Средниот век, Османлиската империја и Гоце Делчев теми на деветтата средба на македонско-бугарската комисија

Средниот век, Османлиската империја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев се темите за кои ќе разговараат членовите на Заедничката комисија меѓу Македонија и Бугарија на деветтата средба, која ќе се одржи денеска и утре во Софија.

Средбата е продолжение на претходната, која се одржа во Охрид и на која се дискутираше по забелешките за учебниците по историја и усогласување на препораки како да се подобрат истите, како и за евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев.

На првиот работен ден, како што информираа од Комисијата, предвидено е да се продолжи со дискусијата за учебниците по историја за седмо одделение според македонскиот образовен систем и шести клас според бугарскиот образовен систем, односно историјата на средниот век и Османлиската империја.

На вториот ден од средбата предвидено е членовите на комисијата да дискутираат за евентуално заедничко чествување на Гоце Делчев.

Оваа средба е шеста и последна средба за оваа година. До сега, Заедничката комисија има одржано осум средби и препорачано на владите на двете држави заеднички чествувања на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото./МИА

Претседателката на Грузија, Зурабишвили стави вето на законот за „странско влијание“

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили соопшти дека ставила вето на контроверзниот закон за „странско влијание“, кој предизвика масовни протести во земјата.

„Денес ставам вето (...) на закон кој е руски по својата суштина и е во спротивност со нашиот устав“, рече Зурабишвили откако текстот усвоен од Парламентот оваа недела беше осуден од неговите противници дека има за цел да ја одврати Грузија од нејзиниот пат кон Европа и да ја насочи кон Русија.

Таканаречениот „руски закон“, чии противници протестираат со недели против неговото усвојување, бара медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Критичарите на законот велат дека тој е премногу сличен на законодавството што го користи Кремљ за да ги замолчи противниците и дека ќе ја попречи кандидатурата на Грузија за пристапување во ЕУ.

Претседателката Саломе Зурабишвили, која влегува во сè поостра конфронтација со грузиската владејачка партија, денеска изјави дека законот е во спротивност со Уставот на Грузија и „сите европски стандарди“, и додаде дека тој „мора да биде повлечен“. /МИА

То Лам именуван за претседател на Виетнам

Комунистичката партија на Виетнам го именува министерот за јавна безбедност То Лам за нов шеф на државата.

- Централниот комитет одобри другарот То Лам, член на Политбирото и министер за јавна безбедност, да биде именуван за претседател, објави Виетнамската новинска агенција (ВНА).

Лам (66), кој ја извршуваше функцијата министер за јавна безбедност од 2016 година, имаше тврд став против движењата за човекови права.

Неговото именување уследи по оставката на Во Ван Туонг во март./МИА

Поплави во источна Белгија

 Подрачјето на белгискиот град Лиеж е погодено од поплави предизвикани од обилните дождови кои веќе предизвикаа штети во Франција.

На подрачјето на тој град досега се евидентирани околу 550 интервенции, а гувернерот Ерве Џамар мобилизирал 150 пожарникари во борбата против последиците од елементарната непогода.

„Ова се главно интервенции за испумпување вода кои продолжија денеска изутрината“, соопшти канцеларијата на гувернерот на погодената провинција.

Службите за итни случаи соопштија дека нивото на водата почнало да се намалува.

Од другата страна на границата, во холандската провинција Лимбург, два кампа се евакуирани поради опасност од поплави.

Во францускиот департман Мозел, на североистокот, денеска во раните утрински часови беше објавена тревога поради опасност од поплави. /МИА

притисни ентер