Средба Џафери со претседателката Османи-Садриу

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, која престојува во дводневна официјална посета на земјава.

На средбата присуствуваа потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и претседателот на Пратеничката група за соработка со Собранието на Косово, Африм Гаши.

Претседателот Талат Џафери упати честитки за визната либерализација со Европската унија, со која граѓаните на Косово ќе можат слободно да патуваат во земјите на ЕУ и оцени дека одлуката е од суштинско значење за интеграцијата на Косово во ЕУ. Тој изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Косово на сите полиња и големиот интензитет на меѓусебни средби на високо политичко ниво. Пријателските односи се пресликани и во плодната и фреквентна соработка на Собранието на Република Македонија и Собранието на Република Косово меѓу претседателите на двата законодавни дома, комисиите и групите за пријателство и соработка.

Претседателот на Собранието на Република Македонија нагласи дека принципиелно ги подржуваме евро-атлантските аспирации на Република Косово и подготвени сме да ги пренесеме стекнатите знаења и искуства на тој план. Истакнувајќи дека двете земји се активни учеснички во Берлинскиот процес, тој информираше дека Собранието на Република Македонија ги ратификуваше трите договори за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации меѓу земјите од регионот.

Претседателот Џафери го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија и нагласи дека како претседавачи со ОБСЕ, сме подготвени да ја помогнеме имплементацијата на одредени делови од договорот. Информираше дека земјава од 1 јули годинава ќе го преземе претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што на еднаква основа учествуваат сите земји од регионот.

Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, нагласи дека Република Македонија претставува пример и модел за останатите земји од регионот, особено на планот на меѓу-етничките односи. Таа изрази задоволство што од воспоставувањето на дипломатските односи, меѓу двете земји нема отворени прашања и се остварува плодна соработка во бројни области. Истовремено, се заложи за продлабочување на меѓусебната соработка во полето на образованието, културата, здравството, надворешната политика и одбраната.

Претседателката Османи Садриу се заблагодари на континуираната поддршка од земјава за членството на Република Косово во меѓународните организации и нагласи дека поддршката од пратениците на Собранието на Република Македонија ќе биде од големо значење за зачленувањето на Косово во Советот на Европа. Од претседателот Џафери таа побара поддршка и за учество на Косово во Кримската платформа.

Претседателката на Косово упати благодарност за гостопримството укажано во Охрид, за состанокот за Анексот на договорот за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, но нагласи дека Србија го прекршила овој договор со спротивставувањето на членството на Косово во Советот на Европа.

Џафери и Османи Садриу се осврнаа на економската соработка меѓу двете земји, како и потребата за заокружување на инфраструктурното поврзување и подобрувањето на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли, со што во дополнителна мера ќе се олесни комуникацијата меѓу граѓаните и бизнис заедницата од двете држави.

Соговорниците разменија информации за актуелните случувања во двете земји и се заложија за побрза реализација на договорите постигнати на заедничката седница на Владите на Македонија и Косово.

На крајот на средбата беше изразена надеж дека официјалната посета на претседателката Османи Садриу ќе придонесе за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Косово.

„Хрватска вечер“ на фестивалот „Поетски синтези - 2024“ во Битола

о рамки на 13. Меѓународен фестивал „Поетски синтези - 2024“ што беше отворен синоќа во Битола, денеска ќе се одржи „Хрватска вечер“. Промовирани ќе бидат книгите на Дарија Жилиќ, Диана Буразер, Валерио Орлиќ и Срџан Духовиќ, сите од Хрватска.

Фестивалот почна со доделување на наградата „Поетска муза“ за најдобра интерпретација и композиција на песна која ја доби хрватскиот поет Валерио Орлиќ, а ЗГ „Нова“ ја додели наградата „Поетски хоризонти“ на хрватската поетеса Диана Буразер за најзината книга „Рајски јаболка“ како најдобра книга објавена меѓу две лета во издание на Здружението „Нова“ од Битола.

„Поетски синтези - 2024“ се одржува во Домот на културата. Го отвори претседателката на Здружението за наука и култура „Нова“ Мирјана Стојановска. Со своја поезија се претставија 15 поети од Хрватска, Италија, Црна Гора, како поети од Битола, Скопје, Гостивар и Ресен. Во музичкот дел се претставија дуото Александар Талевски на гитара и Билјана Талевска-вокал со арија од Џузепе Џордани.

Фестивалот се организира под покровителство на Министерството за култура и општина Битола. /МИА

Бесплатен влез за Кокино и Меморијалниот центар АСНОМ по повод Меѓународниот ден на музеите

Бесплатен влез на локалитетите Кокино и меморијален центар АСНОМ и повеќе активности за најмладите, организира НУ Музеј Куманово по повод 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите.

Надлежните ги повикаа граѓаните да ги посетат локалитетите.

- Годинашново мото за Меѓународниот ден на музеите е „Музеите за едукација и истражување“ и не се однесува само за најмладата публика, туку за сите, вклучително и возрасните кои во секојдневната динамика се чини дека се помалку имаат време да го перципираат и истражат културното наследство околу себе. Затоа ги повикувам сите љубители на културата денеска да ги посетат Меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце и архео-астролошкиот локалитет Кокино, изјави директорката на установата, Марија Миљуш Божурска.

НУ Музеј Куманово, претходните денови во знак на меѓународниот ден организираше неколку активности со акцент на едукација за најмладите. Вчера, беше организирана промоција на македонско-англиска едукативна читанка за деца насловена „Асномска музејска читанка“, која ја обработува темата за првото заседание на АСНОМ и процесите на формирање на модерната држава. Децата учествуваа на етнолошка работилница во лапидариумот на музејот, цртаа и од глина изработуваа етнолошки предмети мотивирани од она што може да се види на постојаната етнолошка поставка. Во просториите на постојаната музејска поставка беше одржана работилница под наслов „Археолог на еден ден“ која имаше за цел да ги едуцира најмалите што е археологија, какво е нејзиното значење и кои се убавините на оваа професија, а кој е финансиран и поддржан од Министерството за култура.

18 Мај е Меѓународен ден на музеите којшто се одбележува уште од далечната 1977 година. Вообичаено низ годините музеите ширум светот на овој ден организираат различни активности преку којшто го афирмираат овој ден и го слават културното наследство. Годинава мотото под кое се одбележува 18-ти мај е „Музеи за едукација и истражување“ и активностите се поддржани од Министерството за култура./МИА

ИДФ: Во нападот врз Џенин елиминиран „влијателен екстремист“

 Израелските безбедносни сили (ИДФ) денеска соопштија дека вчера извршиле напад врз палестински „оперативен центар“ во Џенин, Западен Брег и ликвидирале „влијателен и баран екстремист“.

Во соопштението на ИДФ се наведува дека е елиминиран екстремистот Ислам Хамајс, одговорен за повеќе напади во Западен Брег.

Бригадата Ал Кудс, военото крило на Исламски џихад, го потврди убиството на Хамајс.

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека во воздушниот напад повредени се осум лица, ко се хоспитализирани во две болници во Западен Брег. /МИА

притисни ентер