Состанок за регулативата за проектирање со еврокодови

 Во Стопанската комора на Македонија денеска ќе се одржи состанок за презентација на регулативата  на Европската унија која ги обврзува проектантските и градежните компании да започнат со проектирање со еврокодови од 1 септември годинава.

На состанокот ќе учествуваат претставници на Здружението на градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Градежниот факултет при УКИМ.

-Целта е да се презентира важноста и итноста на обуките кои се организираат во оваа насока, бидејќи на ваков начин градежните компании наскоро би се соочиле со конкуренција од странски компании на домашниот пазар, а воедно би можеле да го изгубат и пазарот надвор од земјата, инфорира Стопанската комора.

Предвидени изјави за медиуми од Кристинка Чулак, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ и Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите. /МИА

Мицотакис: Ги предупредуваме нашите северни соседи, не почнавте добро

Ги предупредуваме нашите северни соседи, не почнавте добро, престанете да правите сметка без крчмарот.

Порака и предупредување до Скопје и Тирана испрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на состанокот на пратеничката група на Нова демократија, велејќи дека „прават сметка без крчмарот“, јави дописничката на МИА од Атина.

За нашата земја, односно како што рече за северните соседи, Мицотакис посочи дека има прекршување на меѓународното право и обврските од меѓународните договори, а индиректно упати критики и до опозициската СИРИЗА.

-Во однос на оние кои и денес на различни настани и конференции продолжуваат да го величаат договорот што има многу проблеми, нека го видат актуелното однесување на Скопје, во актуелното однесување на Скопје нека ги видат нивните проблематични експерименти. Тоа се стапици за кои одовде од говорницата имавме предупредено. Како што и сега ги предупредуваме нашите северни соседи со едноставни и јасни зборови: Не почнавте добро, прекршувајќи го и меѓународното право и вашите обврски што произлегуваат од меѓународни договори. Престанете да правите сметка, без крчмарот, рече Мицотакис нешто што беше проследено од аплауз од пратениците на Нова демократија, а во продолжение додаде дека ова важи и за Албанија, по вчерашната одлуката на судот за затворската казна за Фреди Белери.

На односите со нашата земја се осврна и министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за синоќешното централно издание на вестите на кипарската телевизија „Антена“, кога ги повтори грчките позиции.

Одговори на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој во интервјуто за ТВ 24, во понеделникот коментирајќи ги ставовите на Герапетритис рече дека „човекот или не го разбира Преспанскиот договор или погрешно го чита“.

-Името на соседната земја е С.Македонија за севкупна употреба ерга омнес и во внатрешноста и надвор. Очигледно е дека е вон реалноста, вон логиката и вон меѓународното право, личностите кои имаат јавни позиции, во својот јавен говор да користат друго име од она што е предвидено во меѓународното право и националниот Устав. Па така, во овој случај добро би било, бидејќи ова очигледно е поврзано со патот на С.Македонија кон европското семејство, да се почитуваат договорите, да се почитува владеењето на правото и пред сè да се почитува Уставот на самата земја, рече шефот на грчката дипломатија.

Поднесена кривична пријава против Самка Ибраимовски за закани и повици за насилство кон судија

Поднесена кривична пријава против Самка Ибраимовски за закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Самка Ибраимовски за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ откако на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд.

Од МВР денеска информираа дека целосно го расчистиле случајот пријавен до Секторот за компјутерски криминал на 24.06.2024 од страна на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, кој пријави закани по животот и безбедноста на судија на Уставен суд упатени од С.И. преку социјална мрежа.

- Веднаш по добиената пријава, МВР презеде соодветни мерки и беше извршен службен разговор со С.И. во СВР Тетово. Денеска (26.06.2024) Секторот за компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.И. (69) за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ чл.144 ст.5 предвиденo и казнивo според Кривичниот законик. Пријавениот С.И. на својот фејсбук профил упатил сериозни закани и повици за насилство кон судија на Уставниот суд, информираат од МВР.

Борисов: Договорите, особено меѓународните, мора да се почитуваат

Договорите, особено меѓународните и вклучени  во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат, изјави денеска лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов.

Договорите, особено меѓународните и вклучени во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат, изјави денеска лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов, коентирајќи ја изјавата македонскиот премиер Христјан Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ.

Борисов вели дека и покрај добрите односи меѓу него и партнерите во ЕУ, договорите мора да се почитуваат.

- Какви било толкувања не се добри за колегите од Македонија. Без нашата и поддршката на Грција, РСМ нема шанси за ЕУ. Сега треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, сега веќе не можат да се потпрат на неа, смета Борисов.

Тој нагласи дека ќе иницира средба со Мицкоски доколку формира влада и повторно стане бугарски премиер.

притисни ентер