Старее населението во светот, не е поинаку и во земјава - Канал 5

Старее населението во светот, не е поинаку и во земјава

Глобалните трендови покажуваат постојано стареење на населението во светски рамки. 

Старее населението во светот, не е поинаку и во земјава

Во 2017 година во светот имало 962 милиони лица постари од 60 години, што, како што покажуваат податоците на ОН, е двојно повеќе од 1980 година кога имало 382 милиони. Прогнозите на ОН се дека до 2050 година оваа бројка повторно ќе се удвои и оти тогаш во светот ќе има близу 2,1 милиони лица постари од 60 години. Слични се состојбите, движењето и проекциите и за земјава.

До 2030 година се очекува постарите лица да го надминат бројот на деца до 10 години (1.41 наспрема 1.35 милијарди), а до 2050 година ќе има повеќе лица постари од 60 години наспроти адолесценти и млади од 10 до 24 години, 2.1 милијарди наспроти 2.0 милијарди.

Стареењето на популацијата според експертите се должи на намалување на фертилитетот и подобрувањето на преживувањето, што ја карактеризира демографската транзиција што се случува во светски рамки. Секоја од 201-та земја во светот ќе има зголемување на населението постаро од 60 години во периодот до 2050 година.

Иако процесот на стареење е најзабележлив во Европа и Америка, каде што повеќе од едно од пет лица е над 60 години, во 2017 година податоците покажуваат дека населението старее и во другите региони, исто така. Во Европа до 2050 година се очекува 35 отсто од населението да биде составено од стари лица, во Северна Америка 28 отсто, 25 отсто во Јужна Америка и Кариби, 24 отсто во Азија, 23 отсто во Океанија и девет проценти во Африка.

Од Обединетите нации препорачуваат како што се зголемува просечната вораст на населението, владите да имлементираат политики за да можат да одговорат на потребите и интересите на постарите лица како домување, вработување, здравство, социјална заштита и други форми на меѓугенерациска солидарност.

Иако намалувањето на фертилитетот и зголемувањето на животниот век кај населението се сметаат за едни од најзначајните фактори за ваквиот тренд на стареење на населението на светско ниво, меѓународните миграции, според ОН, исто така придонесуваат за менување на возрасната структура на населението во одредени земји и региони. Во земјите што се соочуваат со големи мигрантски бранови, меѓународната миграција може да го забави процесот на стареење на населението, барем привремено, со оглед на тоа што најголем дел од мигрантите се во работоспособна возраст.

Ова е причина што одредени земји меѓународните миграции ги третираат како политика за одговор на старењето на населението. Според ОН, бројот на земји што ја зголемиле политиката на имиграција, односно дозволуваат населување на поголем број мигранти, се зголемил од осум во 1996 на 24 во 2015 година.

Дваесет од овие 24 земји го идентификувале стареењето на населението како една од најголемите грижи. Сепак, анализата на ОН покажала и дека миграциите сами по себе не се ефективна политика за одговор на процесот на стареење на населението.

Емигрирањето на млади работници, пак, од друга страна, според ОН, го забрзува процесот на старењето на населението во одредени земји, особено во земјите од Источна Европа. Зголемениот пристап на пазарот на трудот во земјите од ЕУ и економската криза од 2008 година предизвикуваат голем одлив на работоспособно население.

Како одговор на ова некои од земјите преземаат политики за намалување на ваквиот одлив на население и да охрабрат враќање на своето население.

Трендот на стареење на населението, кој е присутен во светски рамки, се забележува и во Република Северна Македонија. Во периодот од 1994 до 2015 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години е намалено од 20,2 осто на 16,7 отсто, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11,7 отсто на 12,8 отсто.

Како и во другите земји така и овде намалениот фертилитет е една од причините. Така, според податоците на ДЗС во 1994 година биле родени 31.421 бебе, а умреле 15.649 лица, со што природниот прираст изнесувал 15.772 лица. За разлика од ова 2017 година биле родени 21.754, а умреле 20.318. Природниот прираст оваа година изнесувал само 1.436.

Од илустрацијата на Државниот завод за статистика, објавена во публикацијата „25 години независна Македонија", може да се види движењето на младото и старото население од 1994 до 2015 година, што упатува на тоа дека има постојано зголемување на бројот на стари лица, за разлика од трендот на постојано намалување на бројот на млади.

Во 1994 година стари над 65 години имало околу 160 илјади, а во 2015 околу 260 илјади. Бројот на млади до 14 години, пак, е во постојан пад. Во 1994 година бројот на млади е близу 500 илјади, а во 2015 околу 350 илјади.

Слични трендови можат да се видат и од илустрацијата на пирамидите на структура на населението од пописите спроведени во земјата.

Покрај намалениот фертилитет, како една од причините за стареењето на населението, односно менувањето на старосната структура во земјата, особено во земјите од Источна Европа, но и од Западниот Балкан е емигрирањето на младо работоспособно население во други европски земји во потрага по подобра и повеќе платена работа.

Иако во земјава постојано се зборува за заминување на голем број луѓе, особено млади, не постојат статистички податоци што би ја одразиле реалната слика на бројот на заминати.

Според податоците на Државниот завод за статистика во 2013 година од земјава заминале само 945 државјани, во 2014 година 839, во 2015 година 1.016, во 2016 година 630, а во 2017 година земјава ја напуштиле само 424 граѓани.

Овие податоци, како што често посочуваат претставници од Државниот заводот на статистика, ги опфаќаат само оние граѓани кои го пријавиле своето заминување во странство.

Бројките што укажуваат на процесот на старење на населението треба да бидат насока во која властите во земјава во наредниот период би требало да ги креираат своите политики, од тие за развивање услуги за поддршка на повозрасно население, како што препорачуваат од ОН, до развој на економијата, отворање нови и подобро платени работни места, зголемување на вработливоста на младите и давање еднакви можности за сите./МИА.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Скопјанец во струшко и кичевец во Кичево возеле пијани- уапсени се

На 25.10.2026 во 01:00 часот во струшкото село Мислешево, полициски службеници го лишија од слобода Н.П.(60) од Скопје. 

Скопјанец во струшко и кичевец во Кичево возеле пијани- уапсени се

При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „мг“ со струшки регистарски ознаки, кое тој го управувал и при извршено алкотестирање, кај него констатирале 2,22 промили алкохол во крвта. Тој веднаш е исклучен од сообраќај, по насоки на јавен обвинител одземено му е патничкото возило и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 25.10.2026 во 05:45 часот на ул.„4 јули“ во Кичево, полициски службеници го лишија од слобода Д.С.(30) од Кичево. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „бмв“ со кумановски регистарски ознаки, кое тој го управувал и при извршено алкотестирање, кај него констатирале 1,63 промили алкохол во крвта. Тој веднаш е исклучен од сообраќај, по насоки на јавен обвинител одземено му е патничкото возило и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштуваат од СВР Охрид.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Честитки коалиција СДС и ДУИ, Кузеска се секира дали ДУИ ќе победи во Брвеница, каде СДС нема кандидат во втор круг

Честитки за коалицијата СДС–ДУИ. Кузеска толку се грижи дали ДУИ ќе победи во Брвеница, а притоа СДС воопшто нема свој кандидат во вториот круг.

ВМРО-ДПМНЕ: Честитки коалиција СДС и ДУИ, Кузеска се секира дали ДУИ ќе победи во Брвеница, каде СДС нема кандидат во втор круг

Па, откако СДС остана без свој кандидат, од каде толкава загриженост за изборниот резултат на ДУИ?

Наместо СДС да се грижи за сопственото членство и да зборуваат за сопствената политика и поддршка, СДС се грижи за ДУИ.

СДС се занимаваат со се освен за сопствениот дебакл кој го доживееа во Брвеница. Граѓаните им испратија јасна порака на Филипче и СДС во Брвеница.

Филипче и СДС се обидуваат да најдат утеха во пласманот на четвртото место. СДС со Филипче се сведе на рејтинг од 5% и се радува на поразот од 4 спрема 1 од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Брвеница.

Кога СДС нема кандидат во финалната трка, а толку внимание посветуваат на тоа дали ДУИ ќе победи, тогаш нека се изјаснат јавно за граѓаните да знаат кој за кого навива и чии интереси всушност од СДС се бранат?

Честитки коалција СДС- ДУИ,се наведува во партиската реакција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Божинов: Нов цевковод од 8,9 километри, целосно покривање на пазарот и асфалтирање на улици за развој на Ново Село

На 19 октомври 2025 година, по втор пат ми ја дадовте вашата доверба да ја водам Општина Ново Село. 

Божинов: Нов цевковод од 8,9 километри, целосно покривање на пазарот и асфалтирање на улици за развој на Ново Село

Таа доверба за мене претставува голема чест, но пред сè, обврска и одговорност да продолжам посветено да работам за доброто на нашата општина и за подобар живот на сите наши сограѓани.

Деновиве навршува една година од почетокот на мојот втор мандат – година исполнета со бројни предизвици, во услови на глобални економски движења кои влијаат врз нашата држава, но и врз локалните процеси. Сепак, ова беше и година на важни стратешки чекори, нови инвестиции и проекти кои треба да остават трајна вредност за идните генерации.

Гордо можам да кажам дека продолживме да работиме на она што е најважно за граѓаните: сигурно водоснабдување, подобра инфраструктура, економски развој, зачувување на културното наследство, поддршка на спортот и создавање подобри услови за живот во сите населени места во општината.

Еден од најважните проекти на кои започнавме да работиме на почетокот на годината е проектирањето на нов цевковод во должина од 8,9 километри, со планиран зафат во близина на Стиник, кој треба да обезбеди чиста вода за пиење за Ново Село и Самоилово.

Ова е една од стратешки најзначајните инвестиции за нашата општина. Нашата цел е да создадеме долгорочно, сигурно и одржливо решение за водоснабдувањето, кое ќе одговори на потребите на населението во наредните децении. Согласно планираната динамика, реализацијата на терен треба да започне во средината на 2027 година.

Друг значаен проект е целосното покривање на пазарот во Ново Село – инвестиција што се чекаше три децении. Со неа ќе создадеме посовремени и посоодветни услови за нашите земјоделски производители, трговци и граѓани. Пазарот не е само место за трговија, туку и простор за поддршка на домашното производство, локалната економија и традицијата на нашиот крај.

Деновиве е потпишан договор за реализација на годишната програма за асфалтирање, со која е предвидено до крајот на оваа година да се асфалтираат 18 улици во населените места во нашата општина.

Со поддршка од Светската банка успешно беа реализирани и асфалтирањата во викенд-населбата во Мокрино, како и пристапниот пат до скалите за Смоларскиот водопад. Тоа се инвестиции што придонесуваат за подобра инфраструктура, полесна пристапност и развој на туристичките потенцијали на нашиот крај.

Горди сме и на завршувањето на втората фаза од пешачката и рекреативната патека од Ново Село до Мокриево. Продолжуваме со проектирање на нејзино поврзување од Колешино до Мокринските извори, со цел да создадеме поврзана рекреативна целина која ќе ги обедини природните убавини и туристичките потенцијали на нашата општина.

Се асфалтираа и улици во индустриските зони, а во тек е постапката за целосна автоматизација на системот за водоснабдување во Сушица. Продолжуваме да инвестираме во инфраструктурата, затоа што веруваме дека секое населено место заслужува подобри услови за живот и развој.

Посебна чест ми претставува фактот што, по цели 50 години, во Ново Село повторно ќе се гради станбена зграда. За овој објект неодамна е издадено одобрение за градење, а започнати се и почетните активности за реализација на инвестицијата.

Дополнително, издадени се одобренија за изградба на викенд-куќите во Мокрино, за кои се очекува до крајот на 2027 година да бидат создадени услови за прием на првите туристи. Ова е важен чекор кон развој на локалниот туризам, отворање нови можности и поголема економска активност во нашите населени места.

Посветено работиме и на зачувувањето на нашето богато културно-историско наследство. Инвестиравме во реставраторски активности на кулата Пирго над Мокриево, а во тек е и постапката за изработка на проектно решение за нејзина целосна реставрација, со цел да се зачува и доближува до идните генерации нејзиниот историски изглед и значење.

Нашето културно наследство не е само спомен од минатото – тоа е дел и еден од најважните предуслови за развој е стабилното и одговорно управување со општинските финансии.

Со особена гордост истакнувам дека во текот на моето досегашно раководење, Општина Ново Село редовно ги сервисира и исплаќа своите обврски, нема заостанати долгови и го одржува буџетот во стабилна финансиска состојба.

Ова не е само финансиски показател, туку потврда дека со одговорно планирање, домаќинско работење и правилно поставени приоритети можеме да создаваме услови за нови инвестиции и континуиран развој.

Паралелно, започнавме и други значајни постапки. Во подготовка е проектирањето на мега-паркот во Ново Село, а планирано е и проектирање на фекална канализација во Зубово, како и реализација на други проекти што директно ќе придонесат за подобар квалитет на живот на нашите сограѓани.

Оваа година покажа дека Општина Ново Село има силен културен дух, жива традиција и граѓани кои знаат да го чуваат и негуваат своето наследство.

Културните манифестации ги надминаа очекувањата, а настаните како СМОТРА, Илинден на Мокринските извори, „Незаборав на заветот“ во Колешино, Иселеничките средби на Пирго во Мокриево и Костенијадата во Смолари привлекоа илјадници посетители од различни делови на Македонија.

Овие манифестации се многу повеќе од културни настани. Тие се средби на генерации, потврда на нашата традиција и можност да ги поврземе луѓето со родниот крај, без разлика каде живеат и работат.

Посебно признание заслужува нашето Културно-уметничко друштво „Јане Сандански“ од Ново Село, кое и надвор од државните граници достојно ги претставува македонската култура, традиција и обичаи.

Значајни чекори направивме и во развојот на спортот.

По цели 50 години, фудбалот повторно е возобновен во Ново Село. Фудбалскиот клуб „Огражден“, како шампион на општинската лига, обезбеди пласман во Третата македонска фудбалска лига. Овој успех е доказ дека со вложување, посветеност и заедничка работа можеме да ги вратиме спортскиот дух и натпреварувачката традиција во нашата општина.

Успешно продолжува и развојот на женскиот одбојкарски клуб, кој настапува во Втората лига и бележи значајни резултати, освојувајќи медали и носејќи радост и гордост на домашната публика.

Вложувањето во спортот е вложување во младите, во нивното здравје, дисциплина, тимски дух и иднина. Затоа и понатаму ќе ги поддржуваме спортските клубови и младите кои со својот труд ја претставуваат нашата општина.

Продолжуваме заедно, со уште поголема одговорност.

Почитувани сограѓани, сите овие проекти и активности се резултат на потребите и барањата на граѓаните, но и на нашата заедничка определба Општина Ново Село да продолжи да се развива.

Пред една година, на 19 октомври 2025 година, ми ја дадовте довербата да продолжам по патот што заеднички го трасиравме во 2021 година. Со тоа ми ја дадовте и обврската да продолжам да работам одговорно, посветено и во интерес на секој граѓанин.

Особено сум горд што сум првиот градоначалник на Општина Ново Село кому граѓаните му довериле втор мандат. Тоа за мене не е само признание, туку и дополнителна обврска да ја оправдам вашата доверба со конкретни резултати, чесна работа и посветеност.

Свесен сум дека пред нас има уште многу работа, многу предизвици и многу потреби што треба да ги решаваме. Не ветувам дека сè може да се направи преку ноќ, но ветувам дека ќе продолжам неуморно да работам, внимателно да ги слушам вашите барања и да ги вложувам своите знаење, енергија и време за доброто на нашата општина.

Затоа што Ново Село не е само место на картата. Ново Село е нашиот дом, нашето огниште, нашата традиција и нашата иднина.

Продолжуваме заедно – со работа, одговорност и верба во подобро утре.

За доброто на нашата татковина, за развојот на Општина Ново Село и за подобра иднина на сите наши сограѓани.

Ви благодарам за довербата, за поддршката и за можноста заедно да го градиме Ново Село какво што го посакуваме – поубаво, посилно и поразвиено, рече Ѓорѓе Божинов, градоначалник на општина Ново Село.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер