Сопругата постојано се жалела на погледот од домот – тој ѝ изградил куќа што се врти! - Канал 5

Сопругата постојано се жалела на погледот од домот – тој ѝ изградил куќа што се врти!

Самоукиот мајстор од Србац инспирацијата ја пронашол кај Тесла и Пупин, собирал делови од отпад, а денес градителите што некогаш му се потсмеваа доаѓаат да му се восхитуваат.

Сопругата постојано се жалела на погледот од домот – тој ѝ изградил куќа што се врти!

Додека повеќето луѓе би го преместиле мебелот или би ги промениле завесите, Војин Кушиќ од Србац, Босна и Херцеговина, решил да направи нешто што ретко кој би го замислил – изградил куќа што ротира околу својата оска, за неговата сопруга секогаш да може да го избере погледот што најмногу ѝ се допаѓа.

„Се уморив од нејзините поплаки и постојаното преуредување на нашата семејна куќа, па ѝ реков: Ќе ти изградам куќа што ќе можеш да ја вртиш како што сакаш“, изјавил Кушиќ за Ројтерс во 2021 година. Неговата необична приказна тогаш го обиколи светот.

Од постојано рушење ѕидови до неверојатна идеја

По изградбата на семејната куќа, сопругата не била задоволна од распоредот на просториите. Војин прво рушел и преградувал ѕидови на горниот кат, потоа и во приземјето, но промените никогаш не биле доволни.

Тогаш добил идеја која целосно му го променила животот – да изгради куќа што ќе може да се врти.

Кога им ја претставил идејата на градежници и проектанти, никој не сакал да се впушти во таков проект. Наместо да се откаже, решил сам да ја реализира.

фОТО: youtube/PIXSELL

Куќа што за 22 секунди го менува целиот поглед

Куќата е изградена во рамнината кај вливот на реката Врбас во Сава и може да ротира со различна брзина.

При најбавното движење прави цел круг за 24 часа, а при најбрзото – за само 22 секунди.

Тоа значи дека за неколку моменти погледот може да се смени од полиња со пченка, кон шума, па кон река.

Бидејќи и влезната врата ротира заедно со куќата, Војин на шега вели дека, ако пристигнат непосакувани гости, доволно е само да ја свртат куќата на другата страна.

Целата куќа ја носел во својата глава

Најневеројатниот дел од приказната е што Војин никогаш не направил проект на хартија. Целиот механизам го осмислил во својата глава.

Кога поради срцеви проблеми завршил во болница, го замолил лекарот да му помогне да издржи барем уште една година.

„Ако се исклучи компјутерот во мојата глава, никој нема да знае како да ја доврши куќата“, рекол тогаш.

Изградбата траела околу шест години. Многу делови пронашол на отпад, а механизмот за ротирање, според регионалните медиуми, користи валјаци од воен транспортер.

фОТО: youtube/PIXSELL
Инспирацијата ја пронашол кај Тесла и Пупин

Кушиќ вели дека отсекогаш му се восхитувал на Никола Тесла и Михајло Пупин. Бидејќи пораснал во сиромашно семејство и немал можност за високо образование, самиот научил да конструира и поправа различни механизми.

„Ова не е некаква голема иновација. Потребни се само волја, знаење и многу трпение“, вели скромно.

Иако можел да ја патентира својата идеја, решил тоа да не го направи. Наместо тоа, со задоволство ги пречекува сите што сакаат да ја посетат неговата необична куќа и да видат како функционира.

А сопругата, која несвесно ја инспирирала оваа необична градба? Таа никогаш јавно не ја коментирала куќата. Очигледно, некои работи остануваат само нејзина тајна.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Барселона во јануари ќе се обиде да ангжира двајца дефанзивци

Шпанскиот фудбалски шампионБарселона би можела да се обиде да ја засили одбраната за време на јануарскиот преоден рок, при што десниот бек на Тотенхем, Педро Поро, се издвојува како главна цел на каталонскиот гигант. 

Барселона во јануари ќе се обиде да ангжира двајца дефанзивци

Според новинарот на „Мундо Депортиво“, Роџер Торело, раководството на клубот не ја исклучува можноста за ангажирање и на централен дефанзивец и на бек, доколку на пазарот се појави соодветна можност.Според англиските медиуми, Хрватот Гвардиол исто така е една од желбите на Барса.

Тренерот Ханси Флик моментално се соочува со сериозни проблеми во одбранбената линија, предизвикани од повредите на Ерик Гарсија, Андреас Кристенсен и Жил Кунде.

Ситуацијата во одбраната стана уште позагрижувачка по поразите од ПСЖ и Реал Мадрид.

Барселона во моментов остана само на Пау Кубарси и Жерард Мартин како единствени опции на позицијата централен дефанзивец.

Сепак, засега ангажирањето на 27-годишниот шпански репрезентативец Поро во јануари ќе биде исклучително тешка задача, со оглед на тоа што Тотенхем летово потпиша нов договор со него, обврзувајќи го на верност кон клубот од Лондон сè до 2031 година.

Според тоа, летниот преоден рок се чини како многу пореален период за реализација на овој голем трансфер – под услов Каталонците да успеат да ги обезбедат потребните финансиски средства.

Пред да испрати каква било официјална понуда, Барселона ќе мора да обезбеди средства преку продажба на постоечки играчи, за да не го загрози буџетот на клубот.

Иако Поро е означен како примарна цел за позицијата десен бек, во моментов нема официјален договор, ниту пак е испратена понуда до англискиот клуб. Одлуката на управата и спортскиот сектор ќе зависи од развојот на ситуацијата со повредените играчи, како и од финансиските можности на клубот во наредните месеци.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Видео: Неверојатна тепачка во НХЛ

Натпреварот помеѓу Винипег Џетс и Флорида Пантерс понуди вистински хокеарски спектакл, но главна атракција беше жестокиот судир меѓу „тешкашите“ Тајрел Бауер и Бокондџи Имама.

Видео: Неверојатна тепачка во НХЛ

Двајцата исклучително силни играчи ги фрлија ракавиците уште на самиот почеток од првата третина, приредувајќи им на гледачите неверојатна тепачка која траеше повеќе од една минута.

Во физичката пресметка хокеарите разменија на тешки удари, овој нивни судир секако ќе биде сериозен кандидат за титулата „најдолга и највозбудлива тепачка“ во досегашниот тек од сезоната во НХЛ.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Хамнеи ја зголеми борбената готовност: Иран се подготвува за можен нов судир

Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, им нареди на воените команданти да ги ажурираат своите листи со цели и да ја подобрат одбраната, со порака веднаш и ефикасно да одговорат на секоја закана.

Хамнеи ја зголеми борбената готовност: Иран се подготвува за можен нов судир

За време на состанокот со високи воени команданти, Хамнеи нагласи дека високото ниво на борбена готовност за силен одговор кон противниците е еден од клучните предуслови за постигнување максимално одвраќање.

„Доколку непријателите повторно извршат воени или терористички напади, вооружените сили на Исламската Република и иранскиот народ ќе ги одредат времето и условите за нивниот крај“, изјави Хамнеи, според иранската новинска агенција ИРНА.

Според него, ажурирањето на списокот со цели треба да овозможи различни материјални и нематеријални ресурси на Соединетите Американски Држави и Израел да бидат во дофат на иранските вооружени сили.

Хамнеи, исто така, укажал на потребата од зајакнување на воено-разузнавачката инфраструктура, подобрување на одбранбените и безбедносните капацитети преку примена на нови технологии, како и развој на домашните воени капацитети во однос на доктрината и тактиката.

Зборувајќи за состојбата во регионот, тој ја пофалил, како што се наведува, истрајноста на „фронтот на отпорот“ во различни земји, оценувајќи дека единството на неговите членови има стратешко значење за обликување на нов политички и безбедносен поредок во Западна Азија.

Пораките на Хамнеи доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран, придружени со постојани закани од страна на САД за можни нови воени напади по изборите за американскиот Конгрес на 3 ноември.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер