Стартува електронскиот наместо хартиениот рецепт

Од денеска стартува електронскиот рецепт како дел од интегрираниот здравствен информатички систем, информираат од Министерството за здравство.


Матичниот лекар лекот ќе го пропишува по електронски пат. Пациентот за да ја подигне терапијата во аптека не мора да има електронска здравствена картичка туку потребно е само да го каже матичниот број или бројот на здравственото осигурување внесен на здравствената легитимација.

Според надлежните, на овој начин се добива многу помалку документација, а многу поголема евиденција за тоа што се случува во системот. Покрај институциите, прецизен увид ќе имаат и лекарите кои во секое време ќе знаат дали болниот го подигнал лекот што го пропишале./МИА

Откриена е супер-Земја: Има цврста површина и атмосфера, но и температура до 2.300 степени

Терестична планета двојно поголема од Земјата и позната како 55 Cancri-e е откриена со вселенскиот телескоп Џејмс Веб.

Овој тип на планета со цврста површина е откриен од научниците на НАСА, а се нарекува супер-Земја бидејќи е поголема од Земјата, но помала од Нептун, објави Nature.

Таа е меѓу ретките планети со цврста површина надвор од Сончевиот систем со атмосфера составена од јаглерод диоксид и јаглерод моноксид.

Температурите на вриење на планетата, кои можат да достигнат и до 2.300 степени Целзиусови, значат дека на неа веројатно нема да постои живот.

Научниците велат дека откритието е ветувачки знак дека може да има и други такви карпести планети со густа атмосфера кои би можеле да бидат погостопримливи. Егзопланетата оддалечена 41 светлосна година е осум пати потешка од Земјата и орбитира околу својата ѕвезда Коперник толку блиску што има постојани дневна и ноќна страна.

Површината на Канкри е покриена со океани од магма, а за да го идентификуваат составот на нејзината атмосфера, истражувачите ги проучувале снимките од вселенскиот телескоп Веб пред и откако планетата поминала зад својата ѕвезда.

Тие ја одделиле светлината што ја емитува планетата од онаа што ја емитува ѕвездата и ги користеле податоците за да ја пресметаат температурата на планетата.

Гасовите од океаните со магма може да играат клучна улога во одржувањето на стабилна атмосфера.

Истражувањето на оваа супер-Земја, исто така, може да обезбеди индиции за тоа како Земјата и Марс најпрво еволуирале со океаните со магма кои оттогаш се оладиле, велат научниците.

Ренџу Ху, планетарен научник во лабораторијата за млазен погон на НАСА, кој го водел истражувањето, заклучил дека ова е ретка можност за истражувачите да ја проучуваат оваа фаза од еволуцијата на планетата.

Трамп планира да испрати тимови убијци во Мексико за да ликвидираат лидери на нарко картели

Доналд Трамп, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, наводно планира да испрати тимови убијци за да ги елиминираат водачите на нарко картелите во соседно Мексико.

Како што пренесува угледниот магазин „Ролинг Стоун“, повикувајќи се на три различни извори, Трамп овие планови ги претставил во разговор со своите најблиски соработници.

Тој не прецизира детали за тоа како има намера да испрати американски војници на територијата на соседна суверена држава за да ги елиминираат водачите на нарко картелите, ниту колку ќе ги има. Трамп ја изнел оваа идеја во разговор со најмалку еден конгресмен од Републиканската партија. Наводно, распоредувањето на американските специјални сили ќе се изврши со или без согласност на властите во Мексико Сити.

Во некои од овие дискусии, Трамп инсистирал на тоа дека американската војска има „потешки убијци од нив“ и се запрашал зошто овие мисии за убиства не биле извршени порано, тврдејќи дека елиминирањето на шефовите на нарко-картелите во голема мера ќе ги искомплицира нивните операции и ќе предизвика страв во нивните срца. Всушност, верзии на оваа стратегија навистина биле испробани претходно во долготрајната меѓународна војна против дрогата, вклучително и во Мексико, каде тамошната влада поддржана од САД посвети значителни ресурси за ликвидација што е можно повеќе шефови на нарко картелите, но тоа не успеало.

За време на некои од овие разговори, Трамп ги споредил предлозите со воен напад во 2019 година што тој го наредил, со цел да се убие лидерот на ИСИС, Абу Бакр ал-Багдади. Трамп инсистирал на тоа дека САД треба да му пристапат на раководството на нарко картелот на ист начин.

Еден од изворите, кој разговарал за ова прашање со Трамп претходно оваа година, потсетува дека поранешниот претседател рекол дека американската влада треба да има „список на убијци на нарко босовите“, во кој ќе бидат вклучени најмоќните и најозлогласените картели и нивните водачи и дека задачата на американските специјални сили треба да биде нивна ликвидација или заробување за време на владеењето на втората администрација на Трамп.

Профитот на Тојота во фискалната 2023. од 29,6 милијарди евра ги собори сите рекорди

Јапонската компанија Toyota Motors денеска објави дека нејзината добивка во фискалната година која заврши на 31 март се удвоила на рекордни 4,94 милијарди јапонски јени или околу 29,6 милијарди евра.

Во истиот период, приходите на Тојота исто така собориле рекорд, бидејќи пораснале за 21,4 отсто на годишно ниво на 270,4 милијарди евра.

Фирмата, исто така, имала корист од падот на јапонската валута во однос на американскиот долар.

Јапонската компанија најави зголемување на инвестициите во развојот на електрични возила (EV) и технологија за вештачка интелигенција (AI), па очекува пад на профитот од 27,8 отсто во тековната фискална година, пренесува агенцијата Kyodo.

Продажбата на возила „Тојота“ ширум светот во изминатата фискална година се зголемила за пет отсто на 11,09 милиони автомобили, пред сѐ поради растот на побарувачката за хибридни возила.

Најголем раст на продажбата е забележан во Северна Америка, за 17 отсто на 2,82 милиони возила, а во Европа продажбата е зголемена за 15,7 отсто на 1,19 милиони автомобили.

Toyota Motors планира да продаде 10,95 милиони возила ширум светот во тековната фискална година, што е за 1,3 отсто помалку од претходната година.

притисни ентер