Сослушан сведок на рочиштето за „Титаник", следното на 20 ноември

Со сослушување на сведок вработен во Полициска станица Ресен, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник".

Сведокот Агрон Кранлиевски, на прашање од обвинителката Лиле Стефанова, рече дека од 2012 година му биле дадени за вршење на проверки повеќе од 100 луѓе на три адреси.

– Во 2012 година добив од 40 до 45 барања за проверка на адреса на Љупчо Поп Ѓошев. Во првиот обид ниту еден не беше пронајден. Потоа кај Станојковиќ во стан добив проверка на 20 до 25 луѓе, а кај Сандре Темелковски, на улица Коле Неделковски имаше околу 20 до 30 луѓе. Во прв обид не беше пронајден никој, рече сведокот.

Потоа од старешините, рече сведокот, им било речено да направат уште два до три обиди на истите адреси, но повторно неуспешно.

– Потоа, при увид во Избирачки список видов 78 лица, за кои имам пишано негативно, дека не се пронајдени на адресата на живеење, изјави сведокот.

Нагласи дека дневно во ПС на сликање доаѓале по околу 50 луѓе.

– Од командирот Милорад Георгиевски, добивме наредба тие луѓе да ги извадиме надвор на паркинг на полициската станица. Во разговор со нив, тие кажаа со пасошите во рака дека се пратени да се сликаат од градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, рече сведокот.

На прашање од одбраната дали проверката ја вршел сам, сведокот потврди и посочи дека тоа е вообичаена постапка.

Прашан од Илија Димовски, дали луѓето од Пустец што доаѓале во ПС Ресен веќе имале пасоши од РМ, пред да дојдат и побараат лични карти, сведокот рече да.

На прашање од Гордана Јанкулоска дали пристапот до изводот од Избирачкиот список му бил овозможен од некој од кандидатите за градоначалник, сведокот рече не.

Прашан од Едмонд Темелков, дали познава со име и презиме некои од луѓето пред ПС Ресен, сведокот одговори не.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.

Следното рочиште е закажано за 20 ноември, за кога треба да бидат сослушани четворица сведоци.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник" обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Случајот го отвори СЈО, за потоа да го преземе државното Јавно обвинителатво, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер