Спасовски и Стефановиќ потпишаа три договори за соработка

Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Србија, Оливер Спасовски и Небојша Стефановиќ, во присуство на вицепремиерот Бујар Османи потпишаа билатерални договори за отворање заеднички граничен премин Лојане-Миратовец.

Потпишани се договори и за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и против криумчарење мигранти.

Справувањето со организираниот криминал и облиците на тероризам, кои важат како предизвици во денешно време за најсериозен проблем со кое се соочува секое општество, како и хибридните закани, биле меѓу темите за кои разговарале на денешната средба министрите за внатрешни работи на двете држави.

ГП Лојане – Миратовец, информираа на заедничката прес-конференција по работната средба министрите Спасовски и Стефановиќ, во почеток ќе функционира како премин за локален сообраќај, а по исполнување на условите и како заеднички ГП за меѓународен патен сообраќај.

Во борбата против организираниот криминал во широка смисла, информира министерот Стефановиќ, е договорена побрза и подобра координација на криминалистичките полиции, затоа што, подвлече, двете земји имаат одлична полициска соработка, но контактот меѓу криминалистичките полиции можат да бидат уште подобри во однос на шверцот на наркотици и против организираните криминални групи кои постојат во регионот.

Во однос на хибридните закани кои добиваат во интензитет во овој период, како што нагласи министерот Спасовски, имајќи предвид лажни вести, пропаганда и се друго што се сервира пред граѓаните, мора да се бара решение како да се справуваме со овие прашања.

– Посебно би ги истакнал лажните вести, кои навистина можат да креираат состојби сценарија… кои придонесуваат немир кај граѓаните и тоа е нешто на што сме длабоко посветени, да создадеме механизми, да направиме законски промени ако е потребно, со цел да имаме можности од вакви хибридни закани, рече Спасовски.

На прес-конференцијата министерот Спасовски информираше дека во однос на мигрантскиот тек во оваа година има зголемување на обидите за премин на грчко-македонската граница.

– Имаме успешно спречени околу 21 илјада мигранти кои се обиделе да бидат на територијата на РС Македонија. Се појавува една состојба сега и на влез на државјани на Куба, кои влегуваат од Србија према земјава и сакаат да преминат на грчка граница, меѓутоа тоа е мал број мигранти. Најголем е процентот на јужната граница и токму заради тоа паралелно со таквите обиди се појавуваат и криумчарењето на мигранти, рече Спасовски.

Додаде дека паралелно се работи и на откривање организирани криминални групи, кои работат на криумчарење на мигранти, а досега има 68 такви случаи на разбивање криминални групи во нашата држава. Има околу 80 сторители, посочи, и околу 1.300 криумчарени мигранти, фатени на територијата на Македонија.

Вицепремиерот Османи потенцира дека ГП Лојане-Миратовец е првиот конкретен резултат од средбата на лидерите на Охридскиот самит и информира дека објектот на ГП ќе го финансира Норвешката влада и други меѓународни партнери. За Граничниот премин Белановце-Станчиќ, Османи посочи дека од наша страна веќе сме подготвени за стартување, се чека, истакна, еден телекомуникациски кабел преку кој косовската полиција треба да ги поврзе своите компјутери со дата базата. Се очекува, рече тој, многу брзо да почне да функционира.

Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

ЦУК: Осум пожари на отворено во изминатото деноноќие

Во последното деноноќие се евидентирани осум пожар на отворен простор, а активни утрово нема. Горела ниска вегетација, депонии и ѓубришта, соопшти ЦУК.

По еден пожар на отворено имало во село Трубарево (ниска вегетација), зад терминалот на влезот во Струмица (ѓубриште) и кај пробиштипското село Неокази (трска). Во Општина Ѓорче Петров имало два, кај „Стопански двор“ (ниска вегетација) и кај „Обиколница Волково“ (ниска вегетација). Три пожари на творено имало во Општина Кочани - горела градската депонија, кај месноста „Монополски Бавчи“ (ѓубриште) и кај местото „Игралиште“ во Кочани (ѓубриште).

Танц парада и мини концерт во Струга по повод Светскиот ден на танцот

Со танц парада и мини концерт на отворено, под мотото „Струга танцува“ студиото за танц „Бах“ денеска по четврти пат ќе го одбележи Светскиот ден на танцот - 29 април.

Тања Бах, кореограф и идеен творец на студиото за танц информира дека членовите на „Бах“ ќе тргнат од центарот за култура „Браќа Миладиновци“, покрај кејот на реката Црн Дрим ќе продефилираат низ Струшката чаршија, а потоа ќе одржат концерт во Паркот на поезијата.

-Танц парадата е еден креативен начин да го одбележиме Светскиот ден на танцот. Парадата е нашиот придонес во културните настани во градот на мостовите. Ќе приредиме едно вистинско уживање за публиката и на за нас својствен начин ќе потсетиме за физичките и психичките придобивки од танцувањето, изјави Бах.

Во Паркот на поезијата, додаде, 100-тината членови на „Бах“ ќе ја продолжат танцовата традиција во Струга.

Светскиот ден на танцот за прв пат е прославен на 29 април 1982 годинаа, оттогаш, секоја година на овој ден ширум светот се читаат меѓународни и национални пораки за танцот. Оваа иницијатива ја покрена Меѓународниот одбор за танц на Меѓународниот инститиут за танц на УНЕСКО, а го избра денот според роденденот на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите танцови реформатори, Жан Жорж Новер. /МИА

притисни ентер