Денес, српските здравствени власти пријавија 7.802 нови пациенти, и 7.726 пациенти во болниците, а 288 пациенти се на апарати за дишење. Како резултат на инфекцијата, 61 пациент починал во последните 24 часа.
Владата на Србија на денешната седница ги усвоила последните препораки на Кризниот штаб, кои ќе стапат на сила утре и подразбираат ново намалување на работното време на угостителските објекти.
Кафулињата, рестораните, баровите, ноќните клубови и сплавовите ќе бидат затворени од петок во 17 часот до понеделник во 5 часот наутро, без исклучок, а работното време од понеделник до петок ќе биде од 5 до 17 часот.
Испораката на храна ќе биде можна 24 часа на ден, додека трговските центри, продавниците за облека, обложувалниците, казината, игротеките за деца исто така ќе бидат затворени од петок во 17 часот до понеделник во 5 часот наутро.
Фризерските и салоните за убавина, салоните за нега, спортските сали, фитнес центрите, базените, бањите, салите за фудбал, кошарка и тенис или просториите за кој било друг рекреативен спорт, исто така, ќе бидат затворени за време на викендот.
Продавниците за храна, малопродажните места, како и киосците во кои што не се влегува при купување, можат да бидат отворени за време на викендите, но само до 21 часот.
Покрај аптеките, има исклучоци и за бензинските пумпи кои ќе работат нон-стоп, секој ден без ограничувања.
Рестораните и баровите кои се во хотел и приватно сместување можат да даваат услуги само и исклучиво на регистрирани и пријавени гости до 21 часот секој ден.
Ординациите и лабораториите кои обезбедуваат медицински услуги ќе бидат отворени цел ден, вклучително и за време на викендите.
Владата објави дека мерките се донесени со цел да се сведат социјалните контакти на апсолутен минимум, а спроведувањето на мерките ќе биде контролирано од инспекции и комуналната полиција.