Средба Заев - Могерини на Самитот во Лондон

Премиерот Зоран Заев, кој ја предводи  македонската владина делегација на Самитот „ЕУ - Западен Балкан“ во Лондон, денеска треба да има средба со високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини.

Во рамки на Самитот е планирано Заев да оствари билатерална средба i со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, а на маргините да се сретне со директорот на британската Служба за национална безбедност Роберт Чатертон Диксон, како и со членови на Охрид - групата, во чија организација е и работниот појадок со 16 политичари, воени претставници и новинари од Обединетото Кралство.

Централните настани на Самитот „ЕУ - Западен Балкан“ ќе почнат со прием што го организира премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите-членки на Берлинскиот процес и на земјите- членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската комисија.

Премиерот Заев е поканет да се обрати на панелот „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, како и да учествува во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година. На оваа пленарна сесија ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, германската канцеларка Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе заврши со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, што ќе го приреди принцот Чарлс. За време на приемот македонската делегација ќе има можност за куса билатерална средба со премиерката Тереза Меј.

Премиерот Заев вчера, на првиот работен ден од Самитот, присуствуваше на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите. Тема на работната сесија на ручекот, под раковдство на домаќинот на Самитот, премиерката Меј, беа економијата и регионалната соработка.

Заев попладнето се сретна и со извршниот директор на Фондацијата за демократија Вестминстер од Велика Британија Ентони Смит.

Од Лондон, премиерот Зоран Заев, со специјален лет заминува за Брисел каде ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО. /МИА

Претрес во Струмица, приведен осомничен дилер

Струмичката полиција вчера околу пладне во Струмица го лишила од слобода Љ.Ѓ.(46) од овој град. 

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја, црна прашкаста материја, марихуана, бела прашкаста материја, бела грутчеста материја и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело..

Како што информираат денеска од МВР, лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полска ја зајакнува границата кон Русија и Белорусија

Премиерот на Полска, Доналд Туск денеска изјави дека почна осовременувањето и утврдувањето на источна граница со Белорусија и Русија, за што се наменети 2,3 милијарди евра.

- Тој план за одбрана и одвраќање го нарековме „Штит на Истокот“ … кој ќе нè брани од потенцијалните напади од исток, но пред сè ќе има за цел да го одврати непријателот. Системот на утврдувања, зајакнување, модернизирањето на 400 километри од границата со Русија и Белорусија ќе биде фактор на одвраќање, стратегија да се избрка војната од нашата граница, истакна Туск.

Тој најави дека следната недела ќе објави нови мерки за спречување провокации, саботажи и диверзии во рамките на хибридните напади од Русија и од Белорусија.

Зборуваме за потребата да се изгради силна држава, отпорна на саботажи и саботажи. Полска ќе биде отпорна држава и безмилосна до болка кон секој што ќе се обиде да ја дестабилизира ситуацијата во нашата земја, наведе Туск. Претходната влада на конзервативната партија Право и правда на границата подигна ограда висока повеќе од пет метри за да ги запре мигрантите.

Полска без оглед кој е на власт тоа го третира како руски и белоруски хибриден напад и обид за префрлање на десетици илјади бегалци во Полска со цел да се дестабилизира земјата но и другите членки на Европска Унија./МИА

Евакуирани околу 10.000 луѓе од украинската област Харков

По копнениот напад на руската армија приближно 10.000 луѓе се евакуирани од областа Харков, североисточна Украина.

Гувернерот на Харков, Олег Синегубов наведе дека украинската армија одбила два обиди за пробивање на одбраната во текот на ноќта, но оти ситуацијата е „под контрола“.

Руските сили нападнаа неколку градови, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

Во периодот од 9 до 15 мај руските сили зазедоа 278 квадратни километри украинска територија, што е најголем напредок од крајот на 2022 година./МИА

притисни ентер