ЗдравјеСпоред науката „виновник“ за дебелината не е само консумирањето преработена хранаВо последниве години, во научните кругови сè почесто се води дебата за тоа дали ултра-преработената храна (UPF) е навистина толку нездрава како што слушаме?Пред сè, дефиницијата за ултра-преработена храна е нејасна, а дали таа ќе доведе до зголемување на телесната маса зависи од нејзината густина на калории по маса храна, текстурата и нејзиниот „хипервкус“, кој се постигнува преку комбинирање на голема количина масти, сол и шеќер, кои од еволутивни причини се покажале како привлечни бидејќи во минатото биле дефицитарни, а исто така содржат високa енергетскa вредност. Пандемија на дебелина Се проценува дека денес околу три милијарди луѓе во светот се со прекумерна тежина или дебели. Според достапните податоци од Институтот за јавно здравје, уделот на возрасни лица во Македонија со прекумерна тежина во 2024 г. изнесувал 28,4%, што е двојно повеќе во однос на дебелината кај возрасните во 1990 г. Ризици од консумирање на ултрапреработена храна Големата потрошувачка на ваквите намирници е поврзана со зголемениот ризик од дебелина, кардиометаболни заболувања и предвремена смрт. Проблем со категоризација на храната За ултрапреработени намирници се сметаат индустриски сложени производи што содржат адитиви како што се емулгатори, ароми и шеќер, кои не се вообичаени за домашната кујна, но оваа дефиниција се смета за непрецизна, бидејќи ја игнорира хранливата вредност на тие производи и од неа не може да се разберат штетните последици на ултрапреработената храна врз здравјето. На пример, некои производи како што се млека на растителна база, протеински плочки и напитоци, производи направени од интегрални житарки за појадок, траен интегрален леб, тофу, замрзнат зеленчук, збогатените намирници и сл., може да бидат класифицирани како ултрапреработена храна зашто содржат адитиви, индустриски се произведуваат, но сепак може да бидат здрави и слични со храната приготвена дома. Затоа, многу научници веруваат дека класификацијата треба да биде појасна. Густина на калории, хипервкус и текстура Научниците сè повеќе истакнуваат дека ултра-преработената храна не е нужно штетна поради самите состојки, туку поради начинот на кој е дизајнирана, т.е. таа содржи премногу калории во мала количина, создава задоволство, а нејзината текстура е таква што се консумира пребрзо за мозокот да сигнализира ситост. Експерименталните докази ја поддржуваат оваа хипотеза. Преглед на литература објавен во „Nature Reviews Endocrinology“ наведува дека меката текстура, високата густина на калории и привлечните вкусови буквално поттикнуваат поголемо консумирање бидејќи ги попречуваат сигналите на мозокот да регулираат чувство на ситост. Истражување објавено во Nature Food покажува дека, кога храната има „добра“ комбинација од масти, шеќер и сол – она што го нарекуваме хипервкусно – мозокот реагира по принципот на награда и поттикнува да продолжиме да јадеме, честопати дури и кога веќе сме сити. Научниците сè почесто упатуваат на неврогастрономијата како алатка во проценката колку одделна храна предизвикува зависност. Неврогастрономијата е мултидисциплинарна наука која истражува како мозокот ги прима, толкува и реагира на вкусовите на храна и како овие процеси влијаат на нашите навики во исхраната. Од неодамна, ставот на научната заедница е дека постои зависност од храна, што е особено забележливо кај дебелите луѓе. Претходни истражувања покажале дека честата и зголемена консумација на слатка и масна храна може да биде поврзана со зависничко однесување, а ова е особено изразено кај дебелите луѓе. Како да се реши проблемот? Мозокот веројатно може да се научи да засака и поздрави избори, ако програмата за интервенција е доволно добро структурирана и ефикасна. Според истражувачите, покрај промените во исхраната, ваквите програми обично вклучуваат когнитивно-бихевиорален пристап кој се покажал како ефикасен. Самоконтрола, освестување на причините за погрешниот избор, паметен пристап кон исхраната се елементи што можат да се тренираат и на кои треба да се истрае ако сакаме да ги промениме навиките.Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
Шоу бизСрпски медиуми: Бака Прасе го исценирал сопственото приведување, следуваат кривични пријавиТврдењата дека маскирани лица го привеле јутјуберот Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, се лажни.Ова е утврдено по истрагата спроведена од Вишото јавно обвинителство во Белград и службеници од полициската станица „Савски венац“. Претходно, на профилот на Илиќ на Инстаграм се појави објава во која се тврди дека маскирани лица го однеле од неговиот стан. Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека ја објавил таа информација како дел од снимањето на видео кое планира да го објави на својот Јутјуб канал. Поради ширење паника преку лажни информации на Инстаграм, против него ќе биде поднесена кривична пријава до Посебното одделение за високотехнолошки криминал при Вишото јавно обвинителство во Белград. Пријавата се однесува на кривичното дело предизвикување паника и неред. Што содржеше објавата На профилот на Илиќ на Инстаграм беше објавено соопштение од неговиот тим, во кое се тврди дека тој бил приведен околу 06:00 часот наутро. Во објавата, потпишана од „Тимот на Бака Прасе“, исто така се наведува дека за ситуацијата бил известен и неговиот адвокат. Неговите соработници спомнаа и наводна поврзаност со „Алта банка“, тврдејќи дека Илиќ се доведува во врска со сомневања за перење пари. Оваа информација не е потврдена. Обвинителството нареди истрага Вишото јавно обвинителство во Белград претходно ѝ наложи на полицијата итно да ги провери тврдењата дека маскирани лица го однеле Илиќ од неговиот стан. Полициските службеници требаше да ја проверат информацијата на терен и да преземат други неопходни мерки за да утврдат што се случило. По извршените проверки, обвинителството и полицијата утврдија дека наводите се лажни. Извор: Индекс.хрТагови: Бака Прасе приведување Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
ЕвропаМерц ветува заштита на Евреите во Германија; антисемитизмот станува сè пораспространетФридрих Мерц изјави дека Германија се соочува со тест за својата посветеност кон заштитата на еврејската заедница.Тој ја опиша глетката на градинки и синагоги, чувани од вооружена полиција зад стакло отпорно на куршуми, како „ужасна“, пренесува Ројтерс. Мерц го изјави ова во говор во синагога во Минхен, на годишнината од „Кристална ноќ“ (Kristallnacht) во 1938 година – настан што послужи како вовед во Холокаустот и истребувањето на повеќе од шест милиони европски Евреи, спроведено од нацистите. Тој истакна дека антисемитизмот станал „распространет“. „Го гледаме и го слушаме на нашите улици, во нашите градови, во градовите на нашите европски соседи и ширум светот – во парламентите, клубовите и училиштата“, рече Мерц. „Токму затоа, ова е момент на вистината за паролата ’Никогаш повеќе‘, на која толку често се повикуваме“, додаде тој. Тој вети дека неговата влада ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го заштити еврејскиот живот, како во Германија, така и во странство. Исто така, ја потврди долгогодишната поддршка на Германија за Израел, нагласувајќи дека тоа е „дел од нашата историска одговорност“. Слични заложби за заштита на еврејските институции и борба против антисемитизмот претходно дадоа и претходниците на Мерц, Ангела Меркел и Олаф Шолц. Germany's Chancellor Merz: Antisemitism is once again omnipresent. Sometimes it is disguised in the language of anti-colonial liberation struggles or criticism of Israel. https://t.co/centhneh0V — Clash Report (@clashreport) November 9, 2026 Според годишниот извештај на организацијата „RIAS“, бројот на антисемитски инциденти драстично се зголемил по избувнувањето на војната во Газа во 2023 година. Минатата година биле евидентирани 8.725 вакви инциденти – повеќе од тројно во споредба со 2022 година – што изнесува просек од 24 случаи дневно. Палестински извори наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа. Нападите беа извршени откако борци предводени од Хамас убија приближно 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври 2023 година. „Срам за нашата земја“ Илзе Ајгнер, претседателка на Баварскиот покраински парламент, чувството на несигурност што го доживуваат многу Евреи во Германија го опиша како „срам за нашата земја“. Мерц претходно ја имаше предложено неа како конзервативен кандидат за функцијата претседател на Германија. „Кристалната ноќ“ претставуваше погром врз Евреите, кој започна на 9 ноември 1938 година, а вклучуваше убиства, грабежи и уништување имот. Името се однесува на скршеното стакло од уништените синагоги, продавници и домови, кое ги покривало улиците.Тагови: Фридрих Мерц Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
СветАмерикански претставник: Русија и Украина подготвени за компромис околу територијатаВо неофицијални разговори, Русија и Украина покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијата, во пресрет на новите мировни преговори што започнуваат утре во Абу Даби.Ова го изјави американски претставник запознаен со подготовките за разговорите, додавајќи дека, за првпат, Вашингтон забележува искрена желба од руска страна за ставање крај на војната, пренесува Ројтерс. „За првпат имам впечаток дека гледаме вистинска желба од руска страна сето ова да се приведе кон крај“, рече претставникот, кој ги информираше новинарите под услов да остане анонимен. Што ќе се случи со окупираните територии? Според претставникот, двете страни приватно покажуваат одредена флексибилност во однос на можна територијална размена. Сепак, тој нагласи дека каков било договор за територијата веројатно би се постигнал дури на крајот од преговорите, откако ќе се постигне консензус за другите прашања. Територијалните прашања досега беа една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Украина инсистира на враќање на нејзините меѓународно признати граници, додека рускиот претседател Владимир Путин бара контрола врз целиот регион Донбас. Американскиот претставник не откри какви територијални отстапки би можеле да направат Москва и Киев. Неговите изјави во оваа фаза не значат дека е постигнат договор, ниту пак дека некоја од страните официјално ги променила своите барања. Вашингтон смета дека прво треба да се договори безбедносен аранжман за периодот по војната. Дури потоа би имало простор за конечен договор во однос на територијата. Безбедносни гаранции за Украина Една од главните теми на преговорите ќе бидат безбедносните гаранции за Украина. Се разгледува можноста за заштита слична на онаа од Членот 5 од Договорот на НАТО, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите членки. Таков модел би требало да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции по евентуалниот мировен договор, но засега не е познато како би функционирал тој, ниту кои земји би презеле конкретни обврски. Американскиот претставник нагласи дека договорот за повоената безбедносна архитектура ќе биде клучен за решавање на територијалните прашања. Американското посредување во Абу Даби ќе го предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Преговорите треба да траат два дена, почнувајќи од вторник. Претставник на САД изјави дека постои можност Виткоф и Кушнер, по завршувањето на разговорите, да отпатуваат во Русија на средба со Путин. Ваквата посета сè уште не е потврдена. Во Вашингтон постои умерен оптимизам дека разговорите би можеле да доведат до напредок, иако американската страна признава дека за постигнување договор ќе биде потребно време. Во последните месеци, Трамп ги засилува дипломатските напори за ставање крај на војната, притоа често укажувајќи на тешките човечки жртви на двете страни од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Извор: Индекс.хрТагови: русија украина Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook