја посети германската 73-та тактичка ескадрила Штајнхоф пред претстојниот самит на алијансата во јули во Вашингтон.

Тој се запозна со можностите за брз одговор на таа ескадрила, која е стационирана во воздухопловната база Лаге, и леташе околу еден час со борбен авион Еурофајтер, пренесе Анадолија.

- Воздушната база јужно од Росток е импресивен објект во кој се обучуваат најдобрите пилоти во светот. Затоа оваа база е многу важна за НАТО. Покрај тоа, Лаге игра суштинска улога во различни мисии на воздушната полиција на НАТО, како онаа на Балтикот, и со тоа дава важен придонес за колективната одбрана - изјави генералниот секретар на НАТО, објави германското радио НДР.

Столтенберг посочи дека Германија во рамките на ЕУ ѝ дава најголема поддршка на Украина. Тој особено ја пофали неодамнешната одлука да ѝ се даде на Украина уште еден систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ и да се обучат украински воздухопловни екипажи за тоа. Тој нагласи дека соработката во развојот на новите воени технологии е важна, оценувајќи дека е добро што Европа и Северна Америка го зголемија производството на одбранбена опрема. За време на посетата на Лаге, Столтенберг леташе еден час со борбен авион Еурофајтер.

- Со нетрпение очекувам да летам со Еурофајтер - објави Столтенберг пред летот.

Авионот со Столтенберг и пилот на воздухопловните сили полетал во 12:22 часот по локално време, а летот траел околу еден час, објави весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. По слетувањето, генералниот секретар на НАТО рече дека е многу импресиониран од компатибилноста на оружјето на различните земји од алијансата, истакнувајќи дека имал можност да види „вистински пример за интероперабилност на НАТО во пракса“, кога германски авион -танкер наполнил гориво на два шведски борбени авиони во воздух, додека учествувале во вежбата.

Во Иран обесени седум луѓе осудени на смрт, меѓу кои и две жени

Невладината организација „Иран Хјуман рајтс“ денеска соопшти дека од почетокот на годинава во Иран биле егзекутирани 223 лица и го осуди отсуството на фер судење.

Седум лица, меѓу кои две жени, беа обесени денеска во Иран, бидејќи Исламската Република ја зголемува употребата на смртната казна за политички цели, соопшти организацијата со седиште во Норвешка, објави „Фигаро“.

Парвин Мусави (53), мајка на две деца, беше обесена во затворот Урмија во северозападен Иран со пет мажи, од кои сите беа осудени за трговија со дрога, се вели во соопштението на организацијата.

Фатемех Абдулахи (27) е обесена во Нишапур на истокот на земјата поради убиство на нејзиниот сопруг, кој воедно и бил братучед.

Огранизацијата соопшти дека забележала 223 егзекуции годинава, вклучително и најмалку 50 само во мај, по крајот на персиската Нова година и Рамазан во април.

Иран е една од земјите каде што се извршуваат најмногу егзекуции заедно со Кина и Саудиска Арабија. Егзекуциите се вршат со бесење./МИА

Хасани:Руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста во Европа

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани смета дека руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста на европскиот континент и пошироко.

Хасани на меѓународната конференција „Ленарт Мери“ (Lennart Meri) во главниот град на Естонија, Талин изјавил дека „Албанија продолжува со својата јасна и цврста позиција во одбрана на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, во согласност со ставот на ЕУ, НАТО и САД".

-Албанија активно ги поддржува напорите и преземените иницијативи за да се обезбеди целосна одговорност за најтешките злосторства според меѓународното право извршени во Украина. Застанувајќи покрај Украина, Албанија ја поддржува политички, економски и воено, до постигнување праведен и стабилен мир, нагласил тој, јави АТА.

Прашан за улогата на Русија во светската безбедност, министерот Хасани, рекол дека „единствениот победник во овие турбулентни времиња е НАТО, сојузот на вредности и нации кои го сакаат мирот и ги почитуваат правата на народите".

Министерот Хасани остварил средби со премиерката Каја Калас, неговиот естонски колега Маргус Цахкна и шефот на Комисијата за надворешна политика во естонскиот парламент, Марко Михкелсон на кои изразил благодарност за континуираната поддршка на Естонија за процесот на интеграција на Албанија и Балканот во ЕУ./МИА

Фоден: Горд сум на наградата фудбалер на сезоната во Премиер лигата

Фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, Фил Фоден ги искажа впечатоците по добивањето на наградата за најдобар играч во сезоната 2023/24 во англискиот шампионат.

- Добивањето на оваа награда е достигнување на кое сум исклучително горд. Англиската Премиер лига е препознаена како најдобра лига во светот и среќен сум што сум номиниран заедно со многу други одлични играчи кои имаа посебни сезони во своите клубови. Би сакал да му се заблагодарам на целиот персонал на Сити, тренерите и особено на моите соиграчи, бидејќи без нив тоа немаше да биде возможно, изјави Фоден на официјалната веб-страница на „Граѓаните“.

Оваа сезона во Премиер лигата, 23-годишниот играч од средниот ред одигра 34 натпревари, постигнувајќи 17 гола и постигна осум асистенции.

Трансфермаркт го проценува Фоден на 130 милиони евра.

Договорот на играчот со Манчестер сити е до летото 2027 година. /МИА

притисни ентер