Средба Џафери – Ципрас:Договорот од Преспа отвора можност за пополнување на тридецениската празнина

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со премиерот на Република Грција,  Алексис Ципрас, кој е прв грчки премиер што престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

На средбата присуствуваа и Атанасија Анагностопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Република Грција и амбасадорот г. Димитрис Јанакакис, како и Ирена Стефоска, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Грција и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи во Владата на Република Северна Македонија.

Претседателот Џафери, оценувајќи ја средбата како историска, упати честитки до Ципрас и Заев за храброста и за преземените чекори со кои се надмина деценискиот спор меѓу двете држави и на тој начин се отвори патот за евроатлантска интеграција на Република Северна Македонија, стратешка определба на државата и мнозинството нејзини граѓани.

Како парламент, ги поддржуваме сите напори за преточување на договорната соработка во конкретни проекти, кои очекуваме да добиваат на интензитет во иднина, истакна претседателот Џафери.

Тој укажа на фактот дека по стапувањето на сила на Договорот од Преспа, се воспоставува правна рамка која ќе овозможи парламентарна соработка на сите основи и во таа насока ги информираше присутните за упатената покана до неговиот колега Николаос Вуцис да оствари билатерална посета на Република Северна Македонија, како и за упатеното барање до грчка страна за формирање на група за пријателство во Грчкиот парламент со Собранието на Република Северна Македонија.

Премиерот Ципрас, заблагодарувајќи се за дадената поддршка, истакна дека во изминатиот период се донесоа големи одлуки и се преземаа големи чекори, и во тој контекст, му честиташе на претседателот Џафери за смиреноста во водењето на институционалната постапка во однос на Договорот од Преспа, што го оцени како тежок процес и за Собранието на Република Северна Македонија и за Парламентот на Грција.

Тој изрази жалење за тридецениската празнина меѓу двата парламента и искажа очекување дека Договорот отвора можност за пополнување на таа празнина. Тој го информираше претседателот Џафери за прифатената понуда од страна на претседателот на Парламентот на Грција, Николаос Вуцис и изрази надеж дека истата наскоро ќе биде реализирана. Исто така, изрази поддршка на формирањето на група за пријателство во Грчкиот парламент, која ќе овозможи размена на идеи и искуства и зближување меѓу пратениците од двете држави, што ќе придонесе за зближување и на граѓаните од двете земји. Премиерот Ципрас упати особени честитки до коалиционата влада и особено до претседателот Џафери како претставник на албанскиот елемент во земјата за соодветното претставување на неговите интереси, како и во однос на можноста за користење на албанскиот јазик како официјален јазик во Собранието на Република Северна Македонија.

Владата на Република Грција презема чекори за поддршка на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, бидејќи верува дека тоа е патот кој ќе обезбеди мир и стабилност што е важно и за народите на овие земји, нагласи Ципрас.

Тој го увери претседателот Џафери дека Грција ќе даде сериозна поддршка и ќе биде партнер од доверба во остварувањето на стратешките цели на Република Северна Македонија.

Во однос на евроинтегративните процеси, претседателот Џафери упати благодарност за можноста земјата да стане членка на Јадранско-јонската иницијатива и за овозможениот премин во втората фаза на Процесот за стабилизација и асоцијација и го информираше соговорникот за заокружувањето на реформските активности на Собранието во однос на Планот 18, по што се очекува земјата да добие и конкретен датум за почеток за преговори за членство во ЕУ во јуни оваа година.

Двајцата соговорници ја изразија поддршката за претстојните процеси во однос на донесување на потребната регулатива за примена на проеките кои произлегуваат од Договорот од Преспа, кои ќе налагаат максимална поддршка од страна на двата парламента. Успешноста на нивната реализација ќе им овозможи на граѓаните да се уверат во исправноста на претходно донесените одлуки од страна на политичарите на двете земји и ќе ја унапредат соработката во голем број области од заеднички интерес за двете држави и за нивните граѓани.

Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја

 Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и  Ѓорче Петров.

Како што соопшти РЦУК - Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.

Израелската војска соопшти дека пронашла тело на уште еден заложник во Појасот Газа

Бинјамин бил пронајден заедно со тројцата убиени заложници во Појасот Газа, чии тела, како што соопшти израелската војска, се вратени во Израел.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили кои дејствуваат во Појасот Газа го пронашле телото на Рон Бинјамин, кој беше меѓу 252 лица заробени од палестински вооружени лица во нападот предводен од Хамас на израелска територија на 7 октомври минатата година, што ја предизвика војната.

Главниот воен портпарол на Израел, контраадмирал Даниел Хагари, изјави дека Бинјамин бил пронајден заедно со тројцата убиени заложници во Појасот Газа, чии тела, како што соопшти израелската војска, се вратени во Израел.

Повикувајќи се на разузнавачки информации, војската соопшти дека сите биле убиени на 7 октомври.

Тројцата заложници, како што изјави Хагари се Шани Лук, Амит Бускила и Јицак Гелерентер. Тој рече дека тројцата биле на музичкиот фестивал Нова и биле убиени од борците на Хамас додека се обидувале да побегнат. Нивните тела потоа биле однесени во Појасот Газа. /МИА

Мироцветна порака и песна во Охрид и Струга со Цветин и Хорот „Вања Лазарова"

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата".

„Со мироцвеќе и песна по љубовниот пат на јагулата", вака е насловен денешниот настан кој ќе се одржи во Струга и Охрид, во организација на уметникот Живко Поповски- Цветин, Македонското здружение за култура обичаи и традиции "Гороцвет" и Хорот на Ансамблот „Вања Лазарова" од Скопје.

Тој ќе се содржи мироцветни цртежи, песна и поезија, и ќе се одвива во Паркот на поезијата во Струга и на Дрвениот мост, каде ќе се читаат познати стихови од славни учесници на Струшките вечери на поезијата- Ален Гинсберг, Томас Шапкот, Влада Урошевиќ, Матеја Матевски, Хјусто Хорхе Падрон, Десанка Максимовиќ, Булат Окуџава, Блаже Конески, Гилвик, Андреј Вознесенски, Генадиј Ајги и други...

Во пресрет на празникот на сесловенските просветители, на 24 Мај, кој се слави во Охрид како патронат на градот, поезија и песна ќе се изведат и на брегот на Охридското езеро покрај спомениците на Браќата Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и Григор Прличев.

Педесеттина златни грла од Хорот на ансамблот "Вања Лазарова" ќе одекнат, пеејќи познати македонски традиционални песни „Ја излези Ѓурѓо" на Стража, „На Струга дуќан да имам" во Струга, „По пат одам", „Железар", „Брала мома капини" и други во Охрид.

Хорот е под диригентство на маестро Лазо Трпковски - Ласко. /МИА

притисни ентер